МК Сцена
ГРИН БИЧ: „Фестивалот дефинитивно се сели од Охрид!“
Green Beach Festival се сели од Охрид. Дефинитивно!
И покрај сите напори да најдеме човечка, законска, професионална комуникација со сите инволвирани административни органи и тела, дојде време да си кажеме ЗБОГУМ ОХРИД!!!
Лични волји, фрустрации и толкувања на непостоечки закони, нѐ принудуваат веќе втора година да се срамиме пред сите вас, посетители и изведувачи, оние кои најмногу ни значат. Забавата на Green Beach Festival ја скратија, но не ја уништија благодарение на сите артисти кои настапија и приредија епско доживување кое ќе се памети уште многу долго.
Два дена поминавме заедно со илјадниците посетители кои доаѓаат и ги поминуваат овие денови во Охрид само поради овој настан, заедно и со артистите чие гостување е престиж за секоја земја, онаму каде се препознаени величината и значењето на ваквите фестивали, заедно и со стотиците луѓе ангажирани за продукцијата на настан од овој калибар реализиран по сите светски стандарди… и на сите нив им благодариме!
Од утре сме во потрага по нова локација која ќе ја објавиме до Нова Година. Бараме простор со позитивна енергија, разбирање, место, град, село, планина, нива со волја и желба да посакаат добредојде на 7-10.000 гости. Место за најголемиот фестивал на електронската музика кај нас, без уцени и небулозни ограничувања, со потенцијален камп простор и незагаден партиски воздух. Ако имаме и среќа да налетаме на нормална локална самоуправа, полиција, место без шерифи и каубојци, ќе нѐ биде во најдобро можно светло!!!
Сами од нула издигнавме фестивал по светски стандарди кој денес е најголемиот фестивал на електронската музика кај нас, и тоа осум години без селски и национални привезоци, низ кои независно и гордо ги претставивме врвните светски музички артисти како Sven Vath, Richie Hawtin, Armin Van Bureen, Paul Van Dyk, Carl Cox, Dubfire, Fedde Le Grand, Black Coffee, Roger Sanchez, Ame, James Zabiela и многу други. Во средина каде што надлежните немаат капацитет да направат разлика помеѓу кафе-бар, државен панаѓур и реномиран музички фестивал, помеѓу „певаљка“ и светски музички легенди, помеѓу перверзни шерифски игри и закон, правила, професионалност, ние независно правиме фестивал каков што други земји плаќаат за да им се случи.
И покрај сите предизвици Green Beach се одржува редовно секоја година и со сѐ она што го има зад себе е почитуван и од страна на најголемите имиња во светската електронска сцена, оние кои поради Грин Бич Фестивал секоја година на своите официјални фан-страници со милиони следбеници го промовираат Охрид како дестинација на која неочекувано ја доживуваат единствената енергија која го одбележува овој настан.
Фала ви на сите за досегашната поддршка, плажа Парк, вработениот тим, сите добронамерници, инволвирани и сите што бевте на било кој начин дел од нашиот фестивал и кои придонесовте за Green Beach секоја година да се каже дека е No.1 Summer Party!
Се извинуваме што ве излажавме за ветеното изгрејсонце, но наскоро над Green Beach ќе светне ново издание во најдобро можно светло.