МК Сцена
Хит-мјузиклот Монти Пајтон Спамалот е целосно распродаден!
На помалку од 4 недели пред одржувањето, распродадени се сите билети за ексклузивната изведба на хит-мјузиклот Монти Пајтон Спамалот во Скопје!
Музичката комедија базирана на филмот „Монти Пајтон и Светиот Грал“ и еден од најпопуларните бродвејски мјузикли досега, на 27-ми ноември прв пат ќе биде одигран пред македонската публика, во рамки на Таксират Фестивал. Станува збор за вистински театарски феномен кој за само пет години од поставувањето на бродвејскиот репертоар освои 2 милиони луѓе во 25 држави ширум светот.
Со врвна светска продукција каква што досега не сме виделе на театарските сцени во регионов и во изведба на извонредниот ансамбл од Србија, конечно и македонската публика ќе има привилегија за целовечерно ужување во Пајтоновскиот хумор на спектакуларен начин.
Мјузиклот „Спамалот“ во Скопје доаѓа со импресивна актерска и танчерска екипа, во досега невиден состав. Токму за овој мјузикл, српската актерска легенда Никола Којо по 20 години се враќа под театарското светло преку ликот на Крал Артур, а со него на сцената брилираат и Никола Ѓуричко, Срѓан Тимарев, Гордан Кичиќ, Дејан Луткиќ, Мирољуб Турајлија, Иван Марковиќ и славната Јелена Јовичиќ која неодамна ја восхити македонската публика и со главната улога во мјузиклот „Мама Миа“. Како режисер на мјузиклот се потпишува Радослав – Рале Миленковиќ.
Популарниот мјузикл ексклузивно ќе биде одигран во Скопје, на 27 ноември 2016, во реновираната сала на Македонска Опера и Балет.
– Проектот „Спамалот“ е единствен музичко-сценски спектакл кој по прв пат на овие простори, на публиката ѝ овозможува да ужива во врвната светска продукција. Собравме екипа од повеќе од 100 луѓе кои го чинат актерскиот, балетскиот, хорскиот и оркестарскиот ансамбл, како и поголем број на надворешни соработници од областа на уметничките и сценските активности. Овој мјузикл е одлична прилика за сите љубители на Монти Пајтон и добриот хумор да дојдат и заедно со нас да уживаат во светски познатиот музичко-сценски спектакл – изјавуваат од Proscenium Productions, кои стојат зад продукцијата на овој мјузикл.
Оригиналната Бродвејска продукција е направена во 2005 година, кога и „Спамалот“ веднаш ја доби „Тони“ наградата за најдобар мјузикл, како и уште две „Тони“ награди, Сара Рамирез за улогата на Дамата од Езерото и Мајкл Николс за најдобра режија на мјузикл. На тоа доделување, „Спамалот“ беше номиниран за вкупно 14 „Тони“ награди.
Мјузиклот изобилува со традиционален британски хумор и во препознатливиот Пајтоновски манир ја извртува реалноста на комичен и саркастичен начин, кој е невозможно да ве остави рамнодушен. Приказната е базирана на книгата на Ерик Ајдл, оригиналниот член на групата Монти Пајтон, а која има своја основа во сценариото за филмот „Монти Пајтон и Светиот Грал“. Композитори на музиката се Џон Дупре и Ерик Ајдл.