ХОЛИВУДСКИ ЛЕГЕНДИ: Мерлин Монро
,,Ниту една личност или студио не направија од мене sвезда – тоа го направи публиката”
Родена да глуми, полна со оптимизам, станува холивудски секс симбол и одлична актерка, мит уште за време на турбулентниот живот. Патот до успехот на платинестата убавица не бил поплочен со пријатни моменти. Борбата да се докаже како сериозна актерка ја турка во психичка лабилност, зависност од мажи, апчиња и прерана смрт.
Родена како Норма Џин, на 1 јуни 1926 година во Лос Анѓелес, од мајка Гледис Бејкер која два пати се мажела, но поради безброј авантури не знаела кој е таткото на Мерлин. Ја остава во семејството Болендер, пријатели на нејзината душевно болна мајка,(баба на Мерлин) за да се врати на работа како филмски монтажер. Успева да заштеди пари за мала куќа и ја зема Мерлин на 6 години. Заедничкиот живот е полн со стресови за малата Норма, која сфаќа дека покрај баба има и психички растроена мајка, тегобност која како сенка ќе ја следи до крај на животот, полн со успеси но и душевни страдања. Расте во атрактивна девојка, а на 16 години се мажи со 21 годишно момче од соседството. Набргу сопругот заминува на фронт, во воена морнарица на Пацификот против Јапонците.
Мерлин работи во фабрика за авио делови, заедно со свекрва ѝ, каде еден ден доаѓаат новинари да направат репортажа за работничките. Привлечени од убавата Норма ѝ прават успешни фотографии кои ќе ги види сопственичка на агенцијата за модели и така почнува нејзината кариера како ,,пин-ап” девојка. Нејзината убавина станува сѐ пораскошна, магнетски привлекува погледи и на мажи и на жени.Фотографиите ги забележува мултимилионерот Хауард Хјуз, пилот, режисер и директор на филмска компанија. На 26 август 1946 година добива понуда од ,,20th Century Fox” , промена на името од Норма Џин во Мерлин Монро, од бринета блондинка и 20 долари неделен хонорар. Се разведува, добива прва споредна улога во филмот,,Шокантна госпоѓица Пилгрим”, следува филмот ,,Опасни години”.
Популарноста расте како и бројот на мажите, го школува гласот, учи глума, а во филмот на браќата Маркс ,,Среќна љубов” ќе остане запаметена по оној заносен чекор со разнишани колкови. За педесет долари му позира гола на Том Кели за календар, што ќе ѝ ја крене популарноста ( подоцна фотографиите ги откупува Хју Хефнер за Плејбој). Во љубовна врска е со врвниот агент Џони Хајд, кој се разведува и купува вила за да живеат заедно, но Мерлин за него ќе каже: ,,го сакам но не сум вљубена”. Нема да се венчаат, а пред да умре од инфаркт ќе ѝ ги остави улогите во филмовите ,,Џунгла на асфалт” и ,,Сѐ за Ева”. Мажите ѝ се потпора, помош во кариерата, потреба и сигурност – недостаток на татковска грижа и често влегува во врски со постари мажи. Зрее како актерка, учи глума од најдобрите, внукот на славниот руски писател Чехов и Наташа Лајтес, нејзина лична учителка по глума која ќе ја следи осум години влевајќи ѝ самодоверба. Но сѐ помалку ја има, и во љубовниот живот и во кариерата и покрај пофалбите од врвен режисер како Ли Стразберг ( ќе ги издвои со Марлон Брандо како исклучителни холивудски актери). Се вљубува во познатиот писател Артур Милер кој е во брак, влегува во врска со познатиот безбол играч Џо Ди Маџио, снима филмови, доцни на проби, пие таблети за спиење. Со филмовите ,,Нијагара” и ,,Мажите повеќе сакаат русокоси” станува актерка од А- листата на најдобрите (познати се отпечатоците од нејзините и дланките на Џејн Расел пред Громановата кино сала).
Се мажи за Џо Димаџио кој ја сака и почитува, но нема да го надмине моментот кога воздухот од подземна железница ѝ го крева фустанот – култна фотка но и причина за развод за време на снимање на филмот ,,Седум години верност”. Ја обновува врската со бившиот љубовник, писателот Артур Милер, кој се разведува и жени за Мерлин (сѐ позависна од таблети како замена за сон и смирување стресови од професионалните ангажмани). После повеќе абортуси, лекови и алкохол, кога ќе посака да стане мајка, во бракот со Милер, нема да може. Три пати ќе има спонтани абортуси, што уште повеќе ја депримира. Покрај нервната растроеност, почнува со филмот ,,Некој тоа го сака жешко” , но во текот на снимањето ќе им оди по нерви на тимот и актерите поради неодговорно доцнење, прекинување на снимањето и деконцентрација. Покрај потешкотиите филмот доживува успех промовирајќи го имиџот на ,,празноглава плавуша”.
Влегува во афера со актерот Ив Монтан (кој е во брак со Симон Сињоре и пријател со Артур Милер) за време на филмот ,,Ајде да се сакаме”. Доволна причина за развод на бракот со Артур Милер, додека Ив Монтан останува со Симон Сињоре.Трет развод, сѐ почести терапии на клиника поради што последниот нејзин филм ,,Неприлагодени” ќе го пробие буџетот заради доцнење. Во 1961 година, со дијагноза на тешка депресија прима терапија на душевна клиника – ја стасува болеста на мајка ѝ и баба ѝ.
Следната година продолжува со снимање на филмот ,,Нешто мора да се даде” кој нема да го доврши. Нема да дојде на закажаното снимање на 19 мај, заради роденденот на претседателот на Америка Џон Кенеди, кому ќе му ја испее роденденската песна со заводливо шепкање, додека цела Америка гласно ќе шепка за нејзината врска со браќата Кенеди.
Последен ќе ја види нејзиниот психијатар д-р Гринсон кој ќе ја посети дома на 4 август и ќе си замине во 19ч. Слугинката во 03ч ноќта ја наоѓа неподвижна во кревет и му се јавува на докторот, кој ја наоѓа веќе оладена со телефонска слушалка во рака. Во неговиот извештај било запишано дека смртта настапила поради прекумерна доза на апчиња. Погребот на 8 август 1962 година ќе го организира бившиот сопруг Џо Димаџио само за потесен круг блиски пријатели. Многу недокажани претпоставки околу трагичната смрт сѐ уште живеат како митови за најголемиот секс симбол од минатиот век. Актерка која ќе биде најуспешна во романтични комедии, ќе остави зад себе 30 филмови.
Раскошна убавица, посакувана од многу мажи, а ниту еден нема да ја усреќи. ,,Големи гради, голем задник – голема работа! Зарем не можам да бидам нешто друго?”