Хуманост
Празнични активности на волонтерите на Црвен крст Центар (ФОТОГАЛЕРИЈА)
Општинската организација на Црвен крст Центар особено внимание посветува на проектите кои се реализираат со Детската клиника – Скопје.
Соработката започна со проектот „Зошто сум во болница“, кој веќе три години има успешна реализација, проектот за обезбедување на постелнина и перници за 220 легла на клиниката и проектот со кој ќе ја заокуружиме 2016 година, 100 наткасни за кревети.
Но, ништо од ова не би било можно да се реализира доколку не се обезбедат донатори за истите. Благодарение на одличната повеќегодишна соработка со организацијата „The church of Jesus Christ of latter-day saints“, кои несебично се залагаат заедничките проекти со Општинската организација на Црвен крст Центар, успешно да се реализираат благодарение на нивната финансиска поддршка.
Донацијата од 100 наткасни за болнички кревети, беше предадена на Детската клиника во текот на вчерашниот ден и истите беа распоредени на сите оддели на Детската клиника. Волонтерите од Клубот на млади заедно со донаторите помогнаа при нивната дистрибуција.
Новогодишните празници беа повод и за уште една средба со дечињата хоспитализирани на Детската клиника. Традиционално и оваа година градоначалникот на Општина Центар, г-дин Андреј Жерновски донираше пакетчиња за децата сместени на одделите за онкологија и хематологија. За веселата атмосфера и присуството на Дедо Мраз, повторно се погрижија волонтерите на Клубот на млади на Општинската организација на Црвен крст Центар.