МК Сцена
И ПОКРАЈ ЗАБРАНАТА НА ЗАМП: Најавен деветиот по ред Македонски радиски фестивал – МАРС 2016
Македонскиот радиски фестивал – МАРС 2016 ќе се одржи на 21 ноември 2016 година во МОБ – Скопје. КЦ Александар Македонски се јавува како организатор и продуцент на фестивалот, кој како и до сега е финансиски поддржан од градот Скопје.
На него и овој пат ќе бидат избрани најпопуларните радиски хитови на годината, селектирани од 40-ина радиостаници ширум Македонија кои и покрај сите потешкотии и забрани за емитување македонска музика од страна на ЗАМП, до организаторот ги испратија своите листи со највртени македонски хитови во тековната година (листи со песни емитувани до забраната).
Од над 500 селектирани песни испеани од стотина домашни изведувачи, по пат на пристигнатата радио-селекција најзастапените хитови во македонскиот радиоетер се најдоа на финалната вечер на МАРС 2016 во избор за наградувани радиски хитови на годината.
На првиот прес кој се одржa, денес, среда 9-ти ноември во 11 часот во КЦ Александар Македонски – Мала сала, беше јавно претставен и изборот на селектираните радиски хитови за кои публиката ќе може да гласа по пат на ставање лајк на Фан страната на МАРС 2016 на Фејсбук, а нивните изведувачи со истите ќе настапат и на фестивалската вечер.
Меѓу годинашниве учесници на МАРС 2016 се: Елена Миленковска, Тара, Лозано, Влатко Илиевски, Наташа Малинкова, Пепа Димитрова, Магдалена Цветковска-Ена, ДНК, Елена Ристеска, Џина Папас Џокси…
Во ревијалниот дел на МАРС 2016 ќе се појават две еминентни музички имиња од регионот – српските поп ѕвезди Наташа Беквалац и Гоца Тржан, кои со своето присуство и изведбата на своите хитови ќе ја увеличаат програмата и го подигнат нивото и рејтингот на фестивалот.
Обете регионални музички ѕвезди ќе ја понесат наградата за музичка, но и медиумска популарност во регионот, заради своите нови албуми, нови хитови, вокални квалитети но и медиумското присуство на радиостаниците и особено ТВ како членови на жирито на попоуларното и многу гледано кај нас музичко талент шоу – „Пинковите ѕвездички“.
И годинава претходно селектираните хитови од финалната селекција по категории ги оценуваше и наградуваше 12-члено жири составено од преставници на исто толку национални и локални радиостаници од различни региони во Македонија, чии имиња заради евентулни можни злоупотреби, лобирања или притисоци, се држат во тајност се до првиот прес.
Изведувачот чија песна ќе биде прогласена за апсолутен радиски хит на 2016 година добива парична награда која е зголемана за 20 % – од 60.000 на 72.000 денари. Изведувачот на песната која ќе добие најмногу лајкови од фановите на Фејсбук фан страницата на МАРС 2016 и како нивни избор ќе добие награда која нисто така е зголемена зголемена за 20% – од 30.000 на 36.000 ден.
И конечно наградата која до лани изнесуваше 10.000 ( сега е 18.000) денари ќе ја понесе авторот на најдобар текст на една од финалните песни.
Оваа награда традиционално ја избираат естрадните новинари од дневните весници, естрадните магазини и интернет портали во Македонија.
Сите останати добитници на наградите покрај статуетките и материјалните подароци од спонзорите на фестивалот, ќе добијат плус парична награда од 12.000 денари.
Наградите од МАРС-Старс програмата ќе ги добијат уште неколку домашни имиња.
Првата е специјално признание „Трајни вредности“ за особени заслуги во развојот, популаризацијата и афирмацијата на македонската музика во Македонија, која Македонскиот Радиски фестивал МАРС 2016 ја доделува на една македонска музичка легенда – овој пат оди кај Џина Папас Џокси.
Втората од МАРС-Старс програмата, е наградата „Ѕвезда што се раѓа“ и неа ќе ја добие едно младо музичко име во Македонија кое имало најголем напредок во кариерата во тековната година.
Тука се уште наградите „Фестивалски асови“ за најнаградувана фестивалска песна, наградата за најдобра поп песна со фолк или етно мотиви, партнерство за хит … и сл.
Домаќини на деветото фестивалско издание на МАРС 2016 и овој пат ќе бидат две еминентни естрадно-новинарски имиња: Слободанка Илиева од Вистина.мк и Марина Костова од Република.мк.
Доколку забраната од ЗАМП за емитување во радио и ТВ етерот на домашна музика биде симната, односно престане да важи, МАРС 2016 како и до сега ќе оди со директен ТВ пренос проследен на МТВ1. Во спротивно, националниот сервис само ќе ја снима манифестацијата, а кога ќе се создадат услови и можности, истата одложно ќе ја емитува на своите програми.
Според сите новинарски написи, критики и извештаи кои се појавија во печатените и електронските медиуми сиве овие години МАРС беше оценет како уникатна музичка манифестација како по својата организација, визуелна перцепција, бројот на квалитетни изведувачи и испеани хитови, така и по својата оригинална концепција и содржина.
И секако по интересот кој го побудува кај медиумите кои го следат и поддржуваат, кај изведувачите и авторите како и пошироката јавност што го докажува присуството на публика во салата и бројот на ТВ гледачите сиве овие години.