Промо
ИФФК „Браќа Манаки“ од 18 до 27 септември во Битола
Под мотото „Филмот е убав“ од 18 до 27 септември во Битола ќе се одржи 36.Интернационален фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“. Фестивалот ќе биде промовиран во рамки на Филмскиот фестивал во Кан од 13 до 24 мај, а повод за претставувањето е 110 години од творештвото на браќата Милтон и Јанаки Манаки.
Наместо седум Фестивалот ќе трае десет дена со збогатена програма Две нови програми ќе бидат вклучени во Фестивалот – „Нов европски филм“ и „SEE Camera“.
Директорот на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, Димитар Николов денеска на прес-конференција рече дека на Фестивалот во Кан сакаат да ги презентираат сите можности и да покажат дека можат да направат светско издание на Фестивалот, како што било досега.
– Во Кан ќе бидат презентирани сите релевантни материјали за Фестивалот, за градот Битола, за градот Битола како филмски град, за она што досега се направило и она што сакаме да го направиме. Ова е можност да направиме добра презентација на Фестивалот, истакна Николов.
Посочи дека годинава Канскиот фестивал ќе биде одбележан со 120 години творештво на браќата Лимиер, а само 10 години подоцна во 1905 година, браќата Манаки се појавија на светската мапа и со камерата ги направија првите снимки во Македонија и вооопшто на Балакнот.
– Ова е убав повод да покажеме дека на овие простори ние не сме заостанувале многу зад Европа и светот, да покажаеме дека сме можеле и тогаш и денеска да бидеме во тренд со работите и дека можеме да се носиме со предизвиците, додаде Николов.
Градоначалникот на Битола, Владимир Талески рече дека за Канскиот фестивал подготвиле исклучително значаен материјал и ќе се претстават со се она што значи Битола и целиот регион.
– Не е тајна дека во радиус на еден километар околу Битола се можеби најголемите убавини, или можеби тоа е најубавото отворено филмско студио во целиот регион. Секаде околу Битола се најубавите планини, езера, тука е Мариово, Крушево, Прилеп, Преспа, Охрид итн. Веројатно сме првата општина која во Република Македонија направи маркица за филмски студија. Ние веќе имаме маркица во делот на старата Касарна која интензивно се гради, таму година и повеќе е големо градилиште, посочи Талески.
Појасни дека годинава почнуваат со нов проект за целата инфраструктура.
– Веројатно таму ги имаме најголемите услови и веројатно Битола најмногу заслужува да се направи филмски град. Битола станува многу интересна дестинација за продукција на филмови. Во Кан ќе се претставиме пред сите филмаџии и цениме дека тука ќе направиме еден чекор напред. Нема домашна продукција која не снимаше во Битола, но тука се и други големи продукции и балкански и интернационални. Тука се снимаше популарната турска серија „Збогум Румелија“, а Турците најавуваат и нови екипи, рече Талески.
Додаде дека деновиве подготвуваат тендер да ја понудат маркицата на заинтересирани филмаџии да изградат филмски студија и во Битола.
Директорот на Агенцијата за филм на Република Македонија, Дарко Башески истакна заедно со меѓународната мрежа на филмски продуценти во јуни ќе организираат голема работилница во Скопје на која ќе учествуваат околу 80 продуценти од Европа и 18 до 20 меѓународни експерти.