Поврзи се со нас
Маркетинг

Популарно.мк

АЛЕКСАНДРА ЈОВАНОВСКА: „Музика има, но таа ретко живее на сцената“

Интервју

АЛЕКСАНДРА ЈОВАНОВСКА: „Музика има, но таа ретко живее на сцената“

Нејзиниот глас и лик ќе ги препознате веднаш, без разлика дали ви се обраќа од радиото или од телевизорот.

Александра Јовановска е долгогодишен уредник и водител на музичката емисија „Стисни плеј“ на МРТВ, а со нејзиното децениско битување има големи заслуги во промовирањето и одржувањето на македонската музика.

Без разлика дали е во студио или на терен, секогаш ведра, динамична и подготвена Александра е доказ дека квалитетот, сестраноста и љубовта кон работата даваат резултати. 

Новата 11-сезона на веќе прочуената музичка емисија „Стисни плеј“ на МТВ ја стартувавте со фестивалот на забавни мелодии „Макфест“. Што ќе понудите во оваа сезона, какви содржини, ќе се разликува ли по нешто од претходните 10 сезони?

– Да, новата сезона ја отворивме со специјално издание на „Макфест“, а во моментов го подготвуваме теренот за нашите студиски изданија кои ќе започнат со емитување од средината на октомври, односно по завршувањето на локалните избори. Во својата основа „Стисни плеј“ е емисија која на неделно ниво ги селектира музичките новости од домашната сцена, со цел да ги презентира на гледачите, така што нашата разновидност зависи многу од креативноста и од продуктивноста на самите музичари. За среќа, музика има и премногу, не се сомневам дека ќе имаме богати изданија и оваа сезона. Со повторното приклучување на Јана Бурческа во тимот, се враќа и нашата музичка топ-листа „Play Top 10“, а јас лично ќе обработувам повеќе теми коишто се од „другата страна“ на музиката. 

Музичката емисија „Стисни плеј“ си најде свој простор и во етерот на Македонското радио, Радио 2, секој ден од понеделник до петок од 12 до 13 часот. Како дојде до тоа, до повторното навраќање на вашиот добро познат терен?

– Поканата дојде од одговорниот уредник на Радио 2, Зоран Мирчевски, како резултат на потребата за покривање на делот со македонска музика на програмата, кој остана празен поради заминување на колешката Радица Митиќ во пензија. Мене лично на Радио 2 ме врати мојот немирен дух и желба да придонесам македонската музика да го добие заслужениот простор и внимание во домашниот етер. Верувам дека имаме доволно квалитет и сметам дека е неодговорно да се однесуваме летаргично и со потценување кон она што е наше, а во исто време да пропагираме борба за зачувување на јазикот и идентитетот. Тие не се само нешто заробено во минатото, туку се дел и од нашата актуелност и реалност.    

На задоволство на бројните слушатели, вашата емисија е посветена на македонската музика, што, мора да признаеме е реткост во денешно време, со оглед на фактот дека младите генерации растат со странската музика, не познавајќи ги домашните артисти и песни. Дали со „Стисни плеј“ ќе може да се популаризира македонската музика и кај младите?

– „Стисни плеј“ е само едно камче во мозаикот, несомнено сме го дале својот придонес во популаризирање на македонската музика. Лично останав посветена на оваа емисија, бидејќи бев свесна дека ако и нас нѐ нема, во одредени периоди ќе владееше комплетен мрак. Некогаш се прашувам што ќе се случеше со многу млади музичари кои своите први интервјуа ги дадоа за „Стисни плеј“ пред пет години, а сега прават турнеи низ регионот. Веројатно истото, ќе беа повторно успешни, но нели е срамно за македонските медиуми ако тие млади и талентирани луѓе останале незабележани или биле игнорирани во сопствената држава. Младите воопшто не е важно од каде ги црпат информациите, сѐ додека се доволно љубопитни да истражуваат и доволно едуцирани да препознаат квалитет. Ние сме една од опциите доколку сакаат да дознаат за македонската музика. 

Имајќи предвид дека музичките стриминг платформи го заземаа приматот на презентирање на сите видови музика од целиот свет и со тоа ја пренасочија публиката од радиото и телевизијата кон интернетот, што говорат вашите искуства како долгогодишна радио-телевизиска новинарка? Дали во Македонија постои верна публика на радио-емисии?

– Искрено се изненадив колку е слушано Македонско Радио, Радио 2. Со оглед на тоа дека неговата покриеност ја опфаќа целата територија на земјата, ќе го слушнете во секој автомобил, дуќан, канцеларија… Радиото е толку едноставен и брз медиум, лесно ќе задржите внимание со добар музички избор и интересни информации, а конкретно нашето радио е некомерцијално и емитува само музика без реклами, така што е одлично за слушање. Без оглед на многуте опции за информирање денес, на крајот на денот, сите сакаме да слушнеме што е ново во нашата земја, да се информираме за она што се случува дома, да слушнеме програма на наш јазик. Така што и радијата и телевизиите сѐ уште имаат големо влијание, особено што треба да станува збор за професионални медиуми со филтрирани содржини. 

Александра, дали можете да направите една паралела – каква музика, од кој жанр повеќе се слуша и „гледа“ на телевизија, а каква на радио? 

– Има голема разлика. Што се однесува до телевизиските изданија на „Стисни плеј“, ние никогаш не сме се ограничувале само на популарната музика, опфаќавме сѐ – од џез до етно, алтернативната сцена, инструментална, па и амбиентална музика. Радиото бара нешто друго, хит песни со висок квалитет на продукција, тука видеоспот не ви помага во доловување на приказната. Јас сум сигурна дека пред секое пуштање песна во етер, најдоброто тестирање се случува во автомобил, песната или „вози“ или не. Неблагодарно е да се споредува македонската музика со светската, но треба да се стремиме кон подобрување на квалитетот. Во секој случај има убави песни, но ни требаат повеќе хитови. 

Што ви претставува поголем предизвик, работењето на телевизија или на радио?

– Веројатно работењето во Македонска Радио Телевизија, така што среќна сум што можам да работам во јавниот радиодифузен сервис кој нуди опции за професионално надоградување и изразување во повеќе сегменти. 

Кога би ја тргнале настрана пандемијата на коронавирусот која делумно ги оневозможи музичарите да творат, продуцираат и интерпретираат, според вас, што недостасува на сегашната музичка сцена?

– Дури и во панедимијата не недостасуваше креативност, јас сум воодушевена од нашите музичари кои не престануваат да творат, тоа ги потврдува нивните искрени намери кон музиката. Многу често нам ни се заблагодаруваат за поддршката, не сфаќајќи дека тие музичари нам ни ја збогатуваат и разубавуваат секојдневната работа. Истите тие луѓе биле инспирација за мене и внесувале возбуда во мојата работа во исчекување на нивните следни проекти. Недостасуваат повеќе луѓе и компании кои сакаат да инвестираат во музиката, таленти има и премногу, но сцената е финансиски слаба и неорганизирана. Во Македонија едвај има пејачи со потпишан договор со продукција чии ексклузивци се тие, а за реализација на повеќегодишни планови. Нема издавачки куќи, нема музичка телевизија, нема концертни сали, фестивали, слаба соработка со регионот… Музика има, но таа ретко живее на сцената, останаа многу албуми непреслушани и песни неиспеани. Недостасува и публиката да биде малку поангажирана, да сака да слушне и види, да прими дел од таа музика и на крајот да даде аплауз, да признае нечија вредност. 

Повеќе од Интервју

Маркетинг

Трендинг

Маркетинг
Маркетинг
ДО ВРВ
error: Содржината е заштитена со авторски права.