Поврзи се со нас
Маркетинг

Популарно.мк

Андреј Шекеров: „Моја животна цел е да работам како научник во областа на компјутерски науки“

Интервју

Андреј Шекеров: „Моја животна цел е да работам како научник во областа на компјутерски науки“

Андреј Шекеров, ученик во четврта година во гимназијата СУГС „Раде Јовчевски-Корчагин“ Скопје,  ја освои првата награда на XXXII Државен натпревар по информатика, кој се одржа на 20 март 2021 година.

Извонредно талентираниот средношколец, кој со истрајност, напор и труд постигна најдобри резултати на натпреварот, претставува и вистинска инспирација за натпреварувачите од пониските одделенија, чијшто ментор е во нивната подготовка за натпреварите. Младиот амбасадор по информатика во интервјуто за „Популарно.мк“, ги открива своите први чекори во светот на програмирањето, што го мотивира и инспирира за да продолжи да се занимава со информатика, да реди понатамошни успеси, но и која е негова животна цел.

На Државниот натпревар по информатика, оваа година учествуваа 90 ученици од 41 основно и средно училиште од целата земја.

Андреј Шекеров, со вашите 295 освоени поени, вие стe најдобриот средношколец на XXXII Државен натпревар по информатика, кој се одржа во Скопје. Иако ова не е ваша прва освоена награда по информатика, сепак, какво е чувството откако победивте на овој натпревар, на кој учествуваа 90 ученици од целата држава?

– Чувството да си прв во државата за нешто што ти претставува кариерна аспирација е особено убаво. Мојата победа ми дава инспирација да продолжам да се занимавам со информатиката, да продолжам да освојувам награди на уште потешки натпревари по информатика, и ми дава мотивација да се унапредувам во оваа област. Со овие успеси, сигурен сум дека информатиката е професијата со којашто ќе се занимавам доживотно.

На само 18-годишна возраст вие сте силна инспирација, но и ментор во подготовката на натпреварувачите од пониските одделенија, кои, исто така, се закитија со награди на овој натпревар. Што претставува тоа за вас? Кој е најголем двигател за вас за да го пренесете вашето знаење и на другите?

– Привилегијата да сум способен да го пренесам моето знаење и искуство на следните генерации на македонските натпреварувачи по информатика е нешто за што сум многу благодарен. Тоа претставува мој вид на заблагодарување на моите ментори, благодарение на чие менторство јас ги постигнав моите сегашни резултати. Би сакал и јас еден ден да му бидам инспирација на следниот македонски шампион по информатика.

Што ве натера, но истовремено и што ве мотивираше да се пријавите на натпреварот? Што претставуваат наградите за вас?

– Главна мотивација да се пријавам на натпреварите беше мојот интерес за решавање на задачи. Кога за првпат се пријавив, не очекував дека еден ден ќе успеам да освојам прво место на државниот натпревар, а помислата дека ќе се натпреварувам на Интернационалната Олимпијада по информатика претставуваше само еден недостижен сон. Наградите за мене претставуваат доказ на постигнат резултат, доказ дека мојот вложен труд се исплатил, односно дека соништата ми се исполниле.

Во подготвувањето за учество на престижниот натпревар, кој беше вашиот ментор? Кој го препозна вашиот талент и кој ви даде насоки и знаења, кои вообичаено не можете да ги добиете во редовната настава?

– За првпат се запознав со светот на програмирањето во Семос Едукација, и исто така, преку нив дознав за натпреварите по информатика. Бидејќи бев меѓу најуспешните ученици во курсот Напреден C++, мојот тогашен професор ми предложи да се пријавам на натпреварот. Отидов на натпреварот без големи очекувања, но сепак, успеав да постигнам добар резултат со оглед на тоа што тоа беше мое прво учество. Ова ме мотивираше да се запишам на курсот за припреми за државен натпревар во Семос Едукација, каде што со помош на повеќе талентирани ментори успеав да добијам силна основа којашто сам ја усовршував со секојдневно вежбање. Мојот сегашен ментор проф. Жаклина Прекиќ ме поттикнува да продолжам да се натпреварувам и да се унапредувам.

Вие поседувате и две бронзени медали од Интернационалната Олимпијада по информатика, одржани во Баку и во Сингапур. Слободно може да се каже дека сте гордост за Македонија. Какво е чувството да се борите во една исклучително силна конкуренција од околу 90 држави од целиот свет, и со својот труд и успех да докажете дека чекорите кон самиот врв во информатичкиот свет?

– Интернационалната Олимпијада по информатика е најголемиот и најпрестижниот настан за средношколски натпреварувачи во светот, и сите кои учествуваат на него, вежбале со години и години наназад. На Интернационалната Олимпијада по информатика учествуваат најдобрите светски натпреварувачи кои потекнуваат од сите страни на светот, секоја држава има право да испрати свои четири најдобри натпреварувачи, така што чувството да сум меѓу најдобрите од најдобрите е навистина нешто што ме исполнува. Се гордеам со тоа што бев способен успешно да ја претставувам Македонија на светско ниво.

Што претставуваат натпреварите за вас? Кои бенефити ги пружаат тие за вашиот понатамошен развој и трасирање на професионална патека во информатиката. 

– Натпреварите за мене претставуваат настан на кој можам да ги покажам своите вештини и знаења, и наградата од овие натпревари ми служи како доказ на мојот труд. Бенефитот на наградите е тоа што доста се ценети од страна на факултетите, бидејќи ја претставуваат мојата способност практично да ги применувам моите знаења.

Живееме во доба кога информатиката е една од најзначајните алатки во секојдневното функционирање во речиси сите животни сфери. Кои се вашите идни планови и цели? Дали би сакале да продолжите да го освојувате инфоматичкиот врв тука во Македонија, или ќе продолжите да се едуцирате и надвор од нашата земја? Дали информатиката ќе биде ваша животна определба?

– Моја животна цел е да работам или како програмер во модерна компанија или како научник во областа на компјутерски науки. Засега, се фокусирам на аплицирање на повеќе факултети, и во Македонија и во странство. Желба ми е да добијам квалитетна едукација за да ги доусовршам моите сегашни знаења, да добијам нови вештини кои не би можел да ги добијам насамо, со цел да бидам способен да работам каде што ќе посакам во иднина.

Дали веќе имате понуди од некои универзитети да бидете нивен студент (стипендист)? 

– Јас, како и другите кои постигнаа одлични резултати на натпреварите оваа година, добивме понуда целосна стипендија за студирање на ФИНКИ.

Дали ви е потребно дополнително учење и подготовки за натпреварот? Со родител, наставник, ментор…

– Последниве две години вежбам и решавам задачи, со помош на различни книги и ресурси на интернет.

Сегашниот ментор на Шекеров, проф. Жаклина Прекиќ од „Раде Јовчевски-Корчагин“, истакнува колку е горда на успесите на Шекеров, притоа објаснувајќи ги подготовките и процесот низ којшто поминува талентираниот средношколец за да учествува на престижните натпревари. Истовремено, професорката му е голема поддршка и логистика за да продолжи да се усовршува, да се натпреварува и да ги оствари своите соништа.

Професорке Прекиќ, Вие како ментор на Шекеров, сигурно сте горди на сѐ што постигна тој. Што е од најесенцијално значење при подготовката да се биде учесник, но и победник на еден ваков престижен натпревар. Дали е потребен специјален ментален тренинг, меѓу другото?

– Секако дека сум горда со постигнатиот успех на мојот талентиран ученик Шекеров. Во меѓувреме, покрај освоеното прво место на овогодинешниов Регионален натпревар и прво место на Државниот натпревар по програмирање, Андреј освои сребрен медал на Македонската Олимпијада, што се оддржа на 24 април оваа година. Следува IOI, Интернационалната Олимпијада на која ќе учествува трета година по ред.

Нашата соработка се состоеше токму во сферата на менталниот тренинг и постојана поддршка во подготовката, со нагласка на силен стимул кон реална победа на престижниот натпревар.

Шекеров е талентиран ученик со високи перформанси и сметам дека понатаму ќе постигнува и други успеси, секако и преку негова понатамошна едукација како талентиран ученик, овде (веќе доби стипендија од ФИНКИ) или на некој странски престижен универзитет, бидејќи тоа е негова желба и заложба, а јас ќе бидам тука постојано како поддршка и силна логистика, за да постигне успех и во таа насока, што искрено му го посакувам.

Талентираните ученици како Шекеров треба да добијат многу повеќе целокупна и поширока општествена поддршка од онаа што ја имаат сега, токму во духот на реформите во образованието што следат.

Професорке, која е вашата улога во целиот тој процес? Што треба да поседува ученикот за да се натпреварува на ваков натпревар и на вакво високо ниво?

– Мојата улога во целиот процес на менторирање на ученици-таленти се состои од апсолвирање на капацитетот на талентираниот ученик, насочување на покажаниот интерес за одредена област и дисциплина во информатиката. 

Тоа го правам преку интервјуа, стимулирање со конкретни насоки кон некои избрани конкретни линкови, преку коишто можат да навлезат во истражувачкиот процес за интересната област и дисциплина. 

Во текот на истражувачкиот процес правам некои клучни корекции и интервенции заедно со талентираните ученици, токму на главните поенти при започнатите истражувачки процеси.

Преку ваквиот рамноправен интерактивен однос ментор-талент, давајќи им ветер во грбот, се постигнува квалитетно ниво, согласно светските стандарди во информатиката, за учество на вакви ученици на натпревари од високо домашно и меѓународно ниво.

Професорке Прекиќ, СУГС „Раде Јовчевски – Корчагин“ е синоним за успех. Колку оваа гимназија е извор на вакви вонсериски таленти како што е Андреј Шекеров?

Секако дека СУГС „Раде Јовчевски – Корчагин“ е расадник на вонсериски таленти токму заради долгогодишната традиција на математичко-информатички капацитети, со што е своевиден магнет за запишување на ученици, кои носат во себе вредносни особености од овој вид. 

Имено, секоја година при запишувањето на нови ученици, доаѓа плејада на скриени таленти, кои низ нашата програмска едукација ги профилираме на начин на којшто се истакнуваат наклоностите кон пошироките интереси на учениците за истражувачка работа. Тоа секако го прават со постојните информатички алатки, преку интернет или стручна литература и притоа имаат големи можности за инвентивна самостојна надградба, согласно внатрешниот порив, што го носат во себе, за нови сознанија во информатичката насока на повисоко ниво, отколку што е редовната програмска настава. 

Таквите талентирани ученици, ние, нивните наставници, ги препознаваме низ процесот на едукација и ги стимулираме повеќе да напредуваат во областите за кои се талентирани, и во улога на нивни ментори, суптилно ги поддржуваме во развојот и во инвентивните идеи, профилирајќи од нив квалитетни таленти. Нашите талентирани ученици докажано можат да се носат со светските предизвици на сите домашни и меѓународни натпревари и олимпијади на знаење, од највисок ранг на компетитивност. 

Tоа сме го докажале преку освоени високи места во светски размери на полето на информатиката, со што потврдуваме дека СУГС „Раде Јовчевски – Корчагин“ ја прави Македонија, сепак, „голема” на полето на информатиката, иако сме мала земја според сите ресурси.

Повеќе од Интервју

Маркетинг
ДО ВРВ
error: Содржината е заштитена со авторски права.