Да не го добиев Ијан ќе посвоев дете, искрено со Нора Шаќири-Марковиќ
Поранешната новинарка Нора Шаќири-Марковиќ веќе неколку месеци е в.д. директорка на Tеатар „Комедија“. По разрешувањето на претходниот, сега таа е вршител на оваа должност и вели дека добро ѝ оди.
„Не очекував дека толку ќе биде стресно, а освен што оваа работа бара одговорност, јас сум многу блиска со моите колеги, заедно пиеме кафиња, а тие ме прифатија и како нивни претпоставен. Иако за мене тоа е само на хартија, но, ние пред сè многу се дружиме и функционираме супер“, искрена е Нора.
Разговорот го правевме пред Велигден и во пресрет на Рамазан бајрам. Зборувавме за празниците во нивното семејство, и христијанските и муслиманските, па и како е да се биде во мешан брак со музичарот Марко Марковиќ.
„Јас цел живот растев со предрасуди па така и ова со Марко не помина без прашања. Имаше сешто: па како ќе се вика син ви, како ќе зборува, дали ќе го обрежете. Види, јас не јадам свинско и тоа сите го почитуваат, ама тоа нема врска со моето дете. Јас навистина не гледам кому би му давала објаснување. Марко е полабав на оваа тема, може и нему му зборувале, ама верувам дека би ми кажал“, вели Нора.
Откако се породи со Ијан, чие име било желба на Марко, вели дека е пресреќна. Вели дека тешко забременила поради проблемите со тироидната жлезда.
„И тамам кога помислив да направам ин витро или да посвојам дете, се појавија две цртки на тестот за бременост. Не можев да верувам дека тоа се случува“, раскажува Нора. Тука ни ја раскажа и приказната за името на Ијан, за кој Бени се шегувал со Марко дека треба да носи име по нивниот дедо Дурак.
„Среде ручек нè седна, мртов сериозен, да му каже на Марко дека, ете, сега откако немаме татко, традиција кај нас Албанците е името на детето да биде по дедото. Марко го гледа, овој сериозен, тука мајка му се уфрли… драма. Сето ова беше супер шега, сепак Ијан доби име по желба на татко му“, раскажува директорката на Театар „Комедија“.
Зборувавме за нејзиниот починат татко, познатиот новинар и уредник Хисен Шаќири, кој беше еден од лустрираните. Низ солзи Нора ни рече дека е на крај да докаже дека тој е невин и дека не соработувал со тајните служби. Четири месеци по лустрацијата, тој починал.
За дружба со вишиот јавен обвинител Фатиме Фетаи дознавме дека е од пред неколку години, но доволно за да станат многу блиски и да се нарекуваат сестри.
За бракот и предрасудите, за љубовта и верата, за директорувањето, за синот Ијан, за излегувањата во популарните кафулиња, за одност со браќата, негодувањата на околината кога се вработи во Министерството за култрура, низ разговорот во интервјуто.
https://youtu.be/SNm6c0jlwn0