Поврзи се со нас
Маркетинг

Популарно.мк

ДЕЈАН ГЕОРГИЕВСКИ: Ќе продолжам Македонија да ја правам горда!

Интервју

ДЕЈАН ГЕОРГИЕВСКИ: Ќе продолжам Македонија да ја правам горда!

Младиот Дејан Георгиевски по „суша“ од две децении, ни донесе медал од Олимписките игри во Токио. Теквондистот од скопски Бутел му покажа на светот како се остварува сонот по десетгодишни макотрпни и исцрпувачки тренизни, бројни откажувања и челична волја и верба во зацртаната цел – да се освои врвот. 

„Знам дека најавив злато, но ова е срабро со златен сјај“ – им порача Дејан на илјадниците граѓани кои го дочекаа победникот на Олимпијада во земјава.

И по медалот, Дејан скромно вели дека во неговиот фокус останува само борбата и е среќен затоа што верува дека по неговиот олимписки успех во овој боречки спорт, сите веќе знаат што е теквондо.

Георгиевски ветува дека ќе продолжи да ја радува нацијата со своите успеси, порачува дека теквондото треба да биде носечки индивидуален спорт во Македонија, а бара задолжително државата да изгради олимписки центар во Бутел, за да има повеќе норми и медали од ЛОИ.

По 21 година без олимписка награда, на земјава ѝ донесовте медал од Олимписките игри освојувајќи сребро во теквондо во категоријата над 80 килограми. Кажете ни, колку години ја градите вашата професионална кариера и имајќи предвид дека теквондото не е толку застапен спорт кај нас, кој пат го поминавте низ годините за да го постигнете историскиот успех?

– Да, по многу долг период имаме медал од Летните Олимписки игри (ЛОИ), но прв сребрен под македонското знаме. Тренирам 13 години, моите тренери д-р Борче и Дарко Костовски направија револуција во македонското олимписко теквондо, зад овој успех стои макотрпен, прецизен и стручен 10-годишен период, односно времето кога посериозно се натпреварувам. Мојот клуб „Теквондо клуб Бутел“ има врвен систем за работа, огромните врвни спортски резултати тоа го покажуваат, како и медалите од светски и од европски првенства и слично.

На 22 години сте еден од ретките што обезбеди пласман на Олимписките игри во Токио и веднаш порачавте дека таму одите на медал. Станува збор за ваш животен сон или само за свесност за сопствената спортска моќ?

– Јас и моите тренери сме свесни што постигнавме во блиското минато, имам злато и сребро од европско сениорско првенство, тоа е доволно за да очекувате медал од Олимписките игри, но и вербата и подготвителниот период кој брилијантно беше направен од мојот стручен штаб придонесе за тоа да бидам убеден дека можам да стасам до врвот.

Со свечена церемонија беа отворени, се одржуваа, а веќе се и затворени 32. Летни Олимписки игри кои поради пандемијата со ковид-19 се одржаа без присуство на публика. Какво е чувството да не се слуша тоа познато бодрење кое ги мотивира спортистите во спортските арени?

– Мене тоа не ми прави голема разлика, јас сум фокусиран само на мојата борба, сепак, ова е боречки спорт, тука фокусот е на едно посебно ниво.

Илјадници спортисти и официјални лица од спортот беа сместени во Олимпиското село за време на престојот во Токио, а во текот на најголемиот светски настан во спортот заразата од ковид-19 неколкупати се надвиснуваше како сенка над Олимпијадата. Како беа организирани Олимписките игри во време на пандемија, кои годината претходно беа одложени токму поради ковид-19? 

– Јапонски или совршено, ете така беа организирани. Навистина сѐ беше под конец и би сакал некогаш повторно да ја посетам Јапонија, тоа е посебно чувство, народот таму е посебен, многу дисциплиниран и со свест на едно поинакво ниво.

Раскажете ни како поминувавте еден ден во Токио, кога и колкупати ве тестираа, каде смеевте да се движите – со/без заштитни маски, имаше ли простор за таканаречениот „спортски живот“, под какви ковид-мерки се одвиваа тренинзите, натпреварите… па и доделувањето на медалите? 

– Маска мораше да се носи постојано, секој ден нѐ тестираа на ковид-19. Наутро, по будењето одевме на појадок, потоа имав лабав тренинг, па одмор, потоа следуваше ручекот, па мал одмор и клучниот тренинг дента – вака некако по овој редослед се одвиваше еден обичен олимписки ден во Токио.

Се враќаме пак со прашања за во земјава. Верувате ли дека теквондото конечно ќе биде вреднувано како што треба и освен јавно познатите државни награди кои ги добивте, дали државата најавува и друга конкретна поддршка за вас и за сите оние кои професионално се посветени на оваа боречка вештина?

– После ова, сите знаат што е теквондо, по овој успех несомнено дека теквондото треба да биде носечки индивидуален спорт во Македонија и секако еден од носечките воопшто, тука нема дилема. Покрај помошта за мене, сметам дека задолжително државата треба да изгради олимписки центар во Бутел, за да имаме повеќе норми и медали од ЛОИ.

Македонија се радува за вас и се гордее со вас, што и го покажа со начинот на кој ве пречекаа илјадници граѓани со факели на скопскиот плоштад скандирајќи го вашето име и поздравувајќи ве громогласно. Кои се вашите планови и цели со кои ќе продолжите да ја радувате спортската јавност и нацијата? 

– Не знам како да му се заблагодарам на мојот народ, посебни се луѓето кај нас и тоа што го видов на плоштадот ме тера да донесам уште многу медали од врвни натпреварувања. Знаете, мојот успех припаѓа на Македонија, публиката која ме бодри ми е сѐ. Јас, мојот тим и клубот ќе дадеме сѐ од себе за да продолжиме Македонија да ја правиме горда.

Повеќе од Интервју

Маркетинг
ДО ВРВ
error: Содржината е заштитена со авторски права.