Интервју
Ема Попивода – амбасадор на македонската култура преку регионалната и светската музичка сцена (ИНТЕРВЈУ)
Македонска вечер оваа недела (30.07) ќе го одбележи Интернационалниот музички фестивал „КоторАрт“ во Црна Гора. На сцената ќе настапат два еминентни амбасадори на македонската култура – виртуозната пијанистка Ема Попивода придружувана од најдобриот македонски камерен оркестар „Профундис“, под диригентската палка на маестра Ѓурѓица Дашиќ.
Фестивалот „КоторАрт“ со своето 21-годишно постоење се смета за еден од најголемите и најзначајни фестивали на уметноста во Црна Гора и регионот. Секоја година фестивалот е домаќин на впечатлив број меѓународни уметници, а со над 200 програми на различни локации во Котор и заливот Бока Которска, привлекува милиони посетители, со што е еден од најпосетуваните фестивали во регионот.
За претстојниот настап пред црногорската публика, соработката со камерниот оркестар „Профундис“ и инспирациите и идните планови во музичкото творење, зборувавме со пијанистката Ема Попивода.
Како се чувствувате пред настапот на „КоторАрт“, еден од најактуелните интернационални фестивали во регионот?
Ни претставува навистина огромна чест и задоволство да настапиме на еден од најпознатите интернационални фестивали во регионот – „КоторАрт“. Имено, селекцијата на уметничката програма на фестивалот е навистина строга и секоја година на фестивалот учествуваат врвни музички имиња од светот на класичната музика, меѓу кои и светски познатата пијанистка Јуџа Ванг, виолончелистот Миша Мајски и многу други. На програмата ќе се изведат варијациите за камерен оркестар на Бенџамин Бритн, но и моите авторски композиции за пијано и камерен оркестар „Суперсоник“ што ми е посебно драго. Искрено се надевам дека ќе им допадне мојата музика. Концертот е одлична можност за промоција на македонската култура и уметност и затоа со гордост ќе настапиме на 30-ти јули на сцената плоштадот во Котор.
Што ве поттикна да го создадете проектот „Суперсоник” – комбинација на класичната и електронската музика?
Пиесите „Суперсоник“ се напишани за пијано и камерен оркестар, со инспирација од електронската музика. Во сите 5 композиции се користени кратки семплови или ритмички фактури од познати песни од електрониката, а за една од композициите соработував и со италијанскиот ДЈ Роберто Боско. Извонредните оркестрации на композициите ги напиша Владимир Ботев. Овој целосно македонски производ до сега се изведе во Скопје, Штип, Соренто, Анкона и во очекување на премиерата во Црна Гора.
Како соработката со камерниот оркестар „Профундис“ влијае на вашата музичка кариера и изразување?
На мое големо задоволство веќе повеќе години соработувам со камерниот оркестар „Профундис“. Досега заедно остваривме две концертни турнеи во Италија, низ повеќе градови и голем концерт во Македонската филхармонија. Камерниот оркестар „Профундис“ е составен од прекрасни луѓе, мои колеги кои се извондредни музичари, поради што со полно право оркестарот „Профундис“ се издигнува на највисокото место на квалитетни и успешни камерни оркестри кај нас. За тоа се разбира најзаслужна е шармантната, талентирана диригентка Ѓургица Дашиќ, која е водечка сила и креатор на овој оркестар. За нивната успешност, впрочем зборуваат и нивните многубројни настапи, покани за концерти, бројни соработки со врвни музичари не само во Македонија, туку и пошироко.
Кои се вашите идни планови за настапи и проекти, вклучувајќи го и вашиот нов голем проект со авторска музика?
Во месеците јуни и јули ја остварив едномесечната турнеја во Јапонија каде имав вкупно 5 концерти за два клавира заедно со јапонската пијанистка Асами Сате. Како пијано дуо настапивме во повеќе градови низ Јапонија – Точиги, Утсуномија, Чигасаки и Токио. Завршниот концерт на турнејата беше во една од најпознатите и најпрестижни концертни сали во светот Сантори Хол, каде поздравен говор одржа генералниот секретар на Министерството за надворешни работи г. Филип Тосевски и г. Норијуки Шаката – секретар од кабинетот на премиерот на Јапонија. Имавме навистина успешни концерти на кои присуствуваше многубројна публика и повторна покана за концерти и во иднина. Во текот на летото покрај настапот на „КоторАрт“ во Црна Гора, следува и солистички концерт во Малага, Шпанија, како и концерт со кларинетистот Бранко Павловски во Соренто, Италија. Од есен започнувам нов голем проект со авторска музика, кој го подготвувам како специјално изнеднадување за македонската публика.