Интервју
ЃОРГИ ПУЛЕВСКИ: „Преку студентската програма на Браќа Манаки сакаме да ги детектираме, поддржиме и признаеме младите филмски таленти“
Светски премиери, многу гости, мастер-класови, дебатни сесии и забава се очекуваат на годинешниот Интернационален фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола.
Фестивалот наместо во втората половина на септември, како што беше случај во изминатите години, ќе се одржи на крајот на месец август и тоа во рамките на „Бит фест“.
Ѓорги Пулевски е селектор на студентската програма наречена „Први чекори“, која годинава се враќа на голема врата на „Браќа Манаки“.
Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ своето 43. издание го започнува од 20, а ќе трае до 27 август во Битола. Оваа издание ќе биде подолго од претходните две, односно ќе се одвива осум дена. На што се должи тоа и зошто фестивалот ќе се одржува во август?
– Подолга е од практични причини, програмата во однос на претходните две години е видно зголемена, се враќаат неколку програмски линии што претходно ги немаше, како што се студентската и документарната програма. Затоа и програмата е поделена во повеќе денови за да може да се проследи фокусирано и растеретено. А, во однос на поместувањето во август, има повеќе причини. Првата е стратешка, со промената во август сакаме да сме сигурни дека битолската и македонската публика ќе има шанса да ги проследи актуелните филмски ремек-дела на платно токму на нашиот „Браќа Манаки“. Друга причина е пандемијата и безбедносните мерки што се преземаат околу неа. Во летните периоди би требало да имаме помала трансмисија на вирусот, а со тоа и помала можност за станување на портокалови и црвени ковид-зони кои потенцијално би повлекле низа ригорозни мерки кои ќе го направат доаѓањето на гостите кинематографери тешко или во најлош случај – невозможно. Втората половина на септември во Битола, време кога вообичаено се одржува фестивалот, е време кое е студено и нема баш пријатна можност за проекции на отворено. Со промената на терминот во август и тоа е можно и впрочем тоа ќе го направиме за дел од програмите. И за крај, ваквата промена на датумот овозможи фестивалот „Браќа Манаки“ да биде дел од битолското културно лето „Бит Фест“. Тоа овозможува нова публика, која, кога ќе се искомбинира со студентите кои се сѐ уште во градот и дијаспората која е вратена во Битола, дава надеж за голема посетеност на овој наш фестивал.
Што нуди годинава „Браќа Манаки“, што е тоа што ќе се разликува од минатогодишните изданија, изземајќи ги годините на пандемијата кога имаше рестрикции на речиси сите културни настани? Со какви предизвици се соочувате при подготовките на ваков реномиран фестивал?
– Најголемата разлика е што дел од програмите од ревијални станаа натпреварувачки. Тоа повлекува поголема одговорност, професионалност и ангажираност која на крајот на денот му дава нови аспекти на самиот фестивал. Другата разлика е таа што ја најавија дел од моите колешки на последниот прес, дека имаме зголемен број на жени во жирито и авторки на нашиот репортоар. Во некои програми, како што е документарната, дури 70 отсто од филмовите селектирани во оваа натпреварувачка програма ги потпишуваат жени – авторки. Од друга страна, најголемиот предизвик и оваа година останува неизвесноста околку панедмијата и рестрикциите. Вообичаените предизвици се договарањето на гостите, проектирањето на нови локации и доближување на фестивалот до битолчани. Во Битола преку Кино Барикада, Дебатно Кино Контра Кадар, ИФФК „Браќа Манаки“, филмската програма во Домот на култура Битола и др., се има создадено традиција на гледање на арт филмови и така предизвикот да се има квалитетна програма секогаш бдее над нас. Но, сметам дека фестивалот успешно се справува со предизвиците за да испорача дело во кое ќе се оправда името и брендот на фестивалот и дело во кое публиката ќе биде задоволна од изборот на филмовите и настаните.
По извесен период, годинава го најавивте враќањето и наградувањето на студентската програма на „Браќа Манаки“, наречена „Први чекори“. Програмата претходно имаше регионален карактер, а сега е проширена. Што, всушност, претставува студентската програма и што ќе понуди?
– Студентската програма е можност за младите филмски студенти кои се во своите последни две години од студирање да ги прикажат своите филмови пред голем број на колеги, професори, кинематографери и пошироката фестивалска публика. За нас како фестивал ни е важно да ја негуваме традицијата на квалитетот на кинематографијата уште од рана возраст и затоа сакаме преку оваа програма ние да ги детектираме, поддржиме и признаеме младите филмски таленти. Со години наназад студентската програма е градена макотрпно преку контакти со филмските академии, професори, декани, ректори и студенти и сметам дека е есенцијален дел од визијата на фестивалот каде што се слави квалитетот на филмскиот кадар.
Доаѓаат студентски филмови од Европски филмски академии. Тенденцијата е следната година од цел свет да дојдат. Годинава избравте 18 филмови од 17 земји од најголемите филмски академии во Европа. За каков вид филмови станува збор и што беше, да кажеме, пресудно за да ги одберете токму овие филмови?
– Изборот имаше доста предизвици, ни пристигнаа околу 60 филмови за предселекција од врвни филмски академии. Секој избран филм си е посебна приказна со свој јасен израз, но ако треба генерално да направам еден пресек би рекол дека сите преку филмската камера портретираат и успешно провоцираат емоции кои се производ на нашата човечка несовршеност. Тоа се филмови кои се занимаваат со безвременски теми како љубов, страв од одбивање, системска опресија, доверба, (не)сигурност, изолација итн. Некои тоа го прикажуваат со голема нежност и поетичност, некои со голема френетичност, но сите го имаат најважното – искреноста во пристапот. Искреност која поттикнува дискусија и дисензус. За крај би додал дека тоа се филмови кои не се плашат да бидат ангажирани, не се плашат да кршат табуа, не се плашат да го слават тоа во кое веруваат и да го прикажат тоа што ги тишти.
На годинешното издание на ИФФК „Браќа Манаки“ доаѓаат 50 студенти, кои ќе бидат дел од Фестивалот. Која е целта на нивното доаѓање?
– Најголем дел од поканетите студенти ќе се натпреваруваат во студентската програма и тоа е главната причина за нивното доаѓање. Ќе имаме гости од регионот кои не влегоа во официјалната програма, но сепак, сакаат да се дел од фестивалот. Но, исто така, покрај натпреварувачкиот дел тука е можноста за сите студенти кои ни се гости бесплатно да ги проследат сите проекции, работилници, семинари, дебатни сесии, изложби, конференции, мастер-класови и да добијат знаење кое ќе им користи во иднина. Во идеален случај би кажал дека на фестивалот помеѓу студентите би се развиле нови идеи и шанси за меѓународна соработка.
Колкаво и какво е значењето на студентската програма за ИФФК „Браќа Манаки“, која годинава ќе доживее трансформација од ревијален во натпреварувачки карактер?
– Со ваквата трансформација, ИФФК „Браќа Манаки“ прикажува една визија во која фестивалот е еден вид на сериозна отскочна даска за младите студенти и е место во кое сакаме да се погледне како ќе изгледа иднината на филмот. Со преобразбата на студентската програма се ставаме на мапа со останатите филмски фестивали низ Европа и светот кои нудат сериозна можност за препознавање и промоција на младите филмски таленти. Тоа се таленти кои ќе бидат погледнати, анализирани и оценети од интернационално стручно жири и на крај, на победничкиот филм ќе му биде доделена новата награда Кристална Камера 300. Ваквото признание, особено од фестивал во кој главниот збор го има филсмката камера, е одлична мотивација и доза на оптимизам за секој млад кинематографер.
Кои се вашите аспирации за студентската програма, односно за целокупниот фестивал, како селектор кој повторно ја враќа во живот оваа програма?
– Сакаме студенската програма од година во година да прерасне во едно еминентно место за младите филмаџии и филмаџивки, кои ќе се гордеат со посетата на нашиот фестивал, било како посетители или учесници во официјалната програма. Сакаме да создадеме инклузивен простор за омоќување, храбри идеи, нов филмски израз и дискурс. Се разбира ова нема да се направи преку ноќ и нема да го направиме сами. За ова ќе треба сериозна работа и поголема видливост и соработка со останатите големи и мали студентски фестивали oд регионот, но и од подалечните земјки како што се фестивалот во Минхен, Париз, Тел Авив, Берлин, Лондон, Талин и др. Но, важно е дека визијата е распослана – останува да покаже времето како ќе се развие.