Грандиозната „Аида“ во поинакво руво ќе ги затвори „Мајските концерти“
Со гала оперскиот концерт „Волшебниот Моцарт“ на 9 мај официјално беа отворени „Мајските концерти“ (истиот ден кога и започнуваат традиционално „Мајските оперски вечери“), кој беше емитуван на официјалниот јутјуб-канал на Националната опера и балет (НОБ).
И покрај пандемијата на коронавирусот, која речиси ги „затвори“ портите на НОБ, сепак, тоа не ја спречи годинешната манифестација да понуди симболичен, но импресивен репертоар, со што ќе ги израдуваат љубителите на уметноста. По тој повод, разговаравме со уметничкиот директор на Операта при НОБ, Мицко Дамњановски.
Месецот мај традиционално, веќе 49 години по ред, е резервиран за меѓународниот фестивал „Мајските оперски вечери“. Поради пандемијата на коронавирусот, и оваа година велелепната манифестација ќе блесне во друг сјај.
– Речиси половина век слободно можам да речам дека пркосевме на сите тековни проблеми (локални и глобални), но еве се случи да мораме да направиме официјална пауза. Паузата всушност се однесува само на насловот на манифестацијата. Оваа година ќе биде посветена на „Мајските оперски вечери“ со изведба на „Мајски концерти“… Сепак, не одржуваме цели претстави, туку концерти со оперска музика. Сепак, со олабавувањето на мерките од страна на Владата, мислам дека ќе успееме да дадеме две вистински претстави со публика.
Годинава не се одржуваат класичните „Мајски оперски вечери“, туку во чест на МОВ, Националната опера и балет одржува серијал на концерти со наслов „Мајски концерти“. Кажете ни повеќе за содржината, во кои извонредни изведби на реномираните оперски пејачи, диригенти, кореографи и дела и на кој начин ќе може да ужива публиката?
– „Мајските концерти“ официјално беа отворени на 9 мај (истиот ден кога и започнуваат традиционално „Мајските оперски вечери“, со концерт посветен на Волфганг Амадеус Моцарт, поточно на 230-годишнината од неговата смрт. Концертот беше снимен и изведен онлајн со одлична гледаност, а наскоро публиката ќе може да го проследи и на една национална телевизија.
Во тек се снимања на два рецитали на нашите оперски солисти.
Првиот е дуетски рецитал на Весна Гиновска Илкова и Ѓорѓи Цуцковски, а на вториот учествуваат Сандра Митровска, Зоран Сотиров и Марјан Јовановски, а ќе слушнеме прекрасни фрагменти од железниот репертоар на операта.
Следува концерт на хорот на Националната опера и балет и ова според мене претставува вистинско освежување за публиката. Одамна не сме го слушнале хорот со голем концерт каде целото внимание ќе го привлечат хористите, а не ја делат сцената со солисти и оркестар. Концертот ќе биде прикажан на 24 мај на нашиот јутјуб-канал.
Потоа ќе се изведе една прекрасна премиера и тоа ќе биде прва претстава во мај пред публика. Станува збор за претставата „Игри на животот“ – барокна опера која ја поставивме на идеја на нашата обоистка Татијана Петрушевска. Со задоволство ја прифатив оваа идеја и премногу сум благодарен на сите учесници во претставата кои максимално се вложија оваа претстава да „застане на нозе“ и се надевам дека ќе најде место на редовниот репертоар на операта.
Публиката ќе има можност да проследи и една балетска вечер, односно балетот „Бурнонвил“. Оваа претстава публиката ќе може да ја проследи во салонот на НОБ на 28 мај.
Традиционално ќе затвориме со претствата „Аида“ која би ја извеле на платото пред објектот, во концертна и скратена верзија, меѓутоа, мислам дека претставата ќе претставува своевиден спектакл иако нема да биде со костими од операта и режија, публиката ќе има можност да види одлична изведба со комплетно македонска екипа, одлично осветлување и мислам дека треба да почнат со време да резервираат билети затоа што навистина имаме што да покажеме. „Аида“ е предвидена секако за 31 мај со опција да се помести некој ден подоцна, доколку временските услови не ни дозволат да ја изведеме на предвидениот датум.
Што ќе биде во фокусот на „Мајските концерти“?
– Не би било фер уметничкиот раководител кој ја правел програмата да издвои свои фаворити. На сите овие настани навистина посветуваме многу енергија и време, особено што ваквиот начин на работа не е својствен за нашите уметници. Мај е месецот каде секоја година во фокусот била, е и ќе биде операта. Бидејќи оваа година ќе можат сите љубители на операта да ги проследат и бесплатно овие настани, би посочил само да обрнат внимание, па и да дадат своја оценка за изведбите на последните два настани, „Игри на животот“ и „Аида“ на отворено.
Какви ќе бидат протоколите во деновите на „Мајските концерти“, вклучувајќи ги и оние за претставите што ќе се одржуваат на платото и внатре во камерната сала, имајќи предвид дека сѐ уште трае пандемијата на коронавирусот?
– Ние имаме протокол за публика и за вработени уште од минатата година кој го надградуваме, менуваме, дополнуваме согласно моменталните мерки. Засега протоколот налага настаните да не се подолги од 90 минути и да нема пауза. Оркестарот (освен музичарите на дувачки инструменти) да свират со маски, секој да биде на сопствен пулт, да бидат оддалечени еден од друг на 1,5-2 метри. Пејачите од хорот пеат со маски исто така со меѓусебна дистанца, а само солистите настапуваат без маски, но да бидат на дистанца од минимум 2 метри и без никаков физички контакт. На публиката ѝ е дозволено да исполни 30 отсто од капацитетот на гледалиштето, односно приближно 200 гледачи. Мора да напоменам дека досега сме немале појава на ниту еден кластер од вработени и сите кои го прележаа вирусот беа заразени надвор од работното место и се надеваме дека ќе останеме примерни и одговорни и во периодот што следува.
На 26 мај ќе биде емитувана првата претстава пред публика, откако почна пандемијата. Станува збор за камерна претстава со мал број публика. Според кои протоколи ќе се одвива претставата. Кои мерки ќе треба да ги почитува и публиката и самата институција?
– Претставата е камерна, но ќе се одржи во големиот салон во Националната опера и балет. Оркестарот за таа претстава брои само 10 членови, двајца оперски солисти и тројца балетски играчи. Решивме како премиера да ѝ посветиме поголемо внимание и да ја прикажеме на големата сцена за да овозможиме во вакви услови да ја видат повеќе луѓе. Протоколите би биле исти како што ги објаснив во претходното прашање. Инаку, оваа претстава би била прва претстава со публика во склоп на „Мајските концерти“, инаку операта во целиот изминат период има настани (освен во април кога беше забрането организирање на секакви настани) со публика согласно протоколите кои ги објаснив.
„Мајските оперски вечери“ традиционално на 31 мај ќе ги заокружите со магичната опера на Џузепе Верди, грандиозната, триумфална и моќна „Аида“. Во кој дух и со каква сценографија ќе ја претставите „Аида“ годинава? Каков спектакл ќе ѝ подарите на публиката на платото „Мајка Тереза“?
– Бидејќи протоколите наложуваат да нема физички контакти, пеење на солистите еден наспроти друг и ред други мерки, принудени сме „Аида“ да ја скратиме на час и половина од нејзината грандиозност од речиси четири часа и да ја изведеме концертно. Заедно со луѓето кои се дел од мојот тим, а се задолжени за уметничкиот дел од ваквите претстави, решивме да ги одбереме најпознатите парчиња од оваа опера, а воедно да го задржиме дејствието и приказната. Бидејќи не сме во можност во фокусот да ги ставиме сцената, сценските движења и сценографијата, решивме акцент да ставиме на осветлувањето и комплетната визуелна приказна поврзана со претставата.
Господине Дамњановски вие како уметнички директор, со кои сѐ предизвици се соочивте во подготвувањето на годинешната манифестација, која е во сосема поинакво руво од годините пред пандемијата. Колкава обврска е да се биде уметнички директор на Националната опера?
– Ќе почнам со вториот дел од прашањето. Јас сум вработен во орекстарот на НОБ веќе 15 години, а седум години претходно бев хонорарно ангажиран. И како човек и како музичар созреав овде. Во оваа ситуација имам голема поддршка од моите колеги, се трудам и јас како раководител да излезам во пресрет на сите нивни барања или потреби, едноставно пробувам да ја направиме операта да биде уште поубаво место за работење. Барем од уметнички аспект. Ние како гранка сме многу специфични и ситуацијата со пандемијата навистина ни предизвикува премногу проблеми. Искрено повеќе ме плаши крајот на пандемијата односно враќањето со полн капацитет на сцена. Како уметници ќе ни треба многу повеќе време да се вратиме, пред сѐ, кондициски во форма за големи претстави, тимското работење, со еден збор враќањето во „старото нормално“ повеќе ме плаши од моменталната ситуација. Во изминатиов период се докажа дека публиката е желна за настани, ние сакаме да го вратиме аплаузот на сцена, а ние сме должни стрпливо да чекаме да заврши борбата со вирусот и да ги отвориме вратите за сите посетители.
Низ годините „Мајските оперски вечери“ станаа меѓународен оперски фестивал, кој може да се пофали со импозантен број на приредби и учесници. Во склоп на фестивалот, колку вкупно претстави се одржале и со колку учесници?
– Јас веќе повеќе од 20 години сум дел од оркестарот на операта, а еве годинава и уметнички раководител и ова прашање односно низ разговор многу често со колегите се шегуваме со бројките затоа што навистина се импозантни. Имаме и колеги кои се пред пензија па тие учествувале на речиси сите досегашни изданија на фестивалот. Реално во официјалната програма ја надминуваме бројката од 50 различни наслови, повеќе од 350 претстави (изведби) и преку 50 премиери. За странските гости не ја знам точната бројка, но со самиот факт што до лани сме се труделе да носиме странски солисти, секоја година на фестивалот има од 6 до 9 претстави, во една претстава има помеѓу 3 и 5 главни ликови… еве една математичка задача за читателите. Факт е дека некои од пејачите настапувале и повеќе години, но знам дека бројката во секој случај е импозантна. За крај би сакал уште еднаш да ја поканам публиката да ја поддржи нашата работа преку следење на онлајн концертите и присуството на претстави во нашиот салон.