Поврзи се со нас
Маркетинг

Популарно.мк

Интервју со Менка Стојаноска: „Ризик постои во секоја акција, но тоа не ме поколеба да бидам пожарникарка“

Интервју

Интервју со Менка Стојаноска: „Ризик постои во секоја акција, но тоа не ме поколеба да бидам пожарникарка“

Менка Стојаноска е една од двете пожарникарки во Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје. Веќе четири години е на оваа позиција и е задоволна што досега безбедно и совесно ја извршува функцијата на пожарникарка.

Освен што е една од ретките жени во оваа професија, таа е и првата која учествуваше на меѓународен натпревар по бразилски џиуџитсу и која донесе титула.

Одлуката за професијата пожарникар е лична бидејќи е блиска со нејзиниот карактер. Стереотипите за машки и женски професии не ја исплашиле да се пријави на конкурсот, да помине тестови со умствена и физичка подготвеност и од 2019 година да биде дел од противпожарната единица на градот.

-Љубовта кон оваа професија се појави сосема спонтано со текот на моето растење. Сфатив дека ова е една од работите каде што се пронајдам и ќе ми биде задоволство да ја извршувам. Скоро 4 години сум дел од противпожарната единица – изјави Стојаноска за Репортер.

Во моментов во Бригадата на Град Скопје вработени се две жени и двете си даваат поддршка една со друга. Во однос на предрасудите за тоа што е жена во оваа професија, Менка вели дека никогаш не размислувала така, дека тоа што е девојка треба да биде пречка да влезе во противпожарната единица.

-Ако некој нешто сака и може, не би требало околината воопшто да влијае на тоа како ќе постапува. Тоа се отсликува и во самата бригада, во мојата единица. Јас тука немам забележано дека некому му пречи тоа што сум жена. И многу ми е драго што во нашата држава правниот систем овозможува секој оној кој сака да се пронајде во одредена професија и ги исполнува условите и има желба да биде дел од тоа. Стереотипи постојат, но јас верувам дека поделбите на машки и женски професии се по природен пат. Не може во пожарната да бидат 80% жени и 20% мажи, поради физиономијата на самото тело и потребата на поголема физичка сила за самите интервенции – раскажува Стојаноска.

Секојдневно додека е на работната позиција е во униформа, но вели дека во одредени пригоди кои го бараат тоа, знае да облече штикли, да стави шминка и да има маникир.

Кога се на терен сите се штитат едни со други, нејзината и безбедноста на нејзините колеги е од приритетно значење, па и затоа мора едни со други да се чуваат.

-Сите внимаваме, во одредени ситуации може некој колега да ме опомене дека тоа место каде што сум застаната или акцијата која ја преземам е со поголем ризик, но исто така и јас го набљудувам просторот, дали моите колеги се безбедни во самата акција – раскажува Менка за безбедноста на животот на пожарникарите.

Работниот ден на Менка како и на сите вработени во противпожарната едница започнува со земање на дневната смена, потоа сите се редат во строј и во гаражите земаат две возила кои ги дежураат во текот на денот. По проверка на возилата, го пијат првото утринско кафе со колегите.

-Имаме ѕвоно, по него следи зборот „Внимание“ и кога ќе го слушнеме тој збор знаеме дека треба да се подготвиме за некоја интервенција – раскажува Менка.

Ризик постои во секоја акција и секое излегување на терен.

-Со што треба да се соочиме на терен имаме тука најава, и си создаваме слика што би не очекувало, но не секогаш може да биде така и не секогаш кога луѓето најавуваат знаат да опишат за што станува збор. Во многу од ситуациите знаеме да отидеме на самото место, а да се соочиме со нешто различно од она што ни било најавено. Досега мојот живот не би загрозен и сега за сега безбедно ја извршувам оваа работа – вели во интервјуто пожарникарката Стојаноска.

Десетина години тренирала бразилски џиуџитсу, но на оваа вештина претходело борење слободен стил и џудо.

-Еден период одев и на натпревари, сега веќе не сум толку активна, но знам да отидам и да извежбам и тоа е нешто што навистина ме исполнува. Имам и освоено медали. Конкретно за бразилската џиуџитца бев првото девојче што донесе медал од меѓународен натпревар. Во тој период бевме две – три девојчиња, и сега нема многу девојки, но тоа е личен избор – вели Менка Стојаноска.

https://www.youtube.com/watch?v=kZzT0rY_C4c&feature=youtu.be

 

Повеќе од Интервју

Маркетинг

Трендинг

Маркетинг
Маркетинг
ДО ВРВ
error: Содржината е заштитена со авторски права.