Поврзи се со нас
Маркетинг

Популарно.мк

КОНЦЕРТЕН СПЕКТАКЛ „ГРУВ“: „Со 3Д мапингот ќе предизвикаме „напад“ на сите сетила кај публиката“

Интервју

КОНЦЕРТЕН СПЕКТАКЛ „ГРУВ“: „Со 3Д мапингот ќе предизвикаме „напад“ на сите сетила кај публиката“

Неколку дена преостануваат до концертниот спектакл „ГРУВ“ кој на сцената на Националната опера и балет ќе прикаже спектакуларен 3Д мапинг со настапот на најдобриот македонски камерен оркестар „Профундис“ и феномалниот виолончелист Драган Ѓорѓевиќ – Сузуки.

За деталите за концертот, успесите и идните активности на овој камерен состав разговараме со маестра Ѓурѓица Дашиќ, диригент и уметнички раководител на „Профундис“.

Нашата екипа присуствуваше на една од нивните проби поврзани со најавениот концертен спектакл која во истовреме беше дел од нивната едукативна мисија на која беа поканети и младите музичари од музичкото училиште „Пијанофорте“ каде што ја направивме и оваа фотосесија.

П: Маестра, можете ли накратко да ни ја раскажете историјата на „Профундис“ и вашите досегашни успеси?

Камерниот оркестар „Профундис” е создаден по теркот на врвните камерни оркестри од Европа и светот. За овие 4 години во голема мера во тоа успеавме, за што сведочат бројните успешни концерти во земјава и странство, громогласните аплаузи, презадоволната публика, покани за повторни гостувања, остварените бројни соработки со еминентни светски и домашни солисти како и настапите кои следуваат на престижни фестивали и градови надвор и во нашата земја.

Од нашите досегашни настапи би ги издвоила настапот на светски познатата виолинистка Ирина Мурезану заедно со Профундис во Коларац- Белград и Скопје заедно со камерниот оркестар 13 Гудачи од Белград, настапот на реномираниот фестивал Охридско лето со концерт мајсторите на Националната филхармонија Ана Кондратенко и Владимир Костов како и со врвниот српски виолинист Јован Богосављевиќ во Скопје и Ниш, оригиналниот концертен настан “Омаж на Арво Перт” и многу други.

Една од главните заложби на Камерниот оркестар Профундис  е да биде во служба на врвните македонски солисти. Досега остваривме успешни соработки со Благој Нацоски, Љубиша Кировски, Ема Попоивода, Ана Кондратенко, Владимир Костов, Марија Ѓошевска, Славица Мицовска, Бранко Павловски, Стојанче Косовски, Марија Јанчулеска, Наде Талевска и други.

Во Италија остваривме забележителни 5 концерти  со реномирани солисти како ; Антонио ди Кристофано, Маурицио Мастрини, Паоло Шибиља, Даниеле Ајело и други.

Сите претходни настапи резултираа со покани за концерти во оваа година во која ќе настапиме на најголемиот фестивал за класична музика во регионот “Котор Арт “во официјалната програма како македонска вечер заедно со нашата реномирана пијанистка ,уникатната и оригинална Ема Попивода како и настапот на затворањето на реномираниот фестивал “Раванелиус” во Белград и настапот во рамките на реномираниот фестивал “Бит фест”. Од следните настапи би ги издвоила и настапот во Нови Сад и Темишвар ( Град на културата за 2023 година). Кога ќе се земе во предвид какви светски имиња од сферата на класичната музика настапуваат на овие фестивали, големо е задоволството од потврдата за вложениот труд како и нивото на интерпретација за добиените покани.

П: Спектакл во најава како уникатно аудиовизуелно доживување стои во вашата најава за претстојниот концерт „ГРУВ“. Може ли да ни кажете повеќе детали за овој настан?

Прв настан оваа година како и повод за ова интервју е најавата на уникатниот концертен спектакл со наслов „GROOVE”. На овој концертен спектакл подготвуван три месеци специјално за македонската публика се одлучивме на една наша дамнешна желба, да направиме концерт со 3Д мапинг и визуелни ефекти кои ќе предизвикаат вистинско воодушевување кај публиката . Програмата концептуално составена од избрани композиции коишто во фузија со 3Д мапингот ќе предизвикаат „напад“ на сите сетила кај публиката. За овој концерт го имаме најдобриот српски виолончелист Драган Ѓорѓевиќ – Сузуки кој што ќе настапи со три исклучително виртуозни композиции исто така покриени со целосен 3Д мапинг. За таа цел изразуваме огромна благодарност за подадената рака,уметничкиот влог и високото ниво на професионалност на Милчо Узунов во желбата заеднички да го реализираме овој спектакуларен и уникатен настан, кој што се случува еднаш а останува засекогаш.

Концертот ќе се одржи на 21 април во НОБ.  На наше големо задоволство во продажба се останати уште многу мал број на билети, што значи полна сала а тоа а нас уметниците е од исклучително значење.

П: Ако сезоната ја започнувате вака спектакуларно, што можеме да очекуваме од вашите активности оваа година?

Оваа година направивме план со кој концертната сезона ја започнуваме и ја завршуваме во Скопје пред домашната ценета публика со два концертни спектакли.

Во октомври, на наше големо задоволство, поканата да биде солист со Профундис ја прифати еден од водечките пет виолинисти на денешницата, концерт мајсторот на Лондонска филхармонија (LSO) ,Роман Симовиќ- виолинист со светска кариера како солист со најреномираните оркестри ширум целиот свет на 24 октомври ќе настапи заедно со камерниот оркестар Профундис во големата сала на Националната  филхармонија.

Фотографиите на малолетните лица од овие илустрации се објавени со експлицитна дозвола од музичкото училиште „Пијанофорте“.

Повеќе од Интервју

Маркетинг
ДО ВРВ
error: Содржината е заштитена со авторски права.