Интервју
КРИСТИНА АРНАУДОВА: „Детето што сакавме да го посвоиме со мајка ми никогаш не стигна во Македонија“
Поп-рок пејачката Кристина Арнаудова веќе шест години се занимава со хуманитарна мисија, а преку „Проектот среќа“ досега им е помогнато на многу деца од социјално загрозени семејства.
Речиси една година работи и на „Проект куќа со Кристина“, емисија во која таа е автор, водител, продуцент, организатор, буквално сѐ. Вели и да ѝ е тешко, не се откажува од идејата да ги средува домовите на социјално загрозените семејства. Во план им е да средат 16 дома и, конечно, проектот ќе оди на телевизијата „Телма“.
„До сега направивме шест дома. Но, работите одат полека. Нонстоп сум со списоци и пресметки во главата, како и од каде да најдеме пари за реновирање. Кога ќе се направи процена за домот што сакаме да го реновираме, јас избирам материјали и сè што е потребно, од бои и лакови, ламинати, паркет, сѐ што треба“, раскажува Арнаудова и додава: „Сакам да ги поттикнам сите да се вклучат во ова. Еден ќе даде за покрив, друг за прозорци, трет за ламинат. Да ги отвориме срцата и ако секој даде малку, ќе направи многу. Нема поголема радост од среќните лица на луѓето кога ќе влезат во новиот дом“, раскажува Кристина за „Репортер“.
https://www.youtube.com/watch?v=EGEI7rx-SiM
Не е тајна дека личната приказна ја натерала да ја почне оваа хуманитарна мисија. Мајка ѝ ја родила на 19 години, но и покрај инсистирањето на семејството да ја однесат во домот за деца без родители, таа решила да ја задржи и да се грижи за неа. Кристина вели не се сеќава кој миг од животот ја натерал да почне некому да му помага, ама уште од мала ја имала таа желба да се грижи за некого.
„Па, јас ја крадев храната од дома и им ја носев на Ромите да не се гладни. Тие не ми бараа, јас самата, едноставно сакав да помогнам“, раскажува Арнаудова.
Особено е интересна приказната што ни ја раскажа за желбата да посвојат дете, кое никогаш не стигнало во Македонија. Многу сакав да имам сестра и да ѝ ги давам моите алишта. Не дека тогаш мајка ми имаше за мене којзнае колку, ама, ете, јас имав потреба некому да му помогнам. Кога беше војната во Босна, требаше да дојдат деца во Неготино. Јас и мајка ми се запишавме во Црвениот крст за да посвоиме, ама, за жал, децата не дојдоа“, раскажува Кристина.
Преку приказните за животот како ќерка на истакнатиот пејач Гоце Арнаудов, за тоа како дознала дека ѝ е татко и кога, колку ѝ било тешко да се справи со товарот дека е ќерката на Гоце, а да успее во музиката, во какви односи е со сестра си Харита и со братот Оскар, за синовите, кои не сакаат да играат ракомет, ниту да пеат, за бракот со Александар, кој е поранешен ракометар и сегашен директор на Спортскиот центар „Борис Трајковски“, и зошто не планира да ѝ се врати на музиката, гледајте го интервјуто.