Интервју
МАРИЈА ГРУЕВСКА: „Со настапите повикав на ново ниво на балканската естрада!“
Со својот нагласен талент, но и со досега невидениот стајлинг, младата битолчанка Марија Груевска со секој свој настап го распаметуваше жирито на „Ѕвездите на Гранд“.
Благодарение на нејзината доминација во вокален и во визуелен поглед, Марија стана и еден од финалистите на најпопуларното музичко шоу на Балканот и име кое за само неколку месеци остави печат во шоу бизнисот. Екстравагантна на сцената и со неверојатни гласовни можности, пејачката на публиката од регионот ѝ ја покажа „другата димензија“, докажувајќи дека со секој настап вистинскиот талент може да биде инспиративен и нов.
Груевска не запира со плановите во моментната слава, иако млада веќе ја има прецизно осмислено својата визија за наредните 10 години.
Марија честитки, бевте еден од финалистите на најпопуларното музичко натпреварување во регионот, „Ѕвездите на Гранд“. Огромен успех, имајќи предвид дека важевте и за фаворит на шоуто. Што значи да се биде финалист на едно вакво престижно музичко шоу?
– Да се биде учесник, а и финалист на едно такво балканско шоу, пред сè, е чест, а потоа и веројатно очекуван повратен ефект поради целиот вложен труд на целиот тим и секако како резултат на напорно и професионално интензивна работа.
Со оригиналните и ефектни сценски настапи и вокалните способности никого не оставивте рамнодушен. Гледајќи сега од оваа перспектива, што беше пресудно за да стасате толку далеку, меѓу „златната“ 16-рка во финалето?
– Според мене, пресуден беше спојот на професионалци во тимот. Кога од една страна имате неверојатно талентиран, искусен и оригинален клавирист како маестро проф. Вангел Мажевски, од друга страна го имате Зоран Грујовски кој живее, твори и продуцира во Хамбург со еминентни музичари кои, пак, дадоа и свој придонес во дел од матриците, од трета страна кога еден лик како Јорг Сандер – светски познат гитарист, ќе ги збогати матриците со неговата виртуозност на гитара, па потоа кога Златко Јовановски (џејзи џеј) идеите за сценски настапи ќе ги преточи во модни креации, имаш татко со неверојатно голем сенс за сцена, вам ви останува само да го донесете на сцена сето она што овие генијалци ви го предочуваат и пренесуваат. Нормално, нема да можете тоа така лесно да го сторите таму, на големата сцена, ако ја немате целосната поддршка од генијалецот во шоу бизнисот Владимир Петков, кој со истото се занимава долго време во Белград.
Од моментот кога се појавивте на сцената, не престанавте да ја шокирате, но и воодушевувате публиката и жирито со вашите перформанси и екстравагантни стајлинзи. Сите паметиме кога се појавивте во бајковитиот златен фустан со круна на главата, но и со змија околу половината, со што ги вознемиривте, но и ги воодушевивте членовите на жирито… Сценската кулминиција се чини дека ја достигнавте на полуфиналната и финалната вечер. На вашите креации се восхитуваше дури и пејачката Јелена Карлеуша! Чии се необичните креации со кои се појавувавте на сцената? Дали имате соработка со некој дизајнер?
– Пред сè, сметам дека тоа не е шок од таков карактер туку веројатно во прашање е навиката на сцена да се гледа нешто кое е добро познато и секојдневно, па со таквите мои настапи очигледно е дека донесовме една свежина и еден повик за едно ново ниво на нашата балканска естрада. Од почетокот соработував само и само со единствениот Златко Јовановски, а по полуфиналето за стајлингот се грижеа мојата мајка Вера и Владимир Петков – Влада.
Во текот на натпреварувањето рековте дека вашиот татко е свештеник, но и дека тој е главниот идеен креатор на вашето претставување на сцената на „Ѕвездите на Гранд“. Објаснете им го на читателите тој неверојатен спој.
– Да го запознааете малку повеќе, ќе го исфрлите тоа НЕ од зборот неверојатен, бидејќи тој, пред сè, е само обичен човек со огромна фантазија и визија, а и сам бил дел од музичката естрада во 80-тите години од минатиот век формирајќи ја групата „Пажами“. И морам да кажам, дека тој и понатаму ќе остане идејниот креатор на моите сценски настапи сè додека јас сум дел од музичката естрада.
Колку време е потребно да се осмисли и креира еден таков севкупен велелепен перформанс? Особено се издвојуваат вашите оригинални и атрактивни настапи на полуфиналната и на финалната вечер.
– Најискрено ви кажувам дека секој што ќе ви каже некаква временска рамка мислам дека нема да ја зборува вистината. Токму овие два настапи на полуфиналната и на финалната вечер беа осмислувани и креирани во само четири дена, знам дека звучи неверојатно, но идеите не се нешто кое ти доаѓа преку ноќ, туку тоа е спој на многу искуство, анализа, професионализам и сè што е потребно за добар резултат. Но, како што вели татко ми, за уметноста на секое поле па и онаа која е преточена во шоу бизнисот, пред сè, ви треба само едно – отворен ум.
Марија, што можете да ни кажете за членовите на жирито на „Ѕвездите на Гранд“, имајќи предвид дека во прашање се големи балкански музички ѕвезди. Кој член од жирито ви беше наклонет, а кој ве критикуваше. Дали имавте пријатни/непријатни случки со некој од нив?
– Секој од членовите како што рековте, е истакнат во она што го работи и без разлика на тоа дали секој од нив е почитуван од секого или не, според мене имаат огромно искуство во шоу бизнисот и одлично си го работат она за што се таму. Околу тоа кој ми беше наклонет, барем јас сметам дека наклонети ми беа оние кои го разбираа и го прифатија она коешто ние како тим го претставивме. Сметам дека од аспект на музичка вредност најнаклонет ми беше „Босанац“, од аспект на шоу бизнис Јелена Карлеуша, а од аспект на избраните поп и рок нумери секако Ѓорѓе Давид. Не сметам дека некој злонамерно ме критикуваше или ми правеше некакви сопки. Немав ниту една непријатна случка, напротив, зад сцената сите беа неверојатно културни и на мое огромно задоволство покажуваа интерес да ни дадат соодветни совети и упатства за нашата понатамошна музичка кариера. За тоа искрено им благодарам од сè срце.
Дали веќе добивте некоја музичка понуда, соработка? Дали вашиот пласман во финалето на најпопуларното шоу на Балканот ќе ви помогне во понатамошните музички ангажмани?
– Секако дека учеството и пласманот на натпреварот многу ми помага и сигурна сум дека ќе биде така и понатаму. Ранo е за каква било соработка бидејќи ние интензивно работиме на наши сопствени изданија за кои веќе имаме резервирано термин за снимање во едно престижно музичко студио во Хамбург, па штом покажеме што знаеме, умееме и негуваме, сметам дека природно ќе си дојдат и одредени музички соработки. Околу односот со самата продукција потпишав договор во времетраење од 9 години, со кој во прва фаза продукцијата ми го става на располагање целиот нејзин маркетиншки простор, а понатаму се надевам и на друг вид соработка во согласност со договореното.
Што добиваат финалистите, поточно што добивте вие од продукцијата на „Ѕвездите на Гранд“?
– Мислам дека првично првите четворица добиваат музичка нумера, а потоа во зависност кој како ќе се вложува и работи договорот ќе подразбира и анекси.
Марија, при крај сте на студиите на Музичката академија. Кои се вашите идни планови? Во кои музички води ќе запловите?
– Нашиот план и визија е да понудиме еден малку поинаков пристап на музичката естрада кој планираме да го претставиме преку нашите авторски концерти и други настапи од такoв карактер. А, паралелно на тоа, секако имаме намера да бидеме и дел од музичката забавна сцена која подразбира свирки и забави по различни клубови и локали ширум нашата земја, на Балканот, а ќе се обидеме и малку пошироко. Но, ова што сега ви го кажувам е визијата за наредните 10 години. Да не помисли некој дека влегувам во филм и мислам дека такво нешто се постигнува преку ноќ (хахаха). За такво нешто свесни сме дека ни се неопходни 3 нешта :
1. Работа
2. Работа
3. И многу работа.
Уште еднаш ви благодарам на покажаниот интерес за да го споделите моето мислење и моите планови, бидејќи без вас медиумите ние би биле тоа што сме.