Интервју
МИЛАНКА РАШИЌ: „Оскарите се најголем престиж“
Миланка Рашиќ во земјава е синоним за најгламурозната и најблескавата филмска ноќ – ноќта на Оскарите. Публиката Ве препознава како долгогодишен коментатор и автор на емисии. Годинава доделувањето на најпрестижните филмски награди се емитува на Македонската Телевизија. Како се чувствувате што сте повторно во Телевизијата во која ја започнавте кариерата?
– Навистина е убаво што повторно соработувам со драги колеги. На 19 години започнав да ја работам првата емисија на Македонската Телевизија и веднаш ме фасцинираше магијата на телевизиската креативност. Имав прилика да учам од врвни професионалци и прекрасни луѓе. Дел од најубавите спомени и најзначајни моменти во кариерата ми се врзани за МТВ, од „Скопски фестивал“ и Макфест“, „Браќа Манаки“, до Евровизија, Оскари, Греми, „Санремо“, Мис на свет, многу преноси, репoртажи, авторски емисии…
Годинава имаме прекрасна соработка за целиот проект Оскари. Март е месец на Оскарите на МТВ, со емитување на циклус филмови Оскаровци и 4 мои емисии кои ги нареков „Оскаровски приказни“. Посебно ми беше драго што во третата емисија гостуваше Фејми Даут, директор на фотографија на „Медена земја“ и ги сподели неговите искуства од снимањето на филмот, како и неговото доживување на Оскаровската церемонија.
Најновата емисија „Оскаровски приказни“ ќе се емитува в недела, во 18:15 на МТВ1. Зборуваме за филмови номинирани за Оскар, за снимањето на „Приказна од западната страна“ на Спилберг, за номинирана филмска музика и песни, мода.
Општ впечаток е дека ниту една реплика, ниту едно лице, невообичаен момент за време на шоуто не може да Ве изненадат. Со совршена леснотија и со исклучителна компетентност ги коментирате преносите од оскаровската церемонија. Како се подготвувате за тоа, затоа што очигледно дека сè не се темели единствено на искуството?
– Искуството помага многу, но и подготовката. Пред сѐ, јас ја сакам филмската уметност, отсекогаш ме фасцинирал процесот на создавање филм. Не може да работите нешто добро, ако тоа не го сакате и не ве интересира. Понатаму, следам сѐ што се случува во текот на годината, премиери, филмски фестивали. За Оскарите читам, истражувам. Преносот од доделувањето Оскари е поинаков од другите доделувања награди, опфаќа 23 категории на филмско творење, а има и многу изненадувања, ненајавени моменти со кои и коментаторот првпат се соочува. На пример, во 2020 годинаодеднаш се појави Еминем на сцената и ја отпеа „Lose yourself“, песна која освои Оскар во 2003 година. Но, тој тогаш не се појавил на Оскарите, затоа што бил убеден дека нема никакви шанси да победи. Чекаше 17 години да си ја оствари желбата и да настапи. Но, никој, дури ни коментаторите не знаеја, зашто продуцентите сметале дека е добро да биде изненадување.
Има измени во последен момент. Честопати се менуваат најавените презентери, паметам дека еднаш наместо Вуди Ален, се појави Нора Ефрон.
Само треба да следите внимателно и да сте подготвени на сѐ.
Модата на црвениот килим за гледачите е можеби најатрактивниот дел од блескавата оскаровска ноќ. Постојат толку инспиративни дизајнерски креации од кои застанува здивот и се чини дека се своевидни уметнички ремек дела. Во најтесниот контекст на ноќта на Оскарите, колку е значајна модната компонента?
– Секогаш велам дека оскаровската мода со децении ги диктира модните трендови. Водечките модни куќи сакаат што е можно повеќе ѕвезди да носат нивни креации, затоа што оскаровската црвена патека е најголемата можна реклама во светски рамки. Гламурот и Оскарите отсекогаш оделе рака под рака.
Не паметиме дека некогаш сте го коментирале најголемиот холивудски спектакл од местото на случувањето. Има ли причина за тоа?
-Точно е, не сум присуствувала на доделување на Оскарите и покрај тоа што работам на овој проект со години. Преку мојата агенција „Миракс“ ги обезбедувам правата за емитување во Македонија. Од склучување договор, до соработка со телевизија која ќе го емитува преносот, промоција на настанот, правење емисии, техничка координација и многу други обврски, сето тоа е моја одговорност. Затоа е најдобро да сум тука кога се емитува преносот.
Сигурно одамна сте ги проследиле филмовите кои се номинирани, сте ги анализирале режисерските, сценариските, фотографските, актерските, па и музичките креации на претендентите за Оскар на 27 март. Некои наслови се долго време фаворити, но дали е сигурна нивната победа?
– Оскаровската церемонија е непредвидлива и тоа е дел од нејзината привлечност. Никогаш не можете да тврдите со сигурност кој ќе добие Оскар. Годинава 12 номинации има „Моќта на кучето“ на Џејн Кемпион и многу критичари сметаат дека таа ќе ги освои Оскарите за филм и режија. Но често се случува предвидувањата да не се исполнат.
Пред 2 години, „Џокер“ имаше 11 номинации, филмот „1917“ имаше 10 номинации, но главниот Оскар го освои јужнокорејскиот „Паразит“.
Исто така големо изненадување беше кога „Месечева светлина“ го освои Оскарот за најдобар филм, а не фаворитот, мјузиклот „Ла Ла Ленд“.
Затоа останува да го гледаме Оскаровското шоу и да уживаме во неизвесноста која ја делиме со номинираните.
Што ќе ни донесе 94-та Оскаровска церемонија?
– Оскаровското шоу ќе биде спектакл, најавено е најголемо отворање во историјата, со најголем број учесници. Ќе има сегмент посветен на 60 години од првиот Бонд филм, 50 години од снимањето на „Кум“. За првпат ќе биде изведен светскиот хит „We don’t talk about Bruno“ од долгометражниот анимиран филм „Енканто“. Ќе се појават најголемите филмски имиња како презентери, а меѓу пејачите кои ќе ги изведат номинираните песни се Бијонсе, Били Ајлиш, Себастијан Јатра и Риба Мекинтаер.
Церемонијата е секогаш е возбудлива и забавна, вистински визуелен спектакл како телевизиско шоу. Сигурна сум дека 94-те Оскари ќе бидат гламурозна и блескава прослава на филмската уметност и се надевам дека во недела кон понеделник ќе ги гледаме заедно.
Со екипата на МТВ ќе подготвиме и скратена снимка од 2 часа која ќе се емитува во вторник во 20:45 на МТВ1.