Интервју
ШЕФ МАРК ДЕ ЈОНГ: Мојата приказна за Македонија – дојдов, видов и се вљубив
Познатиот белгиски готвач Марк де Јонг дошол во нашата земја за да го оствари ветувањето што ѝ го дал на својата баба – дека ќе дојде во Македонија за да ја почувствува нејзината убавина. Дошол и останал. Македонскиот јазик го научил од неговите баба и дедо, кои и му ја всадиле љубовта кон Македонија. Благодарение на нив, иако живееле во Брисел, тој ги осознал вкусовите на македонските јадења и традициите.
На голема радост, гледачите имаат можност да го гледаат мајсторството на шеф Марк додека ја презентира својата маестралност во готвењето во популарното шоу „Брза кујна“. Во интервјуто за „Популарно.мк“, тој откри интересни детали од неговиот живот во Македонија.
Пред неколку години се преселивте од Белгија во Македонија за да го исполните аманетот од вашата баба. Каков аманет ви остави баба ви и со каква мисија дојдовте во Македонија?
– Дојдов, видов и се вљубив… накратко, тоа е мојата приказна за Македонија. Многупати до сега сум раскажал дека семејството на мојата мајка по потекло е од Македонија. По катастрофалниот земјотрес во 1963 година заминале за Белгија и таму го продолжиле својот живот. Како и секое дете, поголемиот дел од детството го поминав со моите баба и дедо кои, иако живееја во Брисел, си ги негуваа македонските традиции и, се разбира, македонските јадења. Така и јас ги осознав македонските вкусови. Затоа, ѝ ветив на баба ми дека еден ден ќе дојдам во Македонија да ја почувствувам убавината на оваа земја и топлината на македонското сонце.
Од каде ви се роди огромната љубов кон кулинарството? Дали постои некоја приказна зад тоа? Од каде започна трасирањето на патот на вашата кариера?
– Како секое дете, и јас имав интереси во различни области, но некако сосема случајно патот ме однесе кон гастрономијата. Во Белгија едукативниот систем за гастрономија е на многу високо ниво, а многу внимание, освен на теоријата, се посветува и на праксата. На 15-годишна возраст ја почувствував магијата во кујната, и еве до ден-денешен таа магија сѐ уште ме води кон откривање и креирање на нови вкусови и рецепти.
Насекаде сте барани, вашата популарност е огромна поради вашите кулинарски вештини, но и поради вашиот непосреден, топол и срдечен однос. Кажете ни го „рецептот“ за сето ова?
– Јас сум искрен и спонтан човек. Мислам дека луѓето ја чувствуваат мојата позитивна енергија.
Освен ангажманот во популарното кулинарско шоу „Брза кујна“, чии нови епизоди сите со нетрпение ги очекуваат, дали имате и други ангажмани, со што друго се занимавате во моментот?
– Пред неколку години започнав со давање курсеви за готвење. Ги организиравме како часови за групи од 10-12 луѓе кои интерактивно беа вклучени во курсот. Во последнава година поради пандемијата, курсевите за готвење беа приватни, човек на човек. Исто така, работам и како приватен шеф.
Што најмногу сакате да готвите, која ви ја омилена кујна и омилен специјалитет?
– Основата на моето готвење е француската кујна. Но, во последните години многу сакам да правам фузија на техники и вкусови. Од кога живеам во Македонија, го чувствувам влијанието на медитеранската и ориенталната кујна. Зеленчукот и овошјето тука се полни со вкус, а за мене е предизвик да си играм со вкусовите. Со неколку зачини, резултатот е одличен.
Кои се најважните намирници во вашата кујна без кои не можете да си го замислите приготвувањето на јадењата?
– Путер, крем за готвење, сол и бибер, тоа ми беа порано основните намирници во кујната. Но од кога сум тука, многу повеќе користам и маслиново масло, буковец, сусам, ким, лук…
Што најмногу ви се допаѓа од македонската храна? Притоа, дали имате некој совет за домаќинките, каде грешат во кујната, односно при приготвувањето на јадењата?
– Многупати сум рекол дека ја обожавам македонската кујна, и сите традиционални јадења кои ме потсеќаат и на детството поминато со моите баба и дедо. Она што ми е необично е времето на термичка подготовка на храната. Многу често, особено постарата генерација на домаќинки премногу ја печат или варат храната. Она што го забележувам е дека во последните неколку години се зголеми интересот за готвење и запознавање на нови вкусови и рецепти.
Дали можете да ни кажете некоја анегдота од емисијата „Брза кујна“, што ви оставила впечаток, и како се снаоѓате во такви ситуации?
– Кулинарското шоу „Брза кујна“ и за мене беше едно ново искуство. После 6 сезони и околу 1.200 емисии можам да кажам дека сум среќен што токму „Брза кујна“ ми овозможи да запознаам многу луѓе, од сите региони на нашата земја, да разговарам со нив и да осознаам многу интересни традиции, но и дијалекти кои го прават македонскиот јазик уште поинтересен за мене.
Дали ве ангажираат по приватни настани и вечери, и како изгледа една таква вечера?
– Работата како приватен шеф е нешто што го работев во Белгија. Со задоволство можам да кажам дека интересот на луѓето да имаат приватен шеф на своите семејни или деловни настани и тука се зголемува. Луѓето сакаат да доживеат ново искуство, да пробаат нови убави вкусови, а притоа да бидат домаќини за своите гости или семејство.
Веруваме дека секоја домаќинка ќе сака во својот кулинарски тефтер да има барем еден ваш рецепт, кој со задоволство ќе го приготвува. Кои рецепти би ги споделиле со нашите читатели?
– Секојдневно споделувам различни видео-рецепти на социјалните мрежи. Многу сум среќен што имам интеракција и позитивни коментари. Ако погледнете по моите профили на социјалните мрежи, сигурен сум дека ќе се најде рецепт за секој вкус.
Што ќе ни кажете за животот и кариерата во Македонија? Направете една паралела или споредба со живеењето во Белгија.
– Секоја земја си има свои специфики и свои убавини, и затоа не би можел да правам споредби. За мојот живот во Македонија, би кажал дека е исполнет со многу љубов и среќа, а тоа е и клучот за мојот успех.