Поврзи се со нас
Маркетинг

Популарно.мк

СЛАЃАН ПЕНЕВ: Македонската кинематографија е сѐ поприсутна на реномирани филмски фестивали

Интервју

СЛАЃАН ПЕНЕВ: Македонската кинематографија е сѐ поприсутна на реномирани филмски фестивали

Слаѓан Пенев, новиот селектор на главната програма на Фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“ не го крие задоволството што во време на пандемија, и покрај бројните премрежија кои  ја следеа подготовката и одржувањето на фестивалот, во Битола се случи достојна прослава на врвни кинематограферски достигнувања.

Неговата селекција на десетте филмови од три континенти веќе имаа свои премиери на фестивалите во Берлин, Кан и во  Карлови Вари. Пенев вели дека пресудно за селекцијата била филмовите да се визуелно одлично создадени и продукциски, режисерски и сценаристички врвно подготвени, во што, според реакциите на публиката и на познавачите на филмската уметност, селекторот успеа.

По повеќе од година и пол живеење во пандемија која освен што ни наметна физичка дистанца, нѐ дистанцираше и од културно-уметничките настани со што секна и уживањето во нив, конечно, на голема радост на љубителите на филмската уметност се одржа Фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“, и тоа во физичко издание. Како е да се подготвува фестивалот во услови на пандемија, со сите згоди и незгоди?

– Да, со голема радост поради продолжување на успешната приказна на Меѓународниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ и со многу шубе поради можните влошувања на состојбата со ширењето на заразата го подготвивме и го реализираме ова 42. издание на овој значаен културен настан за Македонија и за филмската, и поспецифично, за кинематограферската струка. Отворањето се случи на отворен простор и беше нешто што носеше многу предизвици, но во најголем дел сме задоволни од исходот и ќе извлечеме поуки за на следното издание да имаме помалку стресна прослава на кинематограферските достигнувања.

Колку филмови се вклучени во селекцијата на главната награда „Камера 300“ и кои режисери и сценаристи се потпишуваат зад овие филмски остварувања? 

– Оваа година имаме десет долгометражни играни филмови во главната програма, исклучителни дела со силен авторски печат, бидејќи сите режисери на овие десет филмови се истовремено и сценаристи на истите. Меѓу нив и дебитанти, како Дина Дума, авторката на „Сестри“, филм кој го отвори фестивалот, хрватската режисерка Антоанета Аламат Кусијановиќ која со филмот „Мурина“ ја освои Златната камера на последниот Фестивал во Кан, францускиот режисер Винсен Маел Кардона дебитира со едно од најпријатните откритија годинава „Магнетски битови“, а од најновата египетска кинематографија големо внимание предизвикува надреалистичката драма „Пердуви“ на дебитантот Омар Ел Зохаири. Додека, пак, поголем дел од кинематограферите на овие десет филмови се многу поискусни творци, при што половината од нив се со над десет долгометражни филмови во своето портфолио, а за кинематограферите на два од овие десет филма ова е прв долгометражен филм зад чија визуелна естетика се потпишале.

Рековте дека вклучивте дела со висока естетика, дела што се обраќаат до широката публика, арт-хаус филмови… Кои филмови се тематски најдоминантни од понудата на годинешниот Фестивал „Браќа Манаки“?

– Темите на созревањето, барањето на својот идентитет, недоразбирањата во комуникацијата, меѓугенерациските проблеми, како и внатрегенерациските проблеми, потребата за доминација и слични теми од животот на денешната млада генерација се најчестите во овие филмови. Има и неколку социјални теми, како патешествијата на бегалците во Европа, тешките егзистенцијални драми од секојдневието на луѓето кои се борат со сиромаштијата, но и поконтроверзни теми, како смртната казна, кризата на машкоста, родовата флуидност, сексуалната фетишизација…

Господине Пенев, вие го направивте изборот за главната натпреварувачка програма на фестивалот. Колку тешко е да се направи селекцијата и што е пресудно за да се изберат филмови за да влезат во златната 10-ка, со оглед на тоа што се вклучени дела на еминентни и респектабилни режисери, но и на не толку познати, но талентирани филмски творци.

– Пресудно за селекцијата е филмовите да се визуелно одлично создадени, а секако и да се врвно подготвени во смисла на продукциски, режисерски и сценаристички пристап. Или пократко, комплетно извонредни дела. Затоа малку подолго трае потрагата по вакви филмови.

Македонскиот филм „Сестри“, инаку прв долгометражен филм за режисерката Дина Дума и за кинематограферот Наум Доксевски, го отвори „Браќа Манаки“. Што донесува „Сестри“, кој е најсилниот адут на филмот? 

– „Сестри“ е тинејџерска драма сместена во денешното Скопје, во кое животот на младите е главно посветен на сликата за себе и другите која се одржува на социјалните мрежи, каде, како и во останатата интеракција, се води немилосрдна борба преку игрите за доминација и понижување, со цел барем привидно да се одржува посакуваниот статус во друштвото. Визуелизацијата е една од најсилните страни на овој филм, за што е заслужен во најголема мера кинематограферот Наум Доксевски, но и голем дел од останатите членови на филмот.

Дали можете да ни кажете нешто за развојот на фестивалот? Што беше „Браќа Манаки“ некогаш, а што е денес? Која е Вашата визија за иднината на фестивалот?

– Фестивалот „Браќа Манаки“ е првиот филмски фестивал посветен првенствено на кинематограферската работа и останува да биде и понатаму таков. Тој ја слави работата на кинематограферите, градејќи го својот идентитет врз богатото наследство и длабоката трага која ја оставиле браќата Јанаки и Милтон Манаки. Нивната фотографска и кинематограферска работа која ја реализирале со славната камера 300 се врзува најмногу со градот Битола и затоа е логично што фестивалот се одржува во овој град. Во првите десетина години бил наменет за делата на кинематограферите од Југославија, а на почетокот на 1990-те станува меѓународен. Јас го запознав фестивалот токму тогаш, кога беше во значителен подем и кога беше едно од ретките места каде можеа да се гледат врвни дела на современиот филм. Селекторот на филмовите Благоја Куновски-Доре, како еден од најреномираните филмски критичари во тоа време, успеваше да донесе не само рафинирани филмови со висока визуелна естетика од сите страни на светот, туку и многу атрактивни актуелни дела од големите фестивали, кои со тек на времето стекнуваа култен статус. Таквиот пристап заинтересира многу филмски љубители од другите градови, но и од надвор од Македонија. Потоа се воведе убавата пракса овој фестивал да доделува награди за животно дело или за особен придонес за светската уметност, со што беа донесени многу големи имиња од светската кинематографија. Со тоа растеше и угледот на фестивалот кај филмската струка, а со тоа и претензиите овој фестивал да ги прошири своите програми, да носи многу повеќе гости и да станува една од најпрепознатливите филмски прослави во Југоисточна Европа. Врвот на овој подем се достигна на 40-то издание на ИФФК „Браќа Манаки“, во 2019 година, кога во рамките на сите програми беа прикажани над 100 филмови, гостуваа многу истакнати имиња од филмскиот свет. Бидејќи бев ангажиран во организирањето на фестивалот во тој период, бев позитивно изненаден од реакциите на кинематограферите кога им соопштувавме дека сакаме да прикажеме нивен филм на нашиот фестивал. Сите го познаваа фестивалот, делумно од нивни колеги, делумно и од нивните професори на факултетите каде го учеле занаетот и за нив беше дури и прашање на престиж нивните дела да бидат прикажани во рамки на програмите на фестивалот. Потоа се случи пандемијата и еве оваа година успеавме да организираме повторно пристоен фестивал, со помалку филмови и помалку гости, но сигурен сум дека квалитетот на селектираните филмови е на нивото на она што сме навикнале да го гледаме и претходните триесетина години во Битола. Мојата желба е овој фестивал повторно да има повеќе филмови и многу гости, да се одржува во летниот период, со цел да имаме можност да гледаме повеќе филмови на отворено, да ги привлечеме љубителите на филмот од целиот регион да доаѓаат во Битола и особено студентите на филмските академии. 

Дали можете да издвоите некои трендови кои посебно ги воочивте во авторскиот израз на овогодинешната селекција на Фестивалот „Браќа Манаки“?

– Можам само да потврдам дека авторскиот филм е во врвна форма последниве години.

Што мислите за современата домашна продукција? 

– Не сум изненаден од успесите на домашната продукција. Филмовите како „Медена земја“ и „Исцелител“ направени од млади талентирани автори им дадоа многу мотивација на домашните автори и продуценти да го освојуваат филмскиот свет кој е секогаш во потрага по нови визуелни инспирации. Во македонската кинематографија има голем потенцијал за одлични дела и ме радува што токму оваа година ја одбележуваат неколку одлични домашни филмови кои имаа премиери на реномирани филмски фестивали. Извонредниот краток филм „Северен пол“ на Марија Апчевска беше прикажан на Канскиот фестивал во главната конкуренција за кратки филмови, прекрасниот филм „Сестри“ на Дина Дума освои награда на фестивалот во Карлови Вари, а одличен фестивалски старт доби и новиот филм на Тамара Котевска „Solo Mode“ на најпопуларниот филмски фестивал во Југоисточна Европа, Сараевскиот фестивал, каде што беше прикажан и филмот на Кумјана Новакова „Disturbed Earth“. Најголем дел од овие филмови се поддржани од македонската Агенција за филм, така што дел од успехот се должи и на оваа поддршка.

Повеќе од Интервју

Маркетинг

Трендинг

Маркетинг
Маркетинг
ДО ВРВ
error: Содржината е заштитена со авторски права.