Интервју
ТОНИ ЗЕН: Татковството ме промени, а јас уште учам како е да си добар маж во брак
По подолга пауза раперот и диџеј Тони Зен се врати на музичката сцена со нова песна – „Планот“. За песната вели дека има одлични реакции, а решил да се врати повторно и да пее оти тоа ѝ го должел на публиката. Тони е познат и како дел од шоуто „Срвајвер“ што се снимаше на Филипините, каде освои второ место. И денес се сеќава дека сè што барал е да зборува на македонски и тоа да оди на телевизија со српски превод.
„И успеав во тоа, затоа што мојот јазик е македонски“, вели Зен за „Репортер“.
За музичката сцена пак вели: „Да се биде дел од неа колку што е добро толку и не е. Може и си направив проблем, затоа што сега пак се враќам на тој начин на живот, сите оние излегувања, пороци, а сега веќе имам дете и сопруга, па не е исто“, искрен е Тони Петковски.
Во времето додека беше отсутен од настапите тој се ожени и стана татко. Со сопругата Валентина се заедно долго време, а во 2019 се ожени и се роди синот Јасен. Зборувавме за татковството и бракот. Тони признава дека да се биде татко и да се биде во брак ич не е лесно.
„Многу ме промени татковството. Тоа си бара одговорност и дисциплина што јас сум ги немал и сè уште учам. За бракот, исто така не е баш лесно. Точно е тоа дека сум тежок човек и да се биде со мене е тешко. Стресно е да се издржи со некој како мене“, искрен е Тони Зен, кој на прашањето готви ли по дома, вели: „Види не е проблем да се готви по дома, проблем е искреноста каде некогаш сум потфрлил. Јас сè уште учам да ги поправам грешките за да бидам маж како што треба. Бидејќи сè уште не сум“.
Во интервјуто зборуваме за почетоците на музиката, кога во ’93 година, како вели, се навлекол на рап и на хип-хоп култура. Времињата кога се слушаше музика на касета, а на „Ем-Ти-Ви“ се чекаше да ти ја пушат омилената песна.
„Ејјј, снимавме на две касети, два касетофона, клекнати, тука со микорофон во рака. Група од маало. Другарот беше поинтелигентен па пишуваше текстови за песните. Па на 103-ка да ти ја пуштат песната, тоа беа радости. Замисли, песна со лош квалитет, ти ја пуштаат на радио“, се сеќава Тони Зен.
Не крие дека не му одело школото и дека одел на полагање, најчесто математика. Вели дека некогаш бил дете на МЗТ, ама по повредата веќе никогаш не се вратил на кошарката. За животот во Аеродром и маалото, љубовта кон рап културата, пороците што ги носи јавниот живот, бракот, скијањето.. Гледајте го интервјуто.
https://youtu.be/RVe3S3sV41c