Интервју
Забавно такси возење со Ана Зафирова (ИНТЕРВЈУ)
Ана Зафирова, која сите ја препознаваме по незаборавниот проект „Врти сучи тоа ти е Скопје“ се врати на телевизија со нов проект. ТВ Такси 28 се снима во брендираното комбе кое веќе стана препознатливо по улиците на главниот град.
Во емисијата Ана, Стефан и Стрезо ве водат низ интересни и различни теми кои се занимаваат со културата на живеење и вредностите кај нас и во Европа, а се емитува секоја сабота во 9.30 часот наутро на МТВ 1. Проектот беше причина да поразговараме со Ана.
Како се случи ТВ Такси 28?
Како во секое такси возење низ град, не знаеш на кого ќе налеташ, на твој стар познаник, другар или добронамерен непознат сопатник кој што ќе ти го донесе Универзумот, ама знаеш дека е за тебе. Е така, си се најдовме НИЕ, ТВ Такси 28 екипата. Дел добро се познававме, ама никогаш немавме соработувано, а со дел се запознавме. Ама дојде моментот кога „диспечерот“ не собра околу проектот и ете веќе добро возиме ⅓ од циклусот.
Зошто ти е предизвик овој проект?
Иако постојано сум активна професионално, долго немав работено ТВ. Понудата која што ја добив од Мунлајт продукција за мене беше сладолед од смоква, „неодолива“. А во градов, за нас „сладокусците“, нема често добра топка од овој сладолед. И си реков ова е тоа, имаш акумулирано побааги искуство и знаење, ајде направи кам бек на ТВ. А понудата вклучуваше одлична екипа, човечки фактор, со одлична цел, да информира, забавува и на еден многу нежен, ненаметлив начин да образува. Во суштина тоа е јадицата. ТВ Такси 28 во сѐ ги исполнува стандардите на професионалната телевизиска работа. Тие се поставени како столбови и фактот дека нема компромис, беше клучен, за да кажам ДА.
Како ги бирате темите?
Темите се наши, нѐ предизвикуваат затоа што се проблемски. За дел од нив сакаме да го свртиме вниманието, да ја кренеме јавната свест за сѐ она што го носиме како потенцијал, како културното наследство, обновливите извори на енергија, или она што го занемаруваме, како вештините, јазикот или медиумската писменост. Тоа се теми кои ни ја даваат уникатната вредност на овој европски континент. Теми со кои ние живееме, ги бараме соодветните соговорници, кои се вистински трезор на информации и ја расплетуваме приказната на духовит и информативен начин.
Со кого возењето беше песна?
Досега песна ни е секоја епизода. Сериозно. Сите ги паметам по содрижината и убавата енегија која провејува низ нив. Ние, за тие 30 минути на екран, сме си споделиле уште минимум 5 пати по толку искрени ставови, смеење, зезање, колегијални забелешки, селфиња на Стефан и музика кај Стрезо во Такси. Гостите секогаш си заминуваат со една иста реплика „Пишете кога ќе се емитува, топ си поминавме“. Е токму затоа искуството со ТВ Такси 28 е вистинско доживување. Секој, што има што да каже суштински битно, е добредојден. Ги сакаме сите луѓе кои прават разлика во нашата земја, прават исчекор напред, на подобро за сите нас.
Каква динамика имате со Стрезо и Стефан?
Кога ќе ни кажат продуцените, се собираме на „три, че ти ри“ и се наоѓаме пред комбе. Камерите се палат и нашата тура почнува. Снимивме 10 епизоди. Ќе направиме пауза летово, до нова повторна септемвриска дружба.
Какви се реакциите на луѓето?
За сега прекрасни. Веќе ни тропкаат и на прозор на комбето. И по улиците на градот делуваме како атракција, а се надевам дека веќе ја создадовме навиката во 9.30 во сабота на МТВ 1 и секако за оние што ќе ја пропуштат тука е YouTube каналот TVTaxi 28.