Сцена
Изведба на „Реквием“ од Џузепе Верди на 26 мај на „Мајски оперски вечери“
Во рамките на 51. издание на фестивалот „Мајски оперски вечери“ 2023 на 26 мај со почеток во 20.00 ч. ќе се изведе едно од најмоќните и најдраматичните дела во историјата на класичната музика, „Реквием“ на италијанскиот музички мајстор Џузепе Верди.
Диригент е гостинот од Бугарија, Емил Табаков, концерт-мајстор е Владимир Костов, а хор-мајстор е Ѓурѓица Дашиќ. Настапува Хорот на Националната опера и балет и Оркестарот на Филхармонија на Северна Македонија.
Солисти: Беса Лугичи, сопран (Косово), Сања Анастасиa, мецосопран (Србија), Никола Китановски, тенор, Игор Дурловски, бас.
Неповторлива музичка фантазија! „Реквием“ на Верди е прекрасна фузија од опера, драма, симфонија, од возбудливи, виртуозни соло мигови, од радост и среќа, до патос и тага, од едноставни „реченици“ кои ја растеретуваат мислата, до длабока филозофска идеја за чија суштина вреди да се размислува. Делото е посветено на славниот италијански книжевник Алесандро Манцони.
Композиторот Јоханес Брамс изјавил дека „само гениј би можел да напише вакво дело!“ Реквиемот на Верди е дело со „најсконцентрирани“ емоции – сите човекови чувства ставени на толку малку страници. Музиката е директна и моќна, вознемирувачка, величествена…