Музика
Калиопи го привлече вниманието на црвениот килим во Стокхолм (ФОТОГАЛЕРИЈА)
Вчеравечер во Стокхолм беше организирано дефиле на сите учесници на овогодинешниот Избор за песна на Евровизија. Појавувањето на претставниците и нивните тимови на црвениот килим беше вовед во церемонијата на свеченото отварање на Евровизија 2016 којашто се одржа во Градската куќа во Стокхолм.
Македонската претставничка Калиопи, миленичка на евровизиските новинари и фанови веднаш го сврте вниманието на себе при самото појавување на црвениот килим. Водителот на програмата ја најави Калиопи како една од најголемите евровизиски ѕвезди, а бројните фанови го довикуваа нејзиното име пеејќи ги на цел глас рефрените од нејзините најголеми хитови од “Бато” до “Дона”!
Освен со шармот, харизмата, духовитоста, позитивната енергија и широката насмевка, Калиопи на црвениот килим во Стокхолм заблеска и со елегантната, свилена тоалета во црна боја, која во целост одговараше со нејзиниот препознатлив стил и сензибилитет.
На прашањето на новинарите за кој дизајнер станува збор Калиопи истакна дека на располагање имала неколку свечени тоалети од познати светски брендови и креатори, но на денот на црвениот килим за неа пристигнало специјалнно изненадување од Македонија! Нашата позната дизајнерка и моден креатор Розе Трајчевска, инаку долгогодишен соработник на Калиопи, и испратила за појавувањето на црвениот килим тоалета специјално дизајнирана по нејзина мерка и вкус.
Розе Трајчевска е креатор и на костимот со којшто Калиопи ќе настапи на Изборот за Песна на Евровизија. Имено станува збор за своевидна стилска мешавина на нео-барок и рок, а оваа креација медиумите и публиката имаа прилика да ја погледнат за првпат на втората проба на евровизиската сцена пред неколку дена. Овој фустан совршено естетски одговара на песната “Дона”, а мегу новинарите во евровизискиот прес центар беше оцената како спектакуларната.
На втората проба, вокално, Калиопи и нејзиниот тим од четири придружни вокали (извонредните Маја Лилчиќ, Јулија Карамитрова Огненоска, Калина Велковска и Марија Наумовска) како и тапанарот Горан Михајловски, беа како и досега беспрекорни. Сепак, оваа втора проба беше од големо значење и поради усовршување на врвните визуелни сценски решенија. Стручниот тим којшто работи на сценскиот настап на песната “Дона” истакна дека на втората полуфинална вечер оваа песна ќе заблеска во полн сјај во Глоуб Арената.
По пробата беше организирана и прес конференција за медиуми, а Калиопи уште еднаш како нивен фаворит беше пречекана со голем аплауз. На прашањето на новинарите зошто толку многу и значат евровизиските фанови Калиопи низ насмевка одговори дека таа ги гледа нив како едно големо подвижно срце. Потоа следуваше прашење за тоа колку е значајно за неа да ги обнови емоциите од Баку врзани за нејзината земја Македонија: “Тоа можете да го почувствувате преку мене. Мојата земја Македонија мене многу ми значи, тоа е мојата најголема инспирација. Мојот народ е прекрасен, мирољубив и ако ја посетите Македонија ќе бидете пречекани со големо гостопримство. Ако се претставувам себе си и својата земја, тоа мора да го направам со најголема гордост и огромна чест” – изјави Калиопи пред присутните новинари.
За Калиопи и нејзиниот тим следи уште една проба на 11. мај а потоа и она што сите со нетрпение го очекуваат, настап во втората полуфинална вечер на 12. мај.