МК Сцена
КАЛИОПИ ПОДГОТВЕНА ЗА ЕВРОСОНГ: Погледнете ја последната проба од сцената во Стокхолм (ФОТО+ВИДЕО)
На само неколку дена до почетокот на 61. издание на изборот за песна на Евровизија, Калиопи ја имаше втората и последна проба пред нејзиниот настап, во четврток, на сцената во „Ериксон глоуб“ арената во Стокхолм.
Низ класичен, елегантен сет и игра на светла, Калиопи, облечена во креацијата на дизајнерката Розе Трајчевска која е долгогодишен соработник на Калиопи, заедно со своите придружни вокали брилираше на пробата.
Според мислењето на многубројните новинари во пресцентарот Калиопи на евровизиските фанови им го даде токму она што сите го очекуваа и сакаа да го слушнат и видат од неа – врвна интерпретација, елегантна сценска драматургија и вонсериска енергија којашто обзема и плени.
Инаку „Евросонг“ ќе се одржува од 10 до 14 мај, а Калиопи, со песната „Дона“ на македонски јазик, настапува на второто полуфинале, на 12 мај. Ако Македонија успее да обезбеди пласман, Калиопи ќе пее и во финалето, на 14 мај.
Поп-пејачката Маја Саздановска, Марија Наумовска, Калина Велковска и Јулија Карамитрова-Огненоска се годинешните придружни вокали на Калиопи.
Во продолжение погледнете го видеото и фотогалеријата од нејзиниот пробен настап и прес-конференција.