МК Сцена
Канадската хит серија „Orphan black“ на Телма во 21:30 часот
„Orphan Black“ е ТВ серија која користи позната тематика сместена во сосема нова приказна. Ова е приказна за човечки клонови, умешно раскажана преку главниот лик Сара Менинг.
Жанровски е интересен микс од научна фантастика, драма и акција, па би можеле да ја гледаат љубителите на секој од овие жанрови. Забавна е, динамична, емотивна и со неочекувани дејства. ТВ серијата има интересна замисла и дејство кое е лесно да се следи.
Воодушевува актерката Татјана Мазлани (Сара Менинг), која не само што глуми повеќе различни ликови кои имаат различен стил, карактер и начин на живот, туку се и од различни страни на светот и говорат со различен акцент. Нејзиниот руски е крут, британскиот англиски ѝ е стегнат, па би се запрашале кој е всушност нејзиниот мајчин јазик. Се префрла од една улога во друга умешно претопувајќи ги сите различности на карактерите во клонирани верзии од себеси.
Во продолжение ве запознаваме со содржината на оваа хит серија :
Сара Менинг е една бунтовна девојка, израсната во Лондон заедно со Феликс, нејзиниот посвоен брат. Таа се враќа дома за да си го среди животот, да ја врати назад својата ќерка, да си ги среди односите со жената која ја чува нејзината ќеркичка и да стави точка на нејзиното минато, крај на лошите избори и лошите момчиња.
Токму кога мисли дека го нашла лесниот начин за излез од проблемите, всушност влегува во лавиринт од нови непознати дејствија кои ни малку не се лесен пат до безгрижен живот.
Чекајќи воз на железничката станица, таа среќава жена која пред нејзините очи си го одзема животот, и што е најчудно од сè, таа жена изгледа идентично како неа. Сара е стаписана од оваа случка, но ја користи во своја полза, па ги зема нејзините лични документи и следствено, нејзиниот идентитет и нејзиниот живот. Жената која се самоубила е Бет, па така Сара започнува да го живее нејзиниот живот.
Бет била полицајка, па сега и Сара ќе мора да глуми дека е полицајка и да живее заеднички живот со Пол, мажот на Бет. Многумина не знаат дека таа не е Бет, но изненадувачки, некои сепак знаат дека не се работи за истата личност, а уште поголемо изненадување е тоа што Бет не е единствениот нејзин дупликат. Постепено се појавуваат други девојки кои се буквално идентични на Сара, но сите имале различни животи.
Се појавуваат прашања кои не е лесно да се одговорат. Како се случило ова и што се крие зад сето ова клонирање? Како е можно да има повеќе од една идентична личност? Кој ги создал? Колку ги има? Каде низ светот живеат? Колку досега се убиени? Зошто се убиени?