Поврзи се со нас
Маркетинг

Популарно.мк

Кански филмски фестивал 2024: Златна палма за филмот „Анора“

Сцена

Кански филмски фестивал 2024: Златна палма за филмот „Анора“

Трогателната драма со комични елементи „Аnora“, за млада егзотична танчерка која стапува во врска со син на руски олигарх, беше наградена со Златна палма на филмскиот фестивал во Кан.

Овогодинешниот Кански филмски фестивал – 77-ми по ред – траеше од 14 до 25 мај. Фестивалот кој ги собра светските ѕвезди на едно место, во главната натпреварувачка програма имаше бројни филмови кои со нетрпение очекуваме да ги видиме годинава. Исто така, во текот на 11-те дена од неговото траење, речиси секој ден имавме можност да уживаме во гламурозните изданија на гостите на црвениот тепих.

Златната палма ја освои филмот „Анора“ и американскиот режисер Шон Бејкер, а наградата му ја врачи Френсис Форд Копола, чиј филм „Мегалополис“ не освои ниту една награда.

Американскиот режисер се врати во Кан три години по филмот „Red Rocket“, а во новата комедија-драма се оддалечува од маргинализираните средини што ги сака и ги сместува ликовите во неговиот роден град – Њујорк.

Анора е млада стриптизета од Бруклин која се заљубува во син на руски олигарх. Изгледа дека и се случува вистинска бајка, дури и брак е на повидок, но сето тоа се случува пред родителите на нејзиниот сакан да се вклучат во приказната, решени да ја уништат оваа врска.

Оваа година жирито во Кан ја прошири категоријата за најдобра актерка и додели повеќе од една. Наградата ја добија актерките од филмот „Emilia Perez“ (Карла Софија Гаскон, Зои Салдања и Селена Гомез). Една од членовите на жирито, Лили Гладстон, филмот го нарече хармонија на сестринството. Од друга страна, Џеси Племонс е прогласен за најдобар актер за неговите (три) улоги во филмот „Kinds of Kindness“.

Гран-при наградата ја освои филмот „All We Imagine as Light“, кој воедно е и првиот индиски филм кој се најде во официјалната селекција по три децении. Од друга страна, веќе споменатиот филм на францускиот режисер Жак Аудиар „Еmilia Perez“ ја доби наградата на жирито, додека за најдобар режисер е прогласен Мигел Гомес. Исто така, во категоријата Кратки филмови, наградата ја доби хрватскиот режисер и сценарист Небојша Слијепчевиќ – за филмот „Човекот што не можеше да молчи“.

Почесните златни палми годинава им беа доделени на актерката Мерил Стрип, креаторот на серијата „Војна на ѕвездите“ Џорџ Лукас, како и режисерот на анимирани филмови Хајао Мијазаки. Подолу е списокот на добитниците на главните награди, кој може да се најде и на официјалната веб-страница на Канскиот филмски фестивал.

Кански филмски фестивал 2024: Список на победници

  • Златна палмаAnora, Шон Бејкер
  • Гран-приAll We Imagine as Light, Пајал Кападија
  • Награда на жирито – Emilia Perez, Жак Аудиар
  • Најдобар режисер – Мигел Гомес, Grand Tour
  • Најдобар актер – Џеси Племонс, Kinds of Kindness
  • Најдобра актерка – актерската екипа на филмот Emilia Perez (Карла Софија Гаскон, Зои Салдања и Селена Гомез)
  • Најдобро сценариоThe Substance, Coralie Fargeat
  • Un Certain RegardBlack Dog, Гуан Ху
  • Златна камера – Халфдан Улман Тондел, Аrmad
  • Краток филмThe Man Who Could Not Remain Silent, Небојша Слијепчевиќ
  • Почесна Златна палма – Мерил Стрип, Студио Гибли, Џорџ Лукас

Повеќе од Сцена

Маркетинг
ДО ВРВ
error: Содржината е заштитена со авторски права.