МК Сцена
КОНЦЕРТЕН СПЕКТАКЛ: Ветераните на југословенскиот рок „Бијело дугме“ го воодушевија Скопје (ФОТО)
Ветераните на југословенскиот рок, групата „Бијело дугме“ вчеравечер ја исполнија арената „Борис Трајковски“ до последното место.
Бројната публика дојде да се потсети на своите младешки денови со музиката која одбележа една епоха и многу генерации кои растеле во поранешната СФРЈ, но меѓу нив имаше и млади генерации кои ги научиле песните на „Дугме“ од своите родители.
Концертот започна со визуелна ретроспектива преку стари фотографии од концерти, настапи и албуми, прикажувајќи ја историјата на една од најпопуларните групи од нашите простори.
Потоа на сцената се појавија Брега и Ален со голем број на музичари кои официјално ја стартуваа оваа југословенска журка на сите генерации.
– „Се надевам ќе ја паметите оваа убава ноќ во Скопје, како што ќе ја паметиме и ние“, рече Горан Бреговиќ.
Целовечерниот концерт започна со песната „Ночас је ко лубеница пун мјесец изнад Босне“ која ја дигна целата арена на нозе, а продолжи со „Пљуни и запјевај, моја Југославијо” која публиката ја пееше толку гласно што на момент беше погласна и од самата музика.
Во вториот дел од концертот, на бината се појави Младен Војичиќ – Тифа, кој ја испеа „Сањао сам ноќас да те нема“ и пред публиката настапи со истата енергија како на концертите од пред повеќе години.
Се редеа хитовите „Зар не видиш да правим будалу од себе”, „Шта има ново”, Ѓурѓевдан“, „Сањао сам ночас да те немам“…
Инаку, на сцената „Дугме“ беа со својот оркестар на труби, придружен од тамбураши, виолинисти и хор, за кои песните од опусот на „Бијело дугме“ беа преаранжирани.
Групата „Бијело дугме” е основата во 1974. година во Сараево. Зоран Реџиќ, Владо Правдиќ, Милиќ Вукашиновиќ, Драган Јанкелиќ, Лаза Ристовски, Ипе Ивандиќ… се само дел од имињата кои ја дале својата заслуга за хитовите на кои се забавува цела Југославија. Групата има издадено девет студиски албуми, а само една година по издавањето на последната плоча „Чирибирибела”, во 1989. година, ,,Бијело дугме” го одржаа последниот концерт во Дервенти.
Разиграната публика двапати со аплаузи ги врати на бината и тие и возвратија со четири песни за бис, а со последната – „Ружица си била“ го завршија концертот пред полноќ.
На распродадениот концерт на „Бијело дугме“ во Скопје, организиран од Авалон продукција, имаше многу луѓе и од други градови на Македонија, како и посетители од соседни земји.
После повеќе од 43 години постоење со прекини, замена на пејачи, заминување на многу членови, популарното „Бијело дугме“, како што потврдија со синоќешниот концерт, и денес жари и пали со истата енергија.