МК Сцена
Корчагинската „Покондирана тиква“ во Кочани (ФОТО)
„Простете ми милозливи дами и фрајли, но подобро е книга да се чита отколку на бал да се оди! Книгата е безбедна и спокој носи, а балот мирот ќе ви го разнесе и неспокој донесе …“
Вака им се обраќал на покондираните дами од 19 век српскиот комедиограф, Јован Стерија Поповиќ , во предговорот на комедијата во три чина „Покондирана тиква“.
Кога една средношколка, исклучително талентирана, ќе пронајде книга (заборавен и загрозен вид во исчезнување) оставена на полиците од нејзиниот дедо, напишана на простете веќе неразбирливиот српско-хрватски јазик, ќе ја прочита и ќе ја оживее покондираната Фема облекувајќи ја во ново милениумско руво, тогаш на нас наставниците, секако и родителите, не ни останува ништо друго освен да се сладиме на креативноста и ентузијазмот на нашите Корчагинци.
Фема, Евица, Васа, Анчица, Ѓоле, Лав Демјан, Живорад, Синиша Станковиќ и Сара, со нивната креаторка Уна Николовска по премиерното прикажување на претставата во рамките на Гимназијада 2018, отпатуваа на 55-то издание на ДАФ во Кочани. Тридневното дружење со актери аматери од Македонија, Србија и Словенија, пренесување на знаења и вештини преку работилниците на професионални актери, режисери и професори од ФДУ , гостопримливоста на градот Кочани и претседателот на Драмскиот Аматерски Фестивал Г-дин Дарко Спасов, е привилегија за сите кои го живеат театарот.
Скопскиот новинар и театарски критичар Тодор Кузманов во спонтаниот разговор со учесниците претставата ја оцени како амбициозна и добра адаптција на текстот на Стерија Поповиќ каде е забележителна писателската интервенција на Уна. Нивниот аматерски занес да останат на сцена подолго со додадени импровизации е нивната љубов кон тоа што го прават (amarre), исто како што остануваат после часови и во саботите во свечената сала на гимназијата Корчагин – љубов е тоа, не е обврска!
Покондирана тиква, полна со жаргони и „недолични “ зборови ја испрати пораката дека нашите средношколци знаат и умеат да го критикуваат тоа што го сметаат за недолично кај нас возрасните, потребата да се влезе во материјалниот свет на квази етикеции и лажен нобл, глумење на снобизам кој воопшто не е автентичен на овие простори (снобови биле дворјани со префинети манири без „сина крв“ во потеклото), купување дипломи и површно знаење за да се добие „добра“ репутација , перфидно лицемерие и карикатурно трчање по престиж.
А кога сето тоа ќе го прикажат на сцена малолетни деца, веќе им ја согледуваш полнолетноста и зрелоста, многу често позрела и од нас возрасните.
Дечки бевте исклучително духовити и дрско искрени, на здравје нека ни е покондираноста!