„Коски“ за зрели жени е новата колекција на Ателје Креација
Инспирирана од филмот Сенки на режисерот Милчо Манчевски, креативката и модната стилистка од Битола Надица Бицева-Димитровски ја создаде новата колекција накит „Коски“. Таа создава парчиња колекции накит дизајнирани под нејзиниот бренд „Ателје Креација“, спој на уметничко творештво и културата.
– Колекцијата „Коски“ е визуелно олицетворение на кревкоста наспроти цврстината. Во модата поимите рибина коска, слонова коска, не се непознати, во мојот дизајн ги употребив и ги претставив во авангардна форма, појаснува Надица Бицева-Димитровски.
Сите производи се изработени од репроматеријали и помошна галантерија со висок квалитет и европски стандард.
– Цела колекција „Коски“ е во основа изработена од полимерна глина. Акрилни бои, кожа, фолија, циркони го надополнуваат дизајнот. Како и сите претходни, така и оваа колекција е наменета за зрели жени кои имаат изграден стил и сакаат да го надополнат со впечатливо парче накит, вели таа.
Надица дизајнира авангарден накит од текстил и глина, но повремено изработува и модни додатоци, поточно пластрони, фасцинатори, лептир машни, марами…
– Моите колекции се пласирани за продажба на американски пазар на платформата Clothia, а за европски пазар во AIF Showroom – Лугано, вклучително и на нивната платформата Architecture in Fashion. Она што е Best Seller во Америка, не е и во Македонија, така што разликата е воочлива при избор на производ, додава Бицева-Димитровски.
Во процесот на изработка таа секогаш прво подготвува комплетно модно досие, од наслов до mood board и технички скици,а потоа го изработува накитот кој има повеќе етапи во процесот на изработка, од моделирање на глината до крајниот изглед на производот.
Таа е дел од во проектот „Мерки за зајакнување на женски бизниси по Ковид-19“ спроведен од Центарот за управување со промени – ЦУП а поддржан од Balkan Trust for Democracy.