Сцена
Кристофер Нолан е на пат за Оскар за најдобар режисер откако ја освои наградата DGA за Опенхајмер
Викендов во Лос Анџелес се одржа 76-тото доделување на наградите DGA, награда која ја доделува Здружението на режисери на Америка (Directors Guild of America), а Кристофер Нолан ја доби наградата за најдобар режисер.
Нолан ја доби наградата за најдобар режисер за „Oppenheimer“, портрет на Џ. Роберт Опенхајмер, американскиот теоретски физичар, „таткото на атомската бомба“ кој помогна во истражувањето и развојот на двете атомски бомби кои беа фрлени на Хирошима и Нагасаки за време на Втората светска војна.
Ова беше прва награда на DGA на режисерот во кариерата, а интересно е што се доделува од 1948 година и се смета за еден вид вовед во Оскарите кога станува збор за категоријата за најдобар режисер. Имено, само осум пати од првата награда до денес, добитникот на наградата DGA потоа ја нема освоено престижната златна статуетка.
На овогодинешното доделување во хотелот Беверли Хилтон, режисерот на филмот „Past Lives“, Селин Сонг ја доби наградата Мајкл Аптед која се доделува на режисери кои за првпат режисираат игран филм, додека Мстислав Чернов ја доби наградата за документарниот филм „20 Days In Mariupol“ кој исто така беше номиниран за Оскар.
Кога станува збор за сериите, Питер Хоар ја доби наградата за режија на реномираната трета епизода од драмата на HBO „The Last of Us“, додека Кристофер Сторер, креаторот на една од минатогодишните најпопуларни серии „The Bear“, ја доби наградата DGA за режија. Сара Адина Смит доби признание за режијата на минисеријата на Apple „Lessons in Chemistry“.