Поврзи се со нас
Маркетинг

Популарно.мк

ЛОСТ ФРИКВЕНСИС ЗА ПОПУЛАРНО: „Охрид, очекувајте голема забава!“

МК Сцена

ЛОСТ ФРИКВЕНСИС ЗА ПОПУЛАРНО: „Охрид, очекувајте голема забава!“

Продолжува концертното лето во Македонија!

Неверојатно продуктивната година во поглед на концертите на светски познати музички имиња кои оваа година ја посетија Македонија, ќе стане уште подобра, со стартот на фестивалот „Охрид Колинг“ кој наредните две недели ќе го префрли центарот на забавата во Охрид.

На 1 август на „Билјанини извори“ настапуваат Ники Ромеро и Лост Фриквенсис, познати музички продуценти и диџеи кои оваа година настапија на престижните европски фестивали Егзит и Тумороуленд и зад себе имаат огромни хитови кои со недели ги заземаа првите места на светските музички топ листи. Фестивалот продолжува со настапот на гитарскиот виртуоз Ал Ди Меола на 13 август  и на атрактивните „Продиџи“ на 14 август кои се учесници на првото издание на „Охрид Колинг“, фестивалот осмислен како начин на промоција на туристичката понуда на Охрид.

Екипата на Популарно.мк која ова лето беше дел од центарот на забавата на Петроварадинската тврдина каде го видовме настапот на Ники Ромеро и Си Денс фестивалот во Будва каде настапи Лост Фриквенсис, повторно ви ја носи ексклузивата со специјално интервју со младиот диџеј Феликс Де Лает, или како што самиот милува да се нарече – Лост Фриквенсис.

lost frequencies live1

Бевме изненадени од одобреното интервју и директниот телефонски контакт кој неговите публицисти ни го овозможија со ова навидум „обично“ 22-годишно момче кое го живее својот сон, но на големата сцена препознаен како планетарно познат продуцент и диџеј кој има преку 500.000.000 прегледи на социјалните мрежи.

– „Вау, каква најава, и јас се воодушевив од фактите кои сега ги кажавте. 500.000.000 прегледи?! Неверојатно нели? (се смее). Но, вистината е дека пред да го објавам големиот хит, односно преработка на„Are you with me“ јас бев обичен студент кој во слободно време сакаше да експериментира и да продуцира своја музика на лаптопот кој ми го подари мојот татко. Замислете, сакав да правам музика, но на почетокот не ни знаев како да снимам песна. Неверојатно е што сѐ ќе ве научи животот. Никогаш не се гледав себеси на нивото на кое сум денес и сум благодарен за сѐ што ми се случи во животот. Посакувам секој да го живее сонот кој го сонува.“ – срамежливо почна Феликс.

Успехот е неизбежен – хитовите „Are you with me“ и „Reality“ му го менуваат животот и го прават светски познат. Овие песни со недели беа на врвот на многу топ листи низ светот, но успехот на овие песни не ја одмина ниту Македонија.

– „Мислам дека 5 недели го имав врвот на топ листата во Македонија, нели? Заедно со мојот тим ги работиме тие, да ги наречам, анализи и сум многу благодарен што Македонците ја слушаат мојата музика толку многу. На 1 август ќе се заблагодарам за тоа! (се смее)“.

Оваа година ќе заврши успешно за ова младо момче, кое нѝ остави впетачок како од другата страна на слушалката да разговараме со некој наш пријател, а не со светски познат хит-мејкер.

– „Да, оваа година работам напорно за во септември да го објавам мојот дебитантски албум. Ќе ги има старите хитови, но и неколку нови што ќе ги објавам во текот на годината. Многу се радувам што ќе можам на моите фанови да им подарам албум кој ќе може во секое време да ги забавува.“ – додава Феликс, познат под уметничкото име Лост Фриквенсис.

Како што најавивме, ова лето Лост Фриквенсис настапуваше на главната бина на Егзит авантурата во Будва, а на 1 август ќе го видиме и во Охрид.

– „Летово имав мала балканска турнеја. (се смее) Знам колку луѓето тука ја сакаат мојата музика, па сакав да дојдам и да се дружам со нив. Во Македонија доаѓам првпат и слушнав многу убави работи за Охрид. Сигурно ќе ми се допадне, па можеби и ќе одморам тука неколку дена ако ми дозволи календарот, зошто да не?“ – низ смеа ни одговори Де Лает.

Инаку овој млад хит-мејкер во Охрид ќе настапи пред диџеј сетот на познатиот Ники Ромеро, па го прашавме дали му претставува предизвик на биде на истата сцена со него.

– „Секако дека ми претставува предизвик! Пред да станам, да кажам, познат, како на секој млад тинејџер така и на мене ми беше сон да ги запознаам овие познати личности и музичари, а не да настапувам на истата сцена со нив. И ќе повторам, заблагодарен сум на фановите и на сите оние кои ја сакаат мојата музика за тоа што сум денес!“ – додава Лост Фриквенсис.

На прашањето што да очекуваме во Охрид, тој кратко ни одговори:

– „Голема забава! Охрид, очекувај голема забава!“.

Иако не сакавме да го завршиме телефонскиот разговор со ова младо и успешно момче, поради фактот што бевме фасцинирани од начинот на кој Феликс ни ги објаснуваше работите, ги испочитувавме 10-те минути од неговото слободно време за ова интервју, кои повеќе поминаа во смеа отколку обично интервју, а тој на крај ни најави:

– „Покажете дека сакате да се забавувате, па ќе се видиме повторно во Скопје! (се смее) Секако дека би направил забава во Скопје, сакам да запознавам нови луѓе и нови места и секогаш ми е предизвик да посетувам нови градови и земји каде досега не сум бил, па зашто да не би дошол и во Скопје?“ – за крај ни изјави Феликс.

Иако очекувавме специјална видео порака до вас, нашите читатели, до моментот на објавување на ова интервју не успеавме да добиеме повратен одговор од неговиот тим.

Побрзајте и набавете ги своите влезници за овој спектакуларен старт на „Охрид Колинг“.

Само за потсетување, по журката со Ники Ромеро и Лост Фриквенсис,  во рамките на фестивалот ќе се случат уште два концерта. На 13-ти август ни доаѓа светскиот гитарски виртуоз Ал Ди Меола со ексклузивен концерт на Античкиот театар, додека на 14-ти август на стадионот „Билјанини извори“ после 10 години во Македонија ќе настапат „Д Продиџи“ – една од најголемите светски музички атракции на сите времиња.

Билетите се во продажба на сите продажни места на Купи Карти За Се и Тикет

Огранизатор на „Охрид Колинг“ е Авалон продукција.

Главниот и одговорен уредник на веб порталот Популарно.мк. Ѓорги е перспективен новинар кој со својата креативност и талент го направи Популарно.мк дел од водечките информативни сајтови во Македонија. Во исто време е регионален известувач за CNN од Македонија и главен на продукцијата GPTM Production.

Повеќе од МК Сцена

Маркетинг

Трендинг

Маркетинг
Маркетинг
ДО ВРВ
error: Содржината е заштитена со авторски права.