МК Сцена
Македонската ФХ3Х дел од ефектите на филмот Batman vs Superman: Dawn of Justice
Македонската компанија за анимација и визуелни ефекти ФХ3Х учествуваше во визуелните ефекти на филмот Batman vs Superman: Dawn of Justice, во соработка со студиото MPC Technicolor од Лондон, кој од четврток ќе почне да се прикажува во Скопје.
Станува збор за продолжението на Superman: Man of Steel, насловен Batman vs Superman: Dawn of Justice, каде по првпат се појавуваат ликовите на Бетмен и Супермен заедно, и се започнува со нивниот конфликт.
Кристијан Даниловски, ко-сопственик на компанијата изјави дека на овој проект работеше тим од 77 артисти, во периодот од јануари до декември 2015 година, на околу 200 кадри.
– Проектот го работевме во соработка со нашиот долгогодишен клиент MPC Tehnicolor од Лондон, и според првичните реакции на проекциите, нема да бидеме разочарани од сработеното. Бидејќи сме сите фанови на стриповите на DC Comics, без да ја расипувам забавата, ќе кажам само дека очекувањата ќе ни бидат исполнети, а како особено пријатно изненадување, обрнете внимание на Wonder Woman”, изјави Даниловски.
Стравувајќи дека постапките на Супермен се оставени без надзор, Бетмен му се спротивставува на Супермен, додека светот дебатира каков супер херој им треба. Покрај Лекс Лутор, се појавува нова закана, негативецот Думсдеј (Doomsday) чие име кажува дека негова задача е да го уништи светот. Бетмен и Супермен мора да ги тргнат сопствените несогласувања настрана, и заедно со чудото од жена Wonder Woman да го запрат уништувањето на Метрополис.
Batman vs Superman: Dawn of Justice освен што ги прикажува Бетмен и Супермен заедно, за првпат во филмско остварување ги прикажува и Wonder Woman, Aquamen, The Flash и Cyborg.
Филмот е во режија на Зак Снајдер, според сценарио на Крис Терио и Дејвид Гојер. Во главните улоги настапуваат Бен Афлек како Брус Вејн, Хенри Кавил како Кларк Кент, Ејми Адамс како Луиз, и Џеси Ајзенберг како Лекс Лутор.
Премиерата на Бетмен против Супермен ќе се одржи на 24 март во 20 часот во киното Синеплекс.