МК Сцена
Македонската премиера на краткиот филм „Крајот на времето“ го означи стартот на „Браќа Манаки“
Македонската премиера на краткиот филм „Крајот на времето“ на режисерот Милчо Манчевски, го означи почетокот на 38. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“.
Фестивалот за отворен го прогласи претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов, кој како покровител на овој национален културен настан, му врачи златна „Камера 300“ за животно дело на годинашниот лауреат, францускиот кинематографер Пјер Лом.
Вториот добитник на наградата за животно дело, славниот италијански кинематографер, Џузепе Ротуно, заради својата возраст не дојде во Македонија, но негов претставник ја прими големата награда на фестивалот на кинематограферите кој до 30. септември ќе се одржува во Битола.
Годинава за највисоките награди конкурираат 13 кинематографери со исто толку филмови, а натпреварувачкиот дел го почна бугарско-македонската копродукција, филмот „Насоки“.
Годинашното издание на фестивалот има 10 различни филмски програми, 13 филмови во конкуренција за Златна, Сребрена и Бронзена Камера 300, меѓународното жири го предводи Пол Рене Ростад, кинематографер од Норвешка, а членови се: Лука Коасин, кинематографер од Италија, Јани – Петери Паси, кинематографер од Финска, Даријан Пејовски, режисер и сценарист, од Македонија и Ерол Зубчевиќ, кинематографер од Босна и Херцеговина.