МК Сцена
Македонскиот „Таксират“ меѓу 10-те најдобри европски фестивали!
ТАКСИРАТ Фестивал е изгласан од страна на фестивалската публика за еден од најдобрите европски фестивали во рамки на European Festival Awards, најпрестижното европско фестивалско признание!
ТАКСИРАТ годинава се најде во друштво на 10-те најдобри фестивали во Европа, во категоријата „Best Indoor Festival“, меѓу кои се и фестивали како „Reeperbahn“ (Германија), „Le Printemps de Bourges“, „I Love Techno“ (Франција), „Out.Fest“ (Португалија) и други.
Европските фестивалски награди се најзначајното меѓународно признание за препознавање на квалитетот на фестивалските организации на кои се должи енергичната фестивалска сцена во Европа. А ова признание за Фестивалот доаѓа и во вистински момент за прослава, односно на само неколку дена од одржувањето на главната вечер на Таксират, кога ќе прославуваме заедно со фестивалските посетители – оние кои се најмногу заслужни за оваа чест.
Добитниците на наградите ќе бидат презентирани на свечената церемонија во Гронинген, Холандија која се одржува во рамки на Eurosonic Noorderslag конференцијата, на 11-ти јануари 2017.
Овие награди се доделуваат од 2009 година, а ТАКСИРАТ фестивал 8 години по ред се закитува со номинација во две категории „Best Indoor Festival“ и „Best Small Festival“. Минатата година, повеќе од 1.2 милиони фестивалски посетители гласаа за најдобрите фестивали, а вкупно учествуваа повеќе од 350 фестивали од 35 земји во Европа.
Во оваа прилика се заблагодаруваме за довербата и поддршката на сите оние кои гласаа за Таксират, велат од Пасворд продукција.