МК Сцена
Македонскиот тим од ФХ3Х дел од најновиот Џејмс Бонд филм – „Спектар“
Македонската компанија за анимација и визуелни ефекти ФХ3Х учествуваше во креирањето на визуелните ефекти на 24-тиот Џејмс Бонд филм „Спектар“ во соработка со МПЦ Техницолор од Лондон, кој во Скопје ќе почне да се прикажува од 5 ноември.
Кристијан Даниловски, ко-сопственик на ФХ3Х и извршен продуцент, изјави дека на овој проект работеле вкупно 66 артисти од јули до октомври годинава.
– Овој проект го работевме во соработка со МПЦ Техниколор од Лондон и на филмот беа изработени преку 70 кадри. Како фанови на серијалот со нетрпение очекуваме да го видиме конечниот резултат. Од она што може да се види низ медиумите и форумите за филмот, не очекува фантастичен спектакл, особено акционите сцени снимени во Мексико, новото специјално произведено возило на Астон Мартин, лимитед едитион ДБ9 ГТ Бонд Едитион, да не ги набројувам останатите „гаџети“ кои се вообичаена атракција за сите фанови. Филмот ветува добра забава, изјави Даниловски.
Во „Спектар“ Даниел Крег по четврти пат е во улогата на Бонд, овојпат против Кристофер Валц во улогата на Оберхаузер, во приказна која не враќа на првиот контакт на Бонд со криминалната организација Спектар.
Според сценариото, по нападот на Раул Силва врз МИ6, шифрирана порака од минатото на Бонд, покренува низа настани со кои се соочува со криминалната организација позната како Спектар. Додека М се бори со политички моќници да ја задржи тајната служба активна, Бонд сфаќа дека едниствениот начин да ја расплетка мрежата на измами е да ја заштити невината ќерка на моќен непријател. Следејќи трага од Мексико до Италија, Австрија и Мароко, принуден е да работи надвор од својата вообичаена структура на поддршка, бидејќи треба да се соочи со непријател од своето минато.
Филмот премиерно беше прикажан на 26-ти октомври во Лондон, додека светската премиера е закажана за 6-ти ноември.
„Спектар“ ќе се прикажува во киното „Синеплекс“ од 5-ти ноември, еден ден пред светската премиера.