Интервју
Марјан Ристески: „Оваа година ќе ги срушиме рекордите на Пиво фест!“
Насловна фотографија: Иван Темелковски / Популарно.мк
Прилеп е подготвен за големиот старт на 13-то издание на Фестивалот на пивото – Пиво фест 2015. Во таа чест екипата на Популарно.мк денеска зборуваше со градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески кој ни ги откри сите детали за овогодинешното издание на фестивалот.
– „Најпрво сакам да ја поздравам целата екипа која работи на Пиво фестот, локалната самоуправа и Центарот за граѓанска иницијатива. Мислам дека атмосферата е позитивна и градот е подготвен да ги пречека сите илјданици туристи кои ќе дојдат да присутвуваатна фестивалот на пивото. Едноставно кажано, градот го живее фестивалскиот дух. Ќе има ладно пиво и добра скара, а тоа е најважно!“ – објаснува Ристески.
Фестивалот на пивото во Прилеп е единствен фестивал во Македонија каде граѓаните сами ја одбираат програмата, па така оваа година на главната сцена ќе настапат повеќе познати изведувачи од Македонија и регионот:
– „Во однос на програмата ќе кажам дека Прилепскиот Пивофест е единствен фестивал во Македонија кој што ја бира програмата на јавна анкета. Неколку месеци пред настанот се прави анкета на која граѓаните си го кажуваат своето мислење и желба кого би сакале да видат на сцената на Пивофест во Прилеп. Оние изведувачи кои што ќе добијат најмногу гласови ние ги носиме. Гледаме да бидат задоволени сите вкусови. За оваа година мој личен фаворит се Прљаво Казалиште, сепак на ова издание на Пивофест имаме многу ѕвезди, многу звучни македонски и Балкански музички имиња така што ќе биде ова четири дневен настан за паметење. Ќе имаме многу гости и посетители од целиот Балкан, но и пошироко, така што како Градоначалник на Општина Прилеп најавувам манифестација за сечиј вкус, од светски размери. Главната бина ќе биде најголема до сега, со многу лед екрани, визуелни ефекти, настап на Слаткаристика, Саша Ковачевиќ, Оливер Драгојевиќ, Неда Украден, Прљаво Казалиште, Наум Петрески, Љубојна, како и многу други изведувачи и изненадувања за публиката. Освен главната бина ќе има и алтернативен стејџ, односно камената бина во центарот на градот, каде што по главната програма која што ќе завршува околу 1 часот по полноќ, забавата ќе продолжи со утринските часови. На таа сцена ќе може да се слушнат Дј Мартин, дј Никофор и пена парти, Латино Вечер, Дј Гоце Саф. Да напоменам дека во функција ќе биде пивскиот туристички воз со кој ќе може сите посетители да го разгледаат градот. Ќе имаме и пивски точак, бесплатен кампинг на Могила, каде што секое утре, во текот на фестивалот ќе ги послужиме сите кампери со бесплатна чорба и кафе.“ – додава градоначалникот.
На прашањето дали следната година на сцената на Пиво фест ќе видиме некоја голема светска ѕвезда, градоначкникот Ристески се пошегува, велејќи дека прво сакале да ги „потрошат“ балканските ѕвезди, а од наредната година дефинитивно ќе размислуваат за нешто поспектакуларно.
Секоја година се рушат рекордите на посетеност, испиено пиво и изедена скара, а оваа година градот е подготвен за поставување нови рекорди:
– „ Секоја година во нагорна линија одат тие рекорди кои се запишани од претходната година, очекуваме да се срушат сите рекорди, најавата е на над 300.000 гости, а и топлото време предизвикува да се пие ладно пиво и останати пијалоци, но нашата порака е секогаш да се конзумира внимателно!“ – додава Ристески.
Прилеп е подготвен и за безбедноста на посетителите:
– „ Во градот има 20.000 паркинг места за посетителите, така што сите можат безбедно да влезат и да излезат од градот, полицијата и брзата помош се тука да се грижат за нашата безбедност и да напоменам дека секое утро по фестивалот градот е чист, како да немало фестивал претходната вечер.“ – вели градоначалникот Марјан.
За крај, вечерва Прилеп е центар на забавата во Македонија, па затоа градоначалникот Ристески ве поканува на добра забава во градот под Марковите кули!