МК Сцена
„20 години ДНК“ – јубилеен концерт на македонското рнб дуо
Јубилејниот концерт на рнб дуото ДНК (Панчо и Андреј) насловен „20 години ДНК“, а закажан на 3 декември во арената „Борис Трајковски“.
Концертот ќе значи заокружување на едно убаво и големо поглавје во кариерата на дуото, но и одбележување на постоењето на домашната музичка сцена на Панчо и Андреј.
Билетите за претстојната музичка дружба во продажба ќе бидат пуштени веќе од понеделник 13 јуни, точно напладне и тоа преку продажната мрежа на Мк.тикетс.
Со оглед на тоа дека Панчо и Андреј слават 20-годишен јубилеј, во првите 20 дена, односно во периодот од 13 јуни до 2 јули, билети ќе се продаваат по следниве цени: ВИП 800 денари, ВИП коњопој 800 денари, фан пит 200 денари и седење (трибини) 350 денари. Веќе од 2 јули цените ќе бидат следни: ВИП 1000 денари, ВИП коњопој 1000 денари, фан пит 350 денари и седење (трибини) 450 денари.
– Ние сме луѓе од народот и да можеме да си го дозволиме тоа, ако целиот концерт ни е покриен од спонзори, верувајте не би ни наплаќале влезници, а така е затоа што се чувствуваме должни за сите 20 години поддршка што ја добиваме од целата наша публика. Сакаме некако да им возвратиме на сите и секој еден да може да си дозволи да биде присутен на концертот на 3 декември. Цените на билетите можеби се ниски, но ние сме убедени дека овој наш гест не е потценување на нашата работа, туку само гест на почит кон публиката која е со нас цели 20 години, едногласни се Панчо и Андреј.
Освен што беа соопштени деталите за концертот, на денешната прес-конференција се случи и медиумската промоција на темата „Ако утре ме нема“, чија официјална промоција е закажана за вечерва во 19 часот на Јутјуб каналот на ДНК.
„Ако утре ме нема“ е тема зад која стои веќе стандардната екипа – Панчо и Лазар Цветкоски, овој пат засилена од неверојатниот Џамбо Агушев, кој замеша прсти во аранжманот. Видеото, пак, е работено со Кристијан Теодоров, режија и камера, и Владимир Митревски -Ѓуле, монтажа и боја.