МК Сцена
ФАНК ШУИ со настап на најважната Европска музичка точка – ЕУРОСОНИК
“Последен лет за Холандска…” Чест и задоволство ни е што 2022 ќе ја започнеме со концерт на најголемиот европски showcase фестивал Eurosonic – Холандија. Groningen kan niet wachten om je te zien!” – изјавија ФАНК ШУИ споделувајќи информација за еден од најважните настапи во нивната досегашна кариера.
Еуросоник е шоукејс фестивал кој има кредибилитет да се нарече “клучно скалило” во кариерите на многу музички ѕвезди, меѓу кои на Џејмс Блејк, Франc Фердинанд, Адел, Стромае, Мамфорд енд Санс, Дуа Липа, Аурора, Вајт Лајс, Noisia и многу други. ФАНК ШУИ настапуваат на следното издание во Јануари, во Гронинген, Холандија!
Во светот на музичката индустрија една од најважните професионални чекори на секој инволвиран во оваа дејност е посетата и умрежувањето со музички професионалци од целиот свет, а како едно од најважните места за посета на секој кој професионално работи во музичката индустрија европска и светска, е Гронинген, Холандија и месецот Јануари – симбол за старт на годината која ќе обележи нови надежи и трендови во музиката.
ЕУРОСОНИК е најголемата Европска музичка конференција и шоукејс фестивал кој е домаќин на повеќе од 4000 менаџери, агенти, издавачи, промотери, музички медиуми, иницијативи, артисти. Во текот на 3 дена од 19 до 21 јануари градот Гронинген се претопува во Европски центар на музиката кој со широко отворени очи и уши го бара звукот на годината која следува. Преку дневната конференциска програма се разработуваат повеќе од 30-тина актуелни теми од музичката индустрија, а во текот на вечерите на повеќе од 40 локации низ градот, преку 200 музички артисти кои транзитираат чекор нагоре во својата кариера, се претставуваат пред интернационална публика, со свои концерти.
Македонските херои на новото време ФАНК ШУИ ќе настапат со свое шоу во центарот на Гронинген на 20 јануари. Групата кон која се свртени очите на регионот, овојпат заслужено се искачува уште едно скалило погоре во својата кариера, кон поширока интернационална публика и поконкретно, кон професионалците кои ги креираат трендовите и се секогаш желни за нов звук.