Главната бина на Д Фестивал во полн сјај!
Единствениот културно-уметнички настан во Македонија кој во целост ги претставува глобалните вредности на големите open-air музички фестивали, Д ФЕСТИВАЛ ова лето ќе се одржи на 13 и 14 август во Дојран.
Дводневната програма на ова, единаесетто издание ќе се одвива на Главната бина на Д Фестивал која годинава ќе блесне во полн сјај претставувајќи ги настапите на дел од најголемите музички ѕвезди и несомнено најквалитетните музичари познати особено по извонредните настапи во живо, а кои ова лето пристигнуваат во Дојран од домашната сцена, но и Велика Британија, Србија и Босна и Херцеговина.
Во петок, на 13 август Д Фестивал ќе го претстави премиерниот настап на „ГОРГОН СИТИ“ (GORGON CITY) – една од велесилите на новата британска електронска сцена и актуелниот „Најдобар артист на месецот“ според реномираниот „Битпорт“ кој им го додели ова признание откако три месеци по ред тие се најпродаваниот изведувач. Станува збор за лондонскиот продуцентски тандем кој се потпишува зад големите хитови од светските топ листи како „Ready for your love“, „Imagination“, „Saving my life“, но и соработките со низа ѕвезди од калибарот на Wyclef Jean, Chris Brown, Rudimental, Clean Bandit, Pete Tong, Duke Dumont, Sofi Tukker и многу други. Истата вечер на Д Фестивал пристигнуваат и несомнено најимпресивната реге-ска-панк екстраваганца и светски најпрепознатливиот бенд од овие простори ДУБИОЗА КОЛЕКТИВ, најавтентичните музичари од домашната сцена кои на Д Фестивал воедно ќе слават и 25 години кариера, бескрајно имагинативните ФОЛТИН и извонредно талентираниот белградски пост-панк бенд РЕПЕТИТОР.
Во саботната вечер на Д Фестивал, на 14 август за затворање на годинашното издание и финале на фестифалското лето кај нас, задолжен е ни повеќе ни помалку туку музичкиот гениј на македонската електронска сцена, маестралниот КИРИЛ ЏАЈКОВСКИ кој овој настап го најави и како ексклузивна премиера на која пред публиката на Д Фестивал за прв пат во живо ќе се претстави со својот нов вокалист Rootsman I. Програмата и за оваа вечер продолжува со листата сочинета од омилените изведувачи на познавачите на добриот звук, па покрај Џајковски, главната бина на Д Фестивал ќе има чест да биде домаќин и на гордоста на македонскиот металкор и основоположник на стилот, врвните live професионалци СМАТ (SMUT), неприкосновениот уметник кој е синоним за квалитет и интегритет на македонскиот хип хоп СТРАЈК, но и неговиот пандан од соседството, ултимативниот мајстор на римите и гласот на бунтовната генерација од белградскиот асфалт, СМОКЕ МАРДЕЉАНО, како и новиот проект на култните уметници од македонската алтернативна сцена 21 ВЕК.
За Д ФЕСТИВАЛ безбедноста и здравјето на сите посетители и ангажирани лица е секогаш прв и најголем приоритет, а манифестацијата и оваа година ќе се одржува во согласност со мерките за заштита од пандемијата и со целосно придржување кон безбедносниот протокол за организирање на музички настани.
Во моментов со тие мерки официјално е дозволен максимум 50% од капацитетот, а поради овие ограничувања Д Фестивал за жал нема да ги има сите свои автентични програмски сегменти и ќе биде во класично издание т.е. со програма само на главната бина каде што ќе се одвиваат музичките настапи од 21:00 до 02:30 часот. Сите детални информации во врска со програмата и одржувањето на годинашното издание се објавени на официјалната страница на Д Фестивал, на овој линк.