Грандиозниот „Големиот Чајковски“ ќе го отвори годинешното 61-во „Охридско лето“
Спектакуларниот проект ќе ја донесе балетската трилогија со најубавите дела на рускиот композитор Петар Илич Чајковски, „Лебедово езеро“, „Оревокршачка“ и „Заспаната убавица“, како и извадоци од балетот „Ана Каренина“ и операта „Евгениј Онегин“.
На сцената на Античкиот театар ќе излезат над 90 уметници, балетски првенци, солисти, како и ансамблот и оркестарот на Националната опера и балет, предводени од диригентската палка на маестра Бисера Чадловска.
Најавувајќи ја годинешната фестивалска програма, директорката на НУ „Охридско лето“, Наташа Поповиќ, рече дека годинава, и покрај тоа што сѐ уште трае здравствената криза, фестивалот ќе се одржува во стандардниот фестивалски термин, од 12 јули до 20 август.
Директорката на оваа национална установа додаде дека и годинава, програмата ќе се реализира според строго утврдените заштитни мерки по препорака на Комисијата за заразни болести и Министерството за здравство на Македонија, но како што рече, тимот на „Охридско лето“ е поискусен и повеќе подготвен за уште едно издание, и овојпат во пандемиски услови.
На денешната прес-конференција, директорката на НУ „Охридско лето“ Наташа Поповиќ изрази огромна благодарност до покровителот на фестивалот, претседателот на Македонија, Стево Пендаровски, до Владата, до Министерството за култура, до генералниот спонзор Македонски телеком, до Општина Охрид и до сите спонзори и помагатели кои несебично го помагаат фестивалот, а со тоа и развојот на културата.