Поврзи се со нас
Маркетинг

Популарно.мк

Киненова ги додели наградите на најдобрите филмови на фестивалот

МК Сцена

Киненова ги додели наградите на најдобрите филмови на фестивалот

Киненова ги додели наградите на најдобрите филмови на фестивалот

Двете меѓународни жирија ги соопштија наградените филмови во сите натпреварувачки категории на петтото издание на Меѓународниот Филмски фестивал КИНЕНОВА 2020.

Соопштувањето на победниците се одржа во централните вести на ТВ24. Гледачите имаа прилика да ја проследат и да уживаат во возбудливата и оригинална филмска понуда, составена во голем дел од филмови од најновата светска А продукција со ексклузивни права за ТВ прикажување. Меѓу големиот број на македонски премиери, имаше и такви филмови кои што во склоп на овој ТВ формат на КИНЕНОВА фестивалот, доживеаја и светска телевизиска премиера што претставува огромен куриозитет и успех за фестивалот за чија програма позитивните реакции сѐ уште не стивнуваат.

Главното фестивалско жири, составено од легендарниот полски режисер Кшиштоф Зануси како претседател, Драгомир Шолев, режисер од Бугарија и Керем Ајан, актуелен директор на Истанбулскиот филмски фестивал, одлучи во категоријата „Меѓународна конкуренција“, наградата GRAND PRIX за најдобар филм на фестивалот да ја додели на грчкиот филм „ВЕТЕРАН / DEFUNCT“ на Захаријас Мавридис со следново образложение: 

„Филмот „ВЕТЕРАН“ може да се опише дури и со еден епитет – ова е суптилен филм,  сликајќи го на филигрански начин деликатниот однос помеѓу генерациите, помеѓу минатото и совремието“.

Добитникот на главната фестивалска награда за најдобар филм, грчкиот режисер Захаријас Мавридис по повод добивањето на значајната награда изјави:

„Премногу сум возбуден што ја добивам главната награда во Меѓународната конкуренција на Меѓународниот филмски фестивал Киненова 2020. Сакам да се заблагодарам на селекторите кои што го најдоа и го одбраа мојот филм да биде дел од главната натпреварувачка програма на Киненова оваа година. Се заблагодарувам и на жирито за оваа награда која е всушност првата меѓународна награда за мојот филм.“

Во истата категорија, награда за најдобра режија доби филмот „МАРЈАМ“ на Шарипа Уразбајева од Казахстан за многу доследниот стил, одбегнувајќи ги сите стапици на патетика и сентиментализам, сликајќи ја многу строгата и сурова човечка природа и на тој начин вовлекувајќи ги гледачите во приказната, што е восхитувачки според жирито.

А, наградата за најдобро сценарио ја однесе филмот СУПЕРНОВА на Бартош Крулик од Полска со следното образложение на жирито:

„Ова е филм каде што еден случаен смртен случај во сообраќајна несреќа со автомобил е прикажан како космичка катастрофа со што овој филм има една висока спиритуална димензија, но и импресивна стилска уедначеност“.

Во категоријата „Меѓународна конкуренција на куси филмови“, жирито составено од Ален Дрљевиќ, режисер од Босна како претседател, Стефан Арсенијевиќ, режисер од Србија и Ана Дишлиеска Митова, директорка на Филозофскиот филмски фестивал во Скопје, одлучи наградата за најдобар филм од Меѓународната конкуренција на куси филмови да ја додели екс екво на два филма и тоа на македонскиот филм „НАЛЕПНИЦА“ на Ѓорѓи Унковски и „ИЗЛЕГУВАШ ЛИ НАДВОР“ на Инес Јокош од Хрватска.

Специјална награда жирито додели на филмот „МЕДИТЕРАН“ на грчкиот млад режисер Димитрис Анагносту. 

Истото жири ги додели и наградите за натпреварувачката програма на македонски куси филмови, каде наградата за најдобар македонски кус филм ја доби македонскиот филм  „БЕЗ ЉУБОВ“ на Дина Дума, а специјалната награда на жирито отиде отиде кај филмот „ЌЕ МУ СЕ ЈАВАМ НА ТАТКО ТИ“ на Леон Ристов. 

Директорот на Меѓународниот Филмски фестивал КИНЕНОВА, Небојша Јовановиќ рече дека фестивалот оваа година елегантно ги надмина сите бариери и се справи со предизвиците преку фестивалски продукт направен од чиста љубов кон седмата уметност и кон оние кои незапирливо ја креираат.

„Преку телевизискиот формат, во услови на светска криза со КИНЕНОВА ја доближивме врвната филмска уметност до најширок аудиторум и ја направивме многу подостапна, што и беше наша главна мисија“, изјави Јовановиќ.

Исто така, и програмскиот директор на КИНЕНОВА, Игор Анѓелков задоволно изјави дека КИНЕНОВА најде начин и успеа да се одржи со одлична програма која што се емитува на ТВ24.

„Многу сум задоволен што во година кога беше тешко воопшто да се помисли да се организира филмски фестивал, знаејќи дека, меѓу другите, се одложи еден Кански фестивал, а нашиот најстар фестивал „Браќа Манаки“ имаше само една симболична фестивалска вечер, ние сепак успеавме да направиме одлична програма, во која во фокус секогаш е главната, натпреварувачка програма. Ценетото жири на чело со легендарниот полски режисер Кшиштоф Зануси нагласи дека изборот на филмовите бил интересен и богат, и дека се дискутирало буквално за сите наслови, на што сум особено горд. Годинашните лауреати уште еднаш ја покажаа разноликоста во пристапот на КИНЕНОВА, давајќи увид во најдобрите дебитантски остварувања кои доаѓаат од различни светски кинематографии. Продолжуваме понатаму во истражувањето на новите креативни сили во филмската уметност“, изјави Аѓелков.

Програмата на Меѓународниот Филмски фестивал КИНЕНОВА за оваа 2020 година се емитува од почетокот на октомври на Телевизија 24. По барање на гледачите, програмата ќе продолжи да се емитува и во ноември. Распоредот на филмовите и целокупната програма можете да ја проследите на следниот линк: http://kinenova.com/wp-content/uploads/2020/10/Film-Schedule_KINENOVA-2020.pdf.

Главниот и одговорен уредник на веб порталот Популарно.мк. Ѓорги е перспективен новинар кој со својата креативност и талент го направи Популарно.мк дел од водечките информативни сајтови во Македонија. Во исто време е регионален известувач за CNN од Македонија и главен на продукцијата GPTM Production.

Повеќе од МК Сцена

Маркетинг

Трендинг

Маркетинг
Маркетинг
ДО ВРВ
error: Содржината е заштитена со авторски права.