МК Сцена
Концертна промоција на албумот „Најдоброто од Наум”
По повод 35 годишната кариера на македонската и балканска естрада, Наум Петрески и продуцентската куќа АВАРД Промотион, во месец август 2022 ќе го промовираат новото издание „Најдоброто од Наум“ кое ќе содржи дел од неговите најпознати хитови, со концертна промоција во Битола, Охрид и Скопје.
-Ова е фантастична можност илјадниците фанови на Наум заедно со него на сцена, во живо да ги запеат сега веќе легендарните хитови: „Има ли песна”, „Жал за Деспина”, „Оди Ѕвездо”, а на славеникот како гости ќе му оддадат признание за неговиот јубилеј многу пријатели од естрадата, пејачи, актери. Квалитетот на внимателно одбрани песни во изведба на еден од најдобрите македонски пејачи, Наум Петрески, со долгогодишно музичко искуство е одличен пат кон успешноста на новиот редок, но многу значаен музички проект – велат од продукцијата.
Овој проект има вистинска вредност и уметничка тежина кои се од големо значење за одржување на македонската народна музика. За Наум многу не треба да се зборува, познат и признат на балканските простори, обожаван од сите љубители на добрата народна песна. Како круна на неговата успешна 35 – годишна кариера на македонската и балканска естрада се случува и оваа јубилејна турнеја, кој може слободно да го наречеме сребрен јубилеј со златни песни.
Концертната промоција ќе започне во Битола на 4 август во Хераклеа, потоа продолжува во Охрид на 11 август на сцената на Долни Сарај, додека за концертот во Скопје дополнително ќе се информира јавноста.