МК Сцена
Лозано со голема турнеја во Америка!
Една од нашите најголеми музички ѕвезди, Влатко Лозаноски – Лозано за неколку дена започнува со големата турнеја во Америка.
Оваа турнеја требаше да се реализира во 2020 година, но поради светската пандемија со коронавирусот, мораше да биде одложена.
Сега кога се создадени услови за настапување, Лозано конечно ќе отпатува во Соединетите Американски Држави и ќе пее пред нашинците кои ги има во доста голем број.
Првиот негов настап е на големата македонска конвенција која ќе се одржи на 3-ти септември во Чикаго, на која ќе присуствуваат Македонци од цела Америка и Канада. Лозано пред гостите ќе настапи со бенд, а покрај неговите песни, тој ќе ги испее и најпопуларните македонски народни песни.
-Конечно се отстранети сите пречки за турнејата во Америка. Како што знаете, требаше да одам во 2020 година, но се случи пандемијата. Искрено се радувам на турнејата и едвај чекам да настапам пред нашинците. Досега низ годините постојано добивав пораки зошто не одам на турнеја во Америка и еве, конечно ќе се случи тоа. Ги поканувам сите Македонци, односно сите кои ги сакаат моите песни да присуствуваат на моите концерти. Би ја искористил оваа прилика да се заблагодарам на одборот на македонската православна црква Св. Кирил и Методиј од Илиноис за поканата да пеам на овој конгрес и за желбата да направат нешто поразлично од другите години – вели популарниот Лозано.
Исто така Лозано ќе настапи и во неколку други градови и држави во Америка каде има Македонци, но за повеќе детали најдобро е да се следат социјалните мрежи на Влатко на Инстаграм и на Фејсбук.