Меѓународниот Филмски фестивал КИНЕНОВА со продолжена програма на ТВ24 до крајот на ноември
Меѓународниот фестивал на дебитантски филм КИНЕНОВА по барање на публиката продолжува да се емитува на Телевизија 24 до крајот на ноември. Главната програма заврши на 18 октомври, по што филмовите емитувани до тогаш, ќе бидат репризно емитувани и цел ноември.
Нови филмови кои што ќе ги гледаме во продолжената програма на телевизија 24 се кусите македонски филмови и кусите меѓународни филмови од програмата на КИНЕНОВА од петтото издание.
Ѕвезда на годинешното издание на КИНЕНОВА е актерката Бранка Катиќ која што е добитник на наградата за особен придонес во филмската уметност. Главното фестивалско жири GRAND PRIX за најдобар филм на фестивалот ја додели на грчкиот филм „ВЕТЕРАН / DEFUNCT“ на Захаријас Мавридис, а во истата категорија, награда за најдобра режија доби филмот „МАРЈАМ“ на Шарипа Уразбајева од Казахстан. Наградата за најдобро сценарио ја однесе филмот СУПЕРНОВА на Бартош Крулик од Полска, а во категоријата „Меѓународна конкуренција на куси филмови“, жирито одлучи наградата за најдобар филм од Меѓународната конкуренција на куси филмови да ја додели екс екво на два филма и тоа на македонскиот филм „НАЛЕПНИЦА“ на Ѓорѓи Унковски и „ИЗЛЕГУВАШ ЛИ НАДВОР“ на Инес Јокош од Хрватска.
Специјална награда жирито додели на филмот „МЕДИТЕРАН“ на грчкиот млад режисер Димитрис Анагносту. Награда за најдобар македонски кус филм ја доби македонскиот филм „БЕЗ ЉУБОВ“ на Дина Дума, а специјалната награда на жирито отиде отиде кај филмот „ЌЕ МУ СЕ ЈАВАМ НА ТАТКО ТИ“ на Леон Ристов.
Организаторите по завршувањето на официјалниот дел на фестивалот КИНЕНОВА, изјавуваат дека оваа година во услови на криза, фестивалот доживеал популарност што во ниеден случај не ја ни очекувале со оглед на околностите. Задоволно изјавуваат дека КИНЕНОВА е уште еден голем доказ дека филмската уметност особено во денешно време лесно ќе го најде својот пат до публиката и дека било какви бариери, ќе бидат само предизвик на тој пат.