МНТ со бесплатна претстава за медицинските работници
Македонскиот народен театар на 14 октомври ќе ги запали светлата на сцена. Првата претстава по повеќемесечната пауза поради пандемијата, ќе биде во чест на докторите.
„Ги повикуваме хероите на ова време, лекарите и медицинскиот персонал од Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, ГОБ „8 септември“, Детската болница – Козле, епидемиолозите и матичните лекари, да ја проследат првата претстава после паузата и уживаат во актерската игра.“, се вели во соопштението на институцијата.
Се работи за претставата „Говорна мана“, по текстот на Горан Марковиќ, во режија на Драгана Милошевски-Попова, а во која играат Игор Џамбазов, Сашка Димитровска, Ивица Димитријевиќ, Арна Шијак, Ана Стојановска и Билјана Јовановска.
Салата ќе биде со намален капацитет и мерки, согласно протоколите за работа на културните институции.