МК Сцена
Наместо „Коледе, леде“ утре ќе се пее „Вечниот бог“
Коледарската песна „Коледе, леде“ овој Бадник да биде заменета со црковната песна „Вечниот бог“, повикуваат од МПЦ-ОА.
Во девет градови низ Македонија, меѓу кои и во главниот град Скопје, на Бадник ќе се случуваат масовни бадникови поворки, кои ќе го навестуваат Христовото раѓање.
Идејата е да се воспостави традиција на православно празнување на Бандик, со пеење на православни црковни песни, наспроти паганскиот обичај на коледарските посети по домовите и пеење бесмислени пагански песни.
За сите бадникарски црковни поворки задолжени се храмовите во градовите низ Македонија. Сите поворки ќе бидат составени од деца и млади кои ќе се движат пред домовите на православните верници и разни институции. За оваа иницијатива од минатиот Божиќ имаше голем интерес, а таква поворка го посети и домот на Претседателот Ѓорге Иванов.
Оваа идеја на свештенството на МПЦ-ОА, во чија основа е воспоставување на нов начин на православно празнување на Бадник со пеење на православни црковни песни, наспроти, според нив, „паганскиот обичај на пеење бесмислени пагански песни”, најблаго речено ги збуни верниците.
Мислењата се поделени. Дел од нив ја прифаќаат оваа идеја безусловно, други сметаат дека новата песна треба да се пее во литиска поворка, а дека оние кои ќе го најават раѓањето на Исус Христос се коледарчињата, трети пак, одат до таа крајност што „Вечниот Бог” го нарекуваат црковен турбо-фолклор.