МК Сцена
„Таксират“ го најавува своето 21-во издание
Се вели дека бројот 21 претставува симбол на индивидуалност. Енергијата на овој број е составена од вибрациите на број 2 и број 1. Бројот два претставува атрибут на двојност и пронаоѓање на рамнотежа, соработка и охрабрување, а енергија на бројот еден вклучува нови почетоци, независност, единство, мотивација и успех. Овие компоненти го прават бројот 21 сестран, енергичен и харизматичен.
На тој начин 21 издание на фестивалот го почнуваме со еден од најголемите пријатели на „Таксират“, музички револуционер, човек, често нарекуван и антиглобалист и борец за човечки права, Ману Чао, кој во Скопје ќе настапи со својот музички проект El Chapulín Solo.
На 24 октомври со почеток во 22 часот ќе настапи во Младински Културен Центар, заедно со Лучано Фалико – гитара и Мауро Манчебо – бонго. Во акустична верзија пред македонската публика El Chapulín Solo ќе ги изведат своите најголеми хитови: „Seeds of Freedom“, „La Vida Tombola“, „Sibérie“, „Mala Vida“ и многу други.
Концертот е со ограничен капацитет од 800 посетители, а билетите по цена од 700 денари веќе се при крај и можат да се најдат во продажната мрежа на MkTickets.
Светските продуценти „Chase & Status“ на главната вечер на „Таксират“
Бејс продуценти и херои на електронската сцена „Chase & Status“ ќе бидат дел од годинешното издание на Таксират фестивал, на 7-ми декември во СЦ „Борис Трајковски“.
„Chase & Status“ важат за еден од најуспешните британски бендови во последната деценија. Членовите на бендот кој е оформен во 2003 година, во 2018-та прославија 15 години постоење и го издадоа нивниот четврти студиски албум, насловен „RTRN II JUNGLE“ со кој доаѓаат и на сцената на „Таксират“. Нивниот неверојатен проект претставува културно движење, кое ја транспортира „џунглата“ од деведесеттите во иднина, оживувајќи го чувството кога електронската музика за прв пат експлодираше на клупската сцена.
На „Таксират“ тие ќе настапат со моќен сет и конечно пред македонската публика ќе покажат зошто важат за едни од најпочитуваните изведувачи во драм’ен’бејс светот. Chase & Status повеќе од 16 години се активно присутни на светската музичката сцена и се вклучени меѓу хедлајн артистите на најголемите фестивали во светот.
Конкурсот за Лузер Фест продолжува: победникот ќе сними албум
„Лузер фест“, традиционален предвесник на финалната вечер на „Таксират“ оваа година ќе се одржи на 6 декември во Младински културен центар во Скопје. Настанот е наменет за демо артисти и изведувачи од сите жанрови кои создаваат авторска музика и кои досега немаат официјално издание. Победникот на „Лузер Фест“ ќе биде награден со снимање на студиски албум, во издание на „Пасворд Продакшн“.
Сите заинтересирани бендови се молат на овој линк да достават кратка биографија и 3 снимки, кои можат да се од настапи во живо, демо-снимки или од проби. По барање на бендовите на кои им е потребно повеќе време за да го подготват материјалот за пријавување, конкурсот за „Лузер фест“ е продолжен до 30 октомври.