Поврзи се со нас
Маркетинг

Популарно.мк

Јубилејното издание на „Браќа Манаки“ отворено со доделување на Златна камера 300 на Едвард Лакман (ФОТО)

МК Сцена

Јубилејното издание на „Браќа Манаки“ отворено со доделување на Златна камера 300 на Едвард Лакман (ФОТО)

Битола започна да дише со фестивалот „Браќа Манаки“. На црвениот килим пред Центарот за култура поминаа бројни странски и домашни филмски работници, режисери, кинематографери, членови на меѓународното жири како и претставници на највисокиот политички врв на земјата, јавни личности и голем број битолчани.

Пред да стигнат на црвениот килим гостите и публиката поминаа низ специјално изградена конструкција во која се одвиваше преформансот во чест на јубилејот на еден од најголемите филмски фестивали посветен на работата на кинематограферите во Европа. Беше тоа своевидно синематично доживување во кое и публиката беше вклучена како актер, како еден фрејм од „филмот”. Доживување во кое реалноста се претопува во уметност и обратно. Во перформансот учествуваа кореографката Искра Шукарова, режисерот Јохан Мелин од Шведска, а го режираше Срѓан Јаниќијевиќ.

„Едно кадро за мене, едно за историјата“ било мотото на браќата Милтон и Јанаки Манаки, кои со својот немирен дух ја измениле Битола. Балканската филмска историја почнала токму овде, во Битола, градот со богата културна традиција, каде вечерва беше отворено јубилејното 40-то издание на ИФФК „Браќа Манаки“ и беа врачени наградите „Златна камера 300“ за животно дело на Едвард Лакман и „Големата ѕвезда на македонскиот филм“ што ДФРМ му ја додели на композиторот Љупчо Константинов.

This slideshow requires JavaScript.

Присутните на отворањето на јубилејното издание на ИФФК „Браќа Манаки“ ги поздрави градоначалничката на Битола, Наташа Петровска, која им посака добредојде на сите, а министерот за култура на Република Северна Македонија, Хусни Исмаили изрази задоволство што на јубилејното славење на филмот на најстариот фестивал за филмска камера во светот, ја има можноста да ја сподели сцената со доајените од македонската кинематографија, и со великаните од светскиот филм.

-Би сакал да се поклонам пред основоположниците на македонската современа организирана кинематографија кои покажаа храбра визија кога пред 40 години, во градот на првите сниматели на Балканот, почнаа да ги организираат тогашните „Манакиеви средби“. Тие пионери, посветени вљубеници во филмот, како и генерациите по нив, и денешните млади филмаџии и менаџери, успеаја да се изборат за блескаво место на фестивалот „Браќа Манаки“ во мапата на огромниот број фестивали за филм во целиот свет. Тие успеаја да го привлечат, да го одржат и да го зголемуваат вниманието кон Битола, кон Северна Македонија, кон филмот во регионот на најврвните филмски професионалци меѓу кинематограферите чие творештво е дел од светската историја на филмот, истакна Исмаили.

Од името на ИМАГО, Меѓународната асоцијација на кинематограферите, присутните ги поздрави Најџел Волтерс.

-Сите ние овде денеска сме собрани за да го славиме раскажувањето преку подвижните слики и да се потсетиме на денот кога Јанаки заминал во Лондон за да ја купи камерата и воопшто не претпоставувал дека алатката која ја купува ќе стане главната алатка на најголемата уметност на иднината. Битола стана Мека на сите кинематографери и како потпретседател на британското здружение на кинематографери дојдов овде да ви ги пренесам честитките и од најголемиот број на лауреати на овој фестивал во изминатите години. Правењето филмови е колаборативен потфат, а исто така и правењето ваков фестивал е колаборативен потфат, рече Волтерс.

Тој се заблагодари и на ДФРМ за помошта што им ја пружиле на ИМАГО за одржување на годишна конференција на ИМАГО која се одржува за време на Фестивалот и која ги обединува деветте кинематограферски друштва од Балканот.

-Многу ми остави впечаток онаа година кога дојдов, а Фестивалот беше префрлен во Скопје, пред отворањето излегов надвор и додека врнеше пороен дожд видов една група голема група луѓе од Битола кои стоеја таму и протестираа затоа што им беше одземен фестивалот. Не знам дали меѓу вас се некои од тие луѓе, но јас сметам дека тие се вистинските херои на Фестивалот, заедно со волонтерите, кинооператорите, сите оние луѓе кои навистина напорно работат за сето ова да се реализира, подвлече Волтерс.

Џим Шеридан, едно од најимпресивните европски ирски филмски имиња, режисер, сценарист, продуцент и филмски творец на незаборавнни филмски стории на присутните им се обрати од името на ЕФА. Потсетувајќи се на една случка од детството Шеридан укажа на важноста на телевизијата.

-Телевизијата понекогаш ја потценуваме, не сме свесни колку се моќни подвижните слики. Големо е задоволството што сум избран од името на ЕФА да бидам вечерва на оваа свеченост каде се слави филмската уметност, истакна Шеридан.

Претседателот на ДФРМ, Игор Иванов своето обраќање го започна со „Првите 40 се најтешки“ – што всушност беше мотото зад кое стои организацијата на ова издание на Фестивалот.

-Македонскиот филм имаше мошне успешна година каква што одамна не сме имале. Не само во презентација туку и во продукција. Се снимија 7 играни филма, беа да се смета копродукцијата, но претрпевме и огромни загуби. ДФРМ загуби 5 свои филмски легенди: Томе Моловски, Ангел Кузмановски, Мето Петровски, Кирил Ценевски и Драган Салковски.

Иванов му ја врачи наградата „Големата ѕвезда на македонскиот филм“ на ДФРМ на композиторот Љупчо Константинов. Оваа година наградата изгледа малку поинаку, а ја изработи „Божиновски“, јувелир од Битола.

-Македонија е мала земја, ние сме мала кинематографија и во таа смисла не смееме да направиме грешка. Досега оваа награда ја добиле Кирил Ценевски, Милчно Манчевски, Дарко Марковиќ, Сајмон Пери, Милица Стојанова и „Вардар филм“ нашата највредна филмска продукција. 35 авторски музики за филм направи Љупчо Константинов, работеше со најголемите режисери во македонскиот филм и надвор од тоа, подвлече Иванов при врачувањето на ова големо признание.

Заблагодарувајќи се на ДФРМ за доделената награда и на режисерите кои имале доверба да му доверат да ја напише музиката за нивните филмови, Константинов истакна дека оваа вечер за него има посебно значење бидејќи потекнува од Битола.

-Во изминативе години некогаш бев повеќе, а некогаш помалку успешен, но и понатаму ќе се трудам да бидам подобар и подобар, рече Константинов.

Покровителот на Фестивалот, Претседателот Стево Пендаровски го отвори фестивалот и ја врачи наградата „Златна камера 300“ за животно дело на Едвард Лакман, кинематографер кој досега има две номинации за „Оскар“, „Бафта“за животно дело и е наречен „Волшебникот со камерата“.

-Односот меѓу кинематограферот и режисерот не е како брак, туку како двојка која танцува. Само прашање е дали двајцата ја слушаат истата музика. Режисерот е оној којшто ја поставува сцената и треба да ги третира кинематограферите како уште еден актер која ја дава својата најдобра изведба, но важно е дали режисерот ќе му овозможи навистина да блесне во сиот свој сјај. Ова е ретка можност за мене, многу слушав за Фестивалот и со години сакав да дојдам овде. Да се биде во друштво на толку големи имиња кои биле лауреати, од кои дел биле мои ментори, како Свен Линквист, Роби Милер…Едноставно не знам дали припаѓам овде, во тоа наследство. Во овој дел од животот добивањето на едно вакво признание се чини дека е завршница, но мене ми се чини дека покажува оти тоа е постојан процес на учење едни од други и учење преку различни искуства. Патувањето е она што е важно, а не самата дестинација. Ова што денес се случува за мене е повторна посета, на сеќавања, на стари пријатели и на создавање на нови пријателства, рече Лахман.

Честитајќи го 40-годишниот јубилеј на фестивалот, претседателот Пендаровски истакна дека тој е резултат на истрајноста и неуморниот ангажман во изминатите четири децении на сите коишто се вклучени во организацијата и во селекцијата на програмата. Со тоа, како што рече претседателот Пендаровски, доследно и посветено е чувано наследството коешто го оставија Јанаки и Милтон Манаки.

-Штом ќе доживее четириесет години, за еден фестивал не велиме дека е стар, туку дека пронашол трајно своето место во културата на една држава и на еден народ. Фестивалот „Браќа Манаки“ започнал како скромен собир во чест на првите балкански кинематографери. Претпоставувам дека тогаш тоа било и еден вид пилот-епизода за којашто ретко кој верувал дека ќе прерасне во реномиран европски и светски познат фестивал. А тоа, секако, дека се должи на најмалку две причини.Нескршливата волја при чекорењето по единствената можна насока на креативноста, што не е лесно во едно непредвидливо и брзо време во кое се менуваа идеологиите, вредностите, границите на државите и на светот. Наспроти таквата динамика, фестивалот тука, во Битола, донесе некои од најмаркантните имиња на филмската уметност, воопшто, меѓу кои и многу кандидати и добитници на „Оскар“.40-годишниот јубилеј, секако, е резултат и на прецизно конципираниот репертоар низ годините. Филмската уметност е ангажирана уметност која, меѓу другото, зборува и за совеста на општеството. За мене и за многумина, филмските уметници се контракултурните херои кои на филмското платно адресираат дел од најгорливите прашања на нашето време-социјалната неправда, човечкото достоинство, бегалците, дискриминацијата, екологијата…Доволно е да ја прелистаме програмата за да видиме дека огромен број од филмовите се посветени на доминантните теми во светот и кај нас. Тие не само што нè замислуваат, туку и нè охрабруваат да се бориме против рамнодушноста и исклученоста од светот и од животот, нè инспирираат да ја почитуваме различноста и со тоа да создаваме општество на еднакви граѓани, кое ќе нуди иста шанса за сите, потенцираше Пендаровски.

Директорката на фестивалот, Гена Теодосиевска, која го понесе слоганот „Филмот ни припаѓа на сите нас“ се заблагодари на сите кои помогнаа во реализацијата на фестивалот и на сите оние кои оваа вечер во салата седеа на столчето на кое седеле нашите претци на почетокот на „Манакиевите средби“.

-За мене овој фестивал е мојата филмска школа. Јас од 1985 година сум дел од вас, од овој Фестивал. Навистина можам да кажам дека овој Фестивал е мојата голема љубов. Велат дека оние кои прашуваат ја носат светлината. Овие филмови кои ги одбравме за вас ќе ви постават многу прашања, рече Теодосиевска.

На отворањето на четириесеттото издание на ИФФК „Браќа Манаки“ беше прикажан филмот „Болка и слава“. На свеченоста присуствуваше и кинематограферот Хозе Луис Алкаине.

– Втор пат сум во Битола и повторно ова е неверојатно искуство за мене. Мојот прв јазик не е англискиот, не е ниту македонскиот, ниту шпанскиот, туку сликите и се надевам дека преку сликите ќе ви го пренесам она што сакам да ви го кажам, рече Алкание пред проекцијата.

Главниот и одговорен уредник на веб порталот Популарно.мк. Ѓорги е перспективен новинар кој со својата креативност и талент го направи Популарно.мк дел од водечките информативни сајтови во Македонија. Во исто време е регионален известувач за CNN од Македонија и главен на продукцијата GPTM Production.

Повеќе од МК Сцена

Маркетинг

Трендинг

Маркетинг
Маркетинг
ДО ВРВ
error: Содржината е заштитена со авторски права.