Поврзи се со нас
Маркетинг

Популарно.мк

„Ѕвездена музика“ со оркестарот на Филхармонија

МК Сцена

„Ѕвездена музика“ со оркестарот на Филхармонија

„Ѕвездена музика“ е насловен концертот на оркестарот на Филхармонија кој ќе се одржи в четврток во 20 часот. На програмата е инспиративната компилација на едно од најзначајните дела во историјата на музиката – „Прстенот“ на Рихард Вагнер, како и впечатливиот концерт за тромбон и оркестар „Старгејзер“ од Џонатан Дав. Диригент е Тимоти Редмонд, а солист Питер Мур од Велика Британија. 

Тромбонистот Питер Мур на 12 години, во 2008 година, стана најмладиот победник на натпреварот за млади музички уметници на „Би-Би-Си“. На 18 години Мур беше назначен за ко-главен тромбонист на престижниот Лондонски симфониски оркестар. 

– Мојот стил во минатото беше да ги земам работите во мои раце и да не размислувам за далечната иднина, но кога ќе погледнам наназад, да, имав среќа да бидам дел од толку многу прекрасни музички искуства – вели Мур.

Питер Мур (1996) е роден во Ирска, и таму го почнал музичкото образование, за да продолжи во Англија на студии за напредна програма на Кралската академија за музика. Едни од неговите последни ангажмани се соло дебијата со Симфонијата на Луцерн, со Филхармонија на Тајланд и Симфониските оркестри на „Би-Би-Си“, рецитали во „Барбикан“ и „Вигмор Хол“, во Австралија и Нов Зеланд, како солист со Националниот оркестар на „Би-Би-Си“ во Велс, со Брајтон филхармонија, на Европскиот фестивал за тромбони во Ротердам…

Тимоти Редмонд се усовршувал на мајсторски курсеви по диригирање со Јан Паскал Тортелије, Иља Мусин, Џорџ Хрст и Пјер Булез. Од 2006 година Тимоти Редмонд е шеф-диригент на Филхармонијата на Кембриџ и диригира со сите водечки британски оркестри, меѓу кои Лондонскиот симфониски оркестар, Кралскиот филхармониски оркестар од Ливерпул, оркестарот на градот Алстер, филхармониските оркестри на „Би-Би-Си“ и многу други. Кариерата го води во Франција, Белгија, САД, Финска, Босна и Херцеговина, каде што диригира со оркестри и работи на оперски продукции. Неодамна во САД, Редмонд работи како диригент на подготовките на нова опера базирана на приказната „Чарли и фабриката за чоколада“, а неодамна ја збогатува сопствената дискографија снимајќи компакт-диск со француската виолончелистка Офели Гајар за „Наив рекордс“. 

„Прстенот на Нибелунзите“ од Рихард Вагнер не е само најамбициозно, туку и едно од најимагинативните музичко –сценски дела во историјата на музиката. Специфична карактеристика на музичкиот стил во ова дело е техниката која ја развива Вагнер преку иновативниот принцип на лајтмотиви – кратки музички фрази кои музички отсликуваат личност, објект или идеа. Овие лајтмотиви играат значајна улога во „Прстенот“ во океанот од звуци и форми кои го надополнуваат драмскиот развој на делото.  Со цел да се приближи музиката од овoj музичко –сценски циклус до пошироката публика, направени се оркестарски аранжмани од современиците на Вагнер. Во овие аранжмани оркестарот има главна улога, нема големи интервенции во музичкиот дело, а резултатот е толку убедлив, што воопшто не се забележува дека станува збор за аранжмани. 

Еден од поновите аранжмани е на Хенк де Флигер, перкусионист во Филхармонијата на Радио Холандија… Токму овој аранжман на „Прстенот“ ќе го чуеме на концертот в четврток. 

Концертот за тромбон е нарачка од страна на Лондонскиот симфониски оркестар за нивниот тогашен главен тромбонист Иан Бусфилд кој во 1999 година, сепак, го напуштил оркестарот за време на подготовката на делото одложувајќи ја премиерата. Па така, првата изведба на ова дело се случила дури во 2007 во „Барбикан“ хол во Лондон со ЛСО, Бусфилд како солист и маестро Мајкл Тилсон Томас. Како и да е, ако тромбонот, особено во делата на поствоените модернисти како Лучано Берио или Винко Глобокар е претставен во „кловновска“ улога како некаква трагикомична афазија, Џонатан Дов му дава поетика, метафора во умот како „човек со телескоп кој го пребарува ноќното небо“, истражувајќи низ оркестарските соѕвездија. 

Главниот и одговорен уредник на веб порталот Популарно.мк. Ѓорги е перспективен новинар кој со својата креативност и талент го направи Популарно.мк дел од водечките информативни сајтови во Македонија. Во исто време е регионален известувач за CNN од Македонија и главен на продукцијата GPTM Production.

Повеќе од МК Сцена

Маркетинг
ДО ВРВ
error: Содржината е заштитена со авторски права.